30 мај, 2025
ПочетнаТВОЈ ДОКТОРВакцините и нивното значење

Вакцините и нивното значење

На крајот на минатиот месец во нашата земја ја одбележавме Европската недела на имунизација. Се работи за иницијатива на СЗО и МЗ, се со цел подигање на свеста кај населението за огромната улога што ја има процесот на имунизација во спречувањето и заштитата од одредени заболувања.

Опсегот на вакцинација не е задоволителен во нашата земја, посебно не за одредени вакцини како што се МРП И ХПВ. Од тие причини посебен акцент оваа година се става на овие две вакцини. Вакцината против морбили, рубеола и паротит(мрп), за прв пат е воведена кај нас далечната 1972год. Се прима во две дози. Првата на полни 14 месеци, втората при поагање во училиште на 6 год. Досега нашата земја се соочила со неколку епидемии на морбили, последната во 2019та година. За време на епидемијата се зголемува бројот на вакцинирани деца, достигнувајќи го оној потребен минимум за задоволителен опсег на вакцинација, но последните 2-3 години бележиме значителен пад на вакцинацијата, некаде околу 71-72%, на национално ниво.

ПРИЧИНИ ЗА ОПАЃАЊЕТО НА ВАКЦИНАЦИЈАТА:

  • Не треба да ја заборавиме неодамнешната Ковид пандемија, каде целокупниот здравствен систем беше насочен кон ковид вакцинацијата.
  • Социјални мрежи: Секојдневно се шираат лаги, дезинформации, научно непотврдени факти по Фејсбук, Инстаграм, Тик-ток и по разните форуми, каде може да се споделуваат безброј неточни и измислени информации кои делуваат негативно врз одлуката на родителите за вакцинација на своето дете.
  • Антивакцинални здруженија: Истите шираат и даваат лажни докази за вакцините. Се споделуваат информаци од сомнително потекло од страна на лица кои немаат медицинско образование.
  • Медицински лица-антиваксери. Во последно време зголемен е бројот на здравствени работници кои шираат паника мегу населението за опасноста и штетноста од процесот на вакцинација. Ниту е етички, ниту професионално оној кој се обврзал на Хипократова заклетва да шири лажни вести и дезинформации меѓу пациентите.
  • Слаба здравствена едукација на населението: Во нашата земја неопходни се постојани едукации, предавања од страна на здравствените работници, одржување на работилници (школи,градинки), медиуми, интернет портали, со единствена цел: добивање точна, стручна и сигурна информација која е базирана според научни трудови.
  • Недоверба кон здравствените работници и воопшто кон целокупниот здравствен систем, квалитетот и безбедноста на вакцините.
  • Поврзување на одредени вакцини со појава на болести (МРП со аутизам, ХПВ со неплодност).

Можеби една од најчестите причини  за одбивање на МРП вакцината е токму поврзувањето со појавата на аутизмот. Се повеќе родители ја одложуваат истата, се до појава на првиот говор и првите чекори на детето. Но, она што е кристално јасно и медицински оправдано е дека не постојат научни докази за поврзаноста на вакцината со појавата на аутизмот. Можеби овде потребно е повеке едукација кон онаа што значи добар животен стил, избегнување стрес (посебно во тек на бременоста), здравата исхрана, чистиот воздух. Мораме да бидеме внимателни кон процесот на вакцинација и да знаеме дека одредени високо заразни болести не исчезнале спонтано, туку истите се ставени под контрола, благодарение на имунизацијата. Вакцинирањето не смее да се гледа низ призмата на слободата или изразувањето на правата на поединци или групи. Нема политизирање во врска со тоа. Јавноста не смее да паѓа на теории на заговор. Живеењето во големи заедници, покрај што има привилегии има и свои одговорности. Вакцинацијата е една од најисплатливите јавно-здравствени мерки. Вакцинирањето на децата е колективна одговорност! Секое дете заслужува најдобар почеток на животот, а превентивната здравствена заштита е клучна компонента за постигнување на таа цел!

Д-р Каролина Ристова

Специјалист – Педијатар

Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП