Од април оваа година Хрватска влезе во нова фаза на регулирање на пазарот на трудот, особено во делот на сезонското вработување на странски државјани – категорија што особено го засега регионот, вклучително и Македонија.
Новите правила ги поставуваат и работниците и агенциите на нови основи, каде импровизациите и „гледањето низ прсти“ веќе нема да поминуваат.
Со почетокот на туристичката сезона, крајбрежните градови и острови во Хрватска традиционално се преплавени со потреба од персонал – келнери, собарки, готвачи, помошници. Со недостиг на домашна работна сила, странските сезонци станаа двигатели на целиот сектор.
Но, сега државата воведува ред.
„Системот со години се потпираше на флексибилност и, во некои случаи, на хаос. Сега веќе не. Работната дозвола важи само за конкретна компанија и конкретна позиција. Ако работникот сака да смени работодавач – мора нова постапка, нова дозвола“, вели адвокатката Ана-Марија Вујановиќ од канцеларијата „Јурис Пакт“ во Сплит.
Тоа значи крај на праксата во која странските работници шетаа од објект до објект преку истата агенција, зависно од потребите на работодавците. Сега, секоја промена ќе биде предмет на административна процедура, а непочитувањето – казниво.
Поголема промена е и во одговорноста – споделена и неизбежна. Досега, агенциите и компаниите често ја префрлаа вината една на друга. Сега тоа е невозможно.
„Ако се утврди неправилност – лошо сместување, неисплатени плати или преработка – и агенцијата и компанијата ќе бидат санкционирани. Тоа не се само парични казни. Во некои случаи ќе се забранува понатамошно користење странски работници“, предупредува Вујановиќ.
Промените се и во корист на работниците. Од сега, сите – без разлика дали се трајно или привремено вработени – мора да имаат исти права. Тоа значи иста плата, иста должина на работно време, слободни денови и одмор, како и пристоен, хигиенски и безбеден сместувачки простор.
Александар, 28-годишен сезонец од Македонија, кој лани работел како келнер во Трогир, вели дека ова е добра вест:
„Имав среќа, ама видов колеги кои спиеја по шупи, без вода, а се плашеа да се пожалат. Ако сега тоа е забрането, тоа е само напредок“.
Дополнително, воведен е т.н. „тест на пазарот на трудот“ – мерка што значи дека пред секоја дозвола за странски работник, компанијата мора да докаже дека не може да најде домашен кандидат. Само ако нема домашен интерес – може да се донесе странски работник.
Според податоци на хрватското Министерство за внатрешни работи, во 2024 година издадени се над 130.000 дозволи за странци, од кои голем дел се од Балканот. Со новите закони, државата сака да го задржи тој тренд, но под контролирани, транспарентни и фер услови.
„Ќе биде потешко да се стигне до работа, но оние што ќе дојдат – барем ќе имаат достоинствени услови“, резимира Вујановиќ.
Останува да се види дали агенциите и работодавците ќе можат брзо да се адаптираат на новите правила.
Но едно е сигурно – во Хрватска веќе не е доволно само да доведеш работници. Сега мораш и да се грижиш за нив.
Б.З.М.