На македонскиот пазар на половни возила, измамата со враќање километража станува сè поголем проблем.
Секојдневно, десетици купувачи несвесно стануваат жртви на оваа подла пракса, плаќајќи илјадници евра за возила кои изгледаат како „одлична прилика“, но зад бројчаникот кријат вистинска механичка истрошеност.
Според проценките на стручњаците, фалсификувањето на километражата ги чини македонските купувачи милиони денари годишно.
„Најчесто враќаат од 100.000 до 200.000 километри. Особено кај дизелските модели кои се увезуваат од Германија или од Италија. Тоа е доволно да го убеди купувачот дека се работи за ‘незапрено’ возило, иако реалноста е сосема друга,“ вели автомеханичарот Драган, кој веќе 20 години работи во сервис во скопската населба Кисела Вода.
Според него, фалсификувањето на километража најчесто се прави со едноставна компјутерска алатка која може да се купи онлајн.
„Тоа што порано се правеше со раце и со шрафцигер, денес се прави со лаптоп и со кабел. Многу лесно, многу брзо – и многу тешко за докажување“, додава нашиот соговорник.
Измамата не прави разлика меѓу буџетски и луксузни автомобили. Манипулацијата се врши подеднакво и кај евтини градски автомобили и кај скапи SUV модели, особено оние што се барани на нашиот пазар.
Според сознанија од автоувозници, најчесто се фалсификуваат километражите на возила од Германија, Австрија и од Франција.
Причината? Во овие земји, автомобилите се експлоатираат до максимум, па за да изгледаат како „чувани“, бројачот мора да се врати.
Купувачите, пак, ретко имаат начин да ја откријат вистинската километража – освен ако не побараат дијагностика или документација од странство. Но и тогаш, како што објаснува Драган, не се гарантира ништо.
„Имавме случај со BMW од 2016 година. Клиентот мислеше дека купува возило со 140.000 километри. Откако го отворивме модулот за менувач, видовме дека реално имал над 350.000. Тоа е веќе камионска километража. И секако, му се расипа менувачот по три недели. Поправката ја плати 1.200 евра“, раскажува тој.
Дел од вината лежи и кај регулаторните тела кои, иако знаат за проблемот, ретко преземаат конкретни мерки.
Во Македонија, засега нема централна база за проверка на километража, како што има во некои западноевропски земји. Тоа остава простор за огромна сива зона.
Некои автосалони и сервиси доброволно воведуваат услуги за проверка, но тие најчесто не се користат – купувачите се водат од цената и изгледот, не од податоците.
За да се заштитат, експертите советуваат граѓаните секогаш да бараат дијагностика пред купување, да проверуваат дали километражата е логична според староста на автомобилот и видот на моторот, како и да се сомневаат кога бројот на километри изгледа „предобро за да е вистинито“.
„Најскапи се тие евтини коли“, порачува Драган, алудирајќи на фактот дека секој враќан километар може да значи скриен проблем кој ќе чини многу повеќе од почетната „поволна“ цена.
Б.З.М.