⦁ Вкупниот деловен обем на Групацијата порасна за 18% во споредба со Q1, 2024-та година, достигнувајќи 553,7 милиони евра, првенствено поради зголемување на бруто полисираната премија.
⦁ Добивката пред оданочување на Групацијата се зголеми за 25%, достигнувајќи 54,3 милиони евра, додека нето-добивката порасна за 26% и изнесува 46,1 милион евра.
⦁ Комбинираниот количник за сегментите Неживотно осигурување и Здравство изнесуваше 88,5%, задржувајќи се на слично ниско ниво како и претходната година. Новата бизнис маржа во сегментот Животно осигурување изнесуваше поволни 11,7% (Q1, 2024-та година: 14,9%).
⦁ Капитализацијата на Групацијата останува во рамките на целниот опсег од 200–250%.
⦁ Предложената дивиденда за исплата во 2025-та година изнесува 2,80 евра бруто по акција, што е вкупно 63,7 милиони евра, што претставува околу половина од консолидираната нето-добивка за 2024-та година и зголемување од 60% во однос на претходната година.
Андреј Слапар, претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, изјави: „Во првиот квартал остваривме добивка пред оданочување од 54 милиони евра, што претставува зголемување од 25% во однос на истиот период минатата година. Главниот двигател на растот беше осигурителната дејност, која што забележа силен раст на премиите и ја задржа профитабилноста, што се гледа преку поволниот комбиниран количник, кој што остана непроменет во споредба со минатата година. И покрај неповолните услови на финансиските пазари, инвестицискиот сегмент исто така оствари солидни резултати со зголемена стапка на принос.
Групацијата Триглав останува добро капитализирана и финансиски стабилна. Во работењето посветивме особено внимание на понатамошна диверзификација на портфолиото на производи и унапредување на интернационалното присуство, што претставува една од нашите клучни стратешки амбиции. Во структурата на премиите, дополнително го намаливме уделот на словенечкиот пазар и го зголемивме уделот на бизнисот на меѓународните пазари за осигурување и реосигурување, особено преку активното реосигурување и FOS трансакции.
Оваа година, целиме на добивка пред оданочување во опсег од 130 до 150 милиони евра. Врз основа на моментално достапните информации и очекуваното деловно опкружување, очекуваме оваа цел да ја постигнеме до крајот на годината. Поставивме амбициозни стратешки цели за 2030-та година, со намера да ја удвоиме добивката пред оданочување на 250–300 милиони евра во овој период, притоа внимателно одржувајќи ја финансиската стабилност и капитализацијата во рамките на целниот опсег. Остануваме посветени на остварувањето на овие цели.“
Клучни финансиски индикатори на Групација Триглав во Q1, 2025-та година

Вкупниот деловен обем на Групацијата изнесуваше 553,7 милиони евра, што претставува раст од 18% во сите деловни сегменти. Бруто полисираните премии за осигурување, со-осигурување и реосигурување се зголемија со иста стапка, достигнувајќи 530,2 милиони евра. Растот на премиите изнесуваше 7%, како на словенечкиот пазар, така и на другите пазари во регионот Адриа, додека на поширокиот меѓународен пазар достигна 58%. Овој пораст се должи на зголемениот обем на активното реосигурување и FOS трансакции, особено на полскиот пазар. Групацијата го намали уделот на словенечкиот пазар во географската структура на премиите за 5 процентни поени, на 53,3%.
Добивката пред оданочување на Групацијата достигна 54,3 милиони евра, што претставува пораст од 25% во споредба со претходната година, односно 39% на споредлива основа (исклучувајќи го ефектот од имплементација на дополнителното здравствено осигурување минатата година). Групацијата оствари 40,4 милиони евра добивка пред оданочување од осигурителната дејност, што е зголемување од 15%, благодарение на добрите резултати во сегментите на Неживотно и Животно осигурување. Нето-инвестицискиот резултат изнесуваше 9,2 милиони евра (раст од 78%). Резултатот од неосигурителните дејности изнесуваше 4,7 милиони евра (раст од 52%), првенствено како резултат на управувањето со средствата на клиенти преку заеднички фондови и средства под управување од индивидуални сопственици на портфолија.
Заваровалница Триглав, матичното друштво на Групацијата, оствари добивка пред оданочување од 39,5 милиони евра (раст од 15%) и нето добивка од 33,0 милиони евра (раст од 11%).
Комбинираниот количник за Неживотно осигурување и Здравство изнесуваше поволни 88,5%, задржувајќи се на исто ниво како минатата година. Количникот за штети се зголеми за 1,1 процентен поен и достигна 63,5%, како резултат на растот на портфолиото на осигурување, малку повисоко ниво на катастрофални штети во споредба со истиот период минатата година и позитивното влијание од ослободувањето на резервите за прекинати работења во споредбениот период. Расходниот количник се намали на 25,0% (Q1, 2024: 26,0%), како резултат на поголемиот раст на приходите во однос на трошоците.
Вкупните средства под управување на Групацијата заклучно со 31-ви март, 2025-та година, изнесуваa 5,8 милијарди евра, што претставува намалување од 2% во однос на 31-ви декември, 2024-та година. Нивната структура останува слична на онаа од крајот на претходната година.
Стапката на принос од инвестициите на Групацијата (без средствата поврзани со осигурување на живот, каде што осигуреникот го презема инвестицискиот ризик, се зголеми за 0,6 процентни поени на годишно ниво, достигнувајќи 2,6%.
Перформансите на Групација Триглав по сегменти
Урош Иванц, член на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, изјави: „Главниот придонес кон силната квартална добивка на Групацијата беше зголемувањето од 37% на оперативниот резултат во сегментот Неживотно осигурување. Овој раст се должи на зголемувањето на портфолиото на осигурување, при што се одржа висока профитабилност и се оствари солиден инвестициски резултат. Сегментот Животно осигурување исто така оствари силен раст на добивката од 18%, задржувајќи нова поволна бизнис маржа. Во сегментот Здравство, каде што минатата година беше реструктуриран деловниот модел, деловниот обем и понатаму е релативно низок, но стапките на раст се високи. И двата фактори ќе предизвикаат променливост во резултатите од овој сегмент во наредниот период, при што во првиот квартал резултатот беше негативен. Во сегментот Управување со средства, приходите од надоместоци и деловниот обем се зголемија, додека резултатот од сопствените инвестиции на Групацијата во овој сегмент е намален на годишно ниво поради состојбата на финансиските пазари.“
Сегмент Неживотно осигурување
⦁ Вкупниот деловен обем се зголеми за 19%, достигнувајќи 438,4 милиони евра.
⦁ Комбинираниот количник изнесуваше поволни 87,6%.
⦁ Кварталната добивка пред оданочување порасна за 37%, достигнувајќи 44,4 милиони евра

Вкупниот деловен обем изнесуваше 438,4 милиони евра, што претставува пораст од 19%. Премијата се зголеми со иста стапка. Раст на премијата е забележан кај поголемиот дел од класите на неживотно осигурување и на поголемиот дел од пазарите во регионот Адриа, со особено висок раст на меѓународниот пазар, каде што најголеми обеми се постигнати преку активното реосигурување и премии за осигурување на моторни возила во Полска.
Настанатите штети во неживотното осигурување пораснаа за 41%, достигнувајќи 169,7 милиони евра. Минатата година имаше намалување на резервациите за штети, формирани во 2023-та година поради поплавите, додека оваа година тие се зголемени поради растот на портфолиото и развојот на штетите.
Комбинираниот количник за Неживотно осигурување изнесуваше поволни 87,6%, што е намалување од 0,4 процентни поени во однос на минатата година, бидејќи зголемувањето на штетниот количник беше помало од намалувањето на расходниот количник .
Добивката пред оданочување порасна за 37%, достигнувајќи 44,4 милиони евра. Овој резултат е постигнат благодарение на зголемениот обем на портфолиото, високата профитабилност на осигурителното работење (во согласност со минатата година) и силниот нето-инвестициски резултат.
Сегмент Животно осигурување
⦁ Вкупниот деловен обем се зголеми за 19%, достигнувајќи 70,1 милион евра.
⦁ Новата деловна маржа изнесуваше 11,7% (Q1, 2024: 14,9%). Маржата за договорна услуга изнесуваше 269,6 милиони евра, останувајќи на слично ниво како на крајот од 2024-та година.
⦁ Кварталната добивка пред оданочување се зголеми за 18%, достигнувајќи 7,3 милиони евра.

Вкупниот деловен обем се зголеми за 19%, достигнувајќи 70,1 милион евра. Премијата за животно осигурување порасна за 18%. Значителниот раст на премиите во инвестиционото животно осигурување во првиот квартал, беше поттикнат од повисоки уплати на премии и ефикасна продажба преку банкарските канали. Сепак, ваквата стапка на раст не се очекува да продолжи и во иднина. Премиите се зголемија на сите осигурителни пазари на Групацијата.
Новата деловна маржа достигна нешто повеќе од 11,7% (Q1 2024: 14,9%).
Маржата за договорна услуга (CSM) изнесуваше 269,6 милиони евра, што е за еден процентен поен пониско од крајот на 2024-та година година. Намалувањето произлегува од промена на параметрите (односно ефектот од пониска прераспределба на животното осигурување поради помала инфлација од прогнозата на Народната банка на Словенија и ефектот од надградба на моделот за ануитетно осигурување). Маржата за договорни услуги (CSM) кај новите договори изнесува 3,5% (прв квартал 2024: 5,0%), што претставува вкупно 9,5 милиони евра. Маржата за договорни услуги од 9,3 милиони евра беше ослободена во добивка или загуба.
Добивката пред оданочување во сегментот Животно осигурување се зголеми за 18%, достигнувајќи 7,3 милиони евра. Групацијата продолжи со добри резултати во осигурителниот сегмент, постигнувајќи повисок резултат во однос на минатата година, и оствари позитивен резултат и во инвестицискиот сегмент, и покрај неповолните услови на финансиските пазари.
Сегмент Здравство
⦁ Вкупниот деловен обем се зголеми за 16%, достигнувајќи 15,4 милиони евра.
⦁ Комбинираниот количник изнесуваше 111,6% (Q1 2024: 101,4%).
⦁ Кварталната добивка пред оданочување изнесуваше –1,1 милион евра (Q1 2024: 0,5 милиони евра).

По минатогодишното реструктурирање на деловниот модел во сегментот Здравство, Групацијата продолжува со активности насочени кон раст и развој на дополнителното здравствено осигурување во Словенија и на другите пазари во регионот Адриа. Вкупниот деловен обем во овој сегмент порасна за 16% на годишно ниво, достигнувајќи 15,4 милиони евра.
Добивката пред оданочување изнесуваше –1,1 милион евра, што се должи на негативен резултат во осигурителниот сегмент (првенствено поради зголемени штети), и позитивни резултати во инвестицискиот сегмент и неосигурителните дејности. Групацијата очекува резултатите во сегментот Здравство да бидат променливи во наредниот период, имајќи ги предвид високите стапки на раст и релативно нискиот деловен обем.
Сегмент Управување со средства
⦁ Вкупниот деловен обем се зголеми за 11%, достигнувајќи 29,8 милиони евра.
⦁ Приходите од управување со средства (приход од надоместоци) пораснаа за 18%, достигнувајќи 13,2 милиони евра.
⦁ Кварталната добивка пред оданочување изнесуваше 3,7 милиони евра, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно поради негативен инвестициски резултат од –0,5 милиони евра.

Вкупниот деловен обем изнесуваше 29,8 милиони евра, што претставува пораст од 11%.
Добивката пред оданочување изнесуваше 3,7 милиони евра, што е намалување од 16% на годишно ниво. Овој резултат е последица на зголемување од 18% на приходите од управување со средства (надоместоци), кои што изнесуваа 13,2 милиони евра, како и на негативен инвестициски резултат од 0,5 милиони евра, поради намалување на вредноста на сопствените капитални инвестиции на сегментот.
Вкупните средства под управување на Групацијата, заклучно со 31-ви март, 2025-та година, изнесуваше 5,8 милијарди евра, што претставува намалување од 2% во однос на 31-ви декември, 2024-та година.

Средствата под управување на Групацијата во заеднички фондови и средства под управување од индивидуални сопственици на портфолија, беа под влијание на состојбата на финансиските пазари.

План за 2025-та година и Стратегија за периодот 2025–2030 (финансиски индикатори)
⦁ Во 2025-та година, Групацијата проектира добивка пред оданочување од 130–150 милиони евра (со нето добивка од 100–120 милиони евра). Нејзината стратешка цел е да ја удвои добивката на 250–300 милиони евра до 2030-та година.
⦁ Се очекува вкупниот деловен обем да надмине 1,8 милијарди евра во 2025-та година. Целта на Групацијата е деловниот обем да достигне 2,5–3,0 милијарди евра до 2030-та година, а средствата под управување да надминат 10 милијарди евра.
⦁ Целта е комбинираниот количник за сегментите Неживотно осигурување и Здравство, да остане под 95% во периодот 2025–2030, а повратот на капиталот (ROE) да достигне меѓу 12% и 13% до 2030-та година.
⦁ Групацијата настојува да се позиционира како стабилна, сигурна и профитабилна
инвестиција за инвеститорите. Во согласност со својата дивидендна политика, планира исплата на околу 400 милиони евра дивиденди на акционерите во периодот 2025–2030, задржувајќи ја целната капитална адекватност и обезбедувајќи соодветни услови за раст и развој.