Во свет каде што трошоците растат побрзо од платите, сè повеќе студенти во Македонија се приморани да го поделат своето време помеѓу универзитетските обврски и работните задачи.
Балансирањето меѓу студии и работа често изгледа како жонглирање со две огнени факли – бара умешност, отпорност и силна волја.
„Станувам во 6 часот, одам на работа до 2 часот, потоа трчам на предавања, а дома доаѓам околу 9 навечер. Понекогаш ни самиот не знам како успевам“, вели Александар Ристоски (21) од Прилеп, студент на Филозофскиот факултет и келнер во скопски ресторан.
Тој признава дека ваквото темпо е исцрпувачко, но потребни – неговите родители не можат да го финансираат целосно, па мора сам да покрива дел од трошоците.
Слична приказна раскажува и Емилија Јованова (23) од Штип, студентка на Економскиот факултет и маркетинг асистент во приватна фирма.
„Клучот е во организацијата. Но дури и најдобриот план може да падне во вода кога ќе ти се насоберат испити, проекти и рокови на работа во истата недела“, вели таа.
За Емилија, менталното здравје знае да биде најмногу на удар:
„Чувствувам вина кога не учам, а и вина кога не давам сè од себе на работа. Живеам со постојан притисок“.
Експертите предупредуваат дека долгото изложување на ваков стрес може да остави последици.
Социологот Љубица Маџовска во разговор за Денар вели:
„Младите кои студираат и работат истовремено имаат поголема веројатност да развијат анксиозност или замор, особено ако немаат поддршка од околината. Потребно е образование кое ќе биде пофлексибилно и работни места што ќе разбираат дека имаат студент пред себе, а не полноработен професионалец“.
Сепак, не се сите последици негативни. Многумина од овие млади луѓе развиваат дисциплина, вештини за менаџирање време, и стекнуваат практично искуство кое нивните колеги без работа го немаат.
„Повеќе сум подготвен за реалниот свет одошто кога само учев. Сè што читам на предавањата, гледам како функционира во пракса“, објаснува Александар.
Но, колку и да е голема добивката, цената што се плаќа за оваа „двојна смена“ е сериозна. Недостаток на слободно време, социјален живот сведен на минимум, хроничен замор – тоа е реалноста за многу студенти во земјава.
Во општество што сè уште се колеба околу вредноста на трудот на младите, оние кои работат и студираат секојдневно ја учат најтешката лекција: успехот не се мери само со оценки или примања – туку со способноста да опстанеш во систем што често не те штити.
Б.З.М.