На скопските улици сѐ поретко се гледаат дел од приватните автобуси кои се дел од јавниот превоз. Причината, според некои превозници, е проста – нема пари.
Не само што нема нови исплати, туку и старите долгови од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) сѐ уште не се сервисирани.
Еден од сопствениците на приватен автобус, со кого разговаравме, вели дека го оставил возилото паркирано и дека нема намера да го врати на улица сѐ додека не му се исплати секој денар.
„Мојот автобус стои од минатата недела. Едноставно не можам да работам со загуба. Од јануари немам добиено ниту денар. ЈСП ми должи околу 20.000 евра. Од сето тоа, во последниве шест месеци ми исплатија само 2.500 евра. Со тие пари не можам ни гориво да платам за две недели“, вели огорчено нашиот соговорник од Скопје, кој со години наназад вози по градските линии како дел од системот на јавниот превоз.
Тој детално објаснува дека работењето на автобус не е ни малку евтино:
„Гориво полнам два пати неделно. Еден полн резервоар ме чини околу 200 евра. Тоа се 400 евра неделно, или 1.600 евра месечно. А каде се другите трошоци? Имам возач, треба да му пуштам плата. Треба да ја покријам регистрацијата, одржувањето, дефектите, да сменам гума, да платам осигурување… Овие луѓе изгледа мислат дека ние работиме на струја и на воздух“.
Тој додава дека и покрај бројните апели до институциите и ЈСП, одговор нема, или ако има – се сведува на празни ветувања.
„Ние не бараме ништо друго освен она што веќе сме го заработиле. Возевме редовно, не сме го прекршиле договорот. Имавме редовна линија, дури и кога беше снег и кога гореше. Ако очекуваат да работиме без пари, нека дојдат тие да пробаат. Ќе им дадам клучеви од автобусот, па нека видат колку е евтино“, вели тој со иронија.
Одлуката да го паркира автобусот, признава, била тешка, но и неопходна.
„Го паркирав автобусот со тешко срце. Тоа ми е лебот. Ама и не можам да дозволам да трошам од дома за да го финансирам градот. Не сум спонзор на Скопје. Нема да го мрднам автобусот од место сѐ додека не ми ги исплатат сите пари до последен денар“, категоричен е возачот.
Оваа состојба не е изолиран случај. Според информации од здруженија на приватни превозници, слични проблеми имаат и други сопственици на автобуси. Некои сѐ уште возат во надеж дека исплатата ќе дојде, но со сѐ поголема горчина и неизвесност.
Ситуацијата се заканува да создаде уште поголем хаос во јавниот превоз на главниот град, особено со оглед на тоа што голем дел од автобусите на градските линии се токму во сопственост на приватни превозници.
„Нека најдат начин, нека ни платат, па ќе продолжиме. Инаку, нека се снаоѓаат како знаат. Јас не сум волшебник“, заклучува нашиот соговорник.
Граѓаните веќе чувствуваат последици од оваа ситуација – дел од линиите доцнат или се поретки, а некои автобуси воопшто не сообраќаат. Прашањето е – до кога?
Б.З.М.