Нема зборови кои ќе ја намалат болката на најблиските по нивните изгубени синови, ќерки, роднини и пријатели кои загинаа во Кочани. Сепак го искажувам моето сочувство, нека почиваат во мир. И сега што? Дали како народ, како држава, само ќе си тажиме, ќе објавуваме жални постови по социјалните мрежи? Ќе се удираме по гради и сите ќе бидеме и обвинители и судии? Но има една вистина, умрените нема никој да ги врати назад. И да не испадне и ова, чудо за три дена? Жална Македонија.
Поучени од соседството скоро цела владеачка врхушка се сјати во Кочани. Па прес конференции на два, три часа, па ужалени лица, потерници, апсења, леле, леле. Прашањето е дали можеше ова да се спречи? Жална Македонија.
Сега очекувам и оваа ситуација да се исполититизира па да се бараат виновници од и во бившата и сегашната власт. Очекувам да се исполитизира и од власта и од опозицијата. А всушност системот е корумпиран и гнил. Но никој нема политичка воља и желба да се сменат работите. А зошто е тоа така? Да почнам да редам зошто или сами си знаете, нели?
Најлошото кај нас е тоа што ако заигра мечката кај комшијата, нема да излеземе да ја истераме мечката, туку ќе се заклучиме дома и ќе се радуваме што ова не било кај нас или кај некој наш близок. Жална Македонија.
Не се издвојувам од целината. Кога во деведесетите луѓето излегуваа на улици и протестираа за неисплатени плати и затворени фирми, си велев добро е што јас не сум некој од нив. Е кога јас бев еден од тие што простестираа и блокираа улици, барајќи го моите заработени плати, бев огорчен што никој не помага и не се приклучува кон мојата (нашата) борба.
Го гледам на интернет ликот од Кочани. Тој како поранешно обезбедување во диското, вели дека пријавувал за присуство на малолетници во клубот и за други неправилности но никој не реагирал. И знаете што, му верувам. Кога работев и јас во еден од загубарите на крај од 90-тите, а понесен од младешките идеи за функционирање на системот, отидов кај локалниот трудов инспектор да се пожалам на условите за работа. Се жалев на тоа дека немаме греење на работа, немаме заштитна опрема итн. И за воља на вистината дојде инспекторот во инспекција. Си му ги закрпија дупките на шасијата на возилото и си отиде човекот со наод уреден – нема проблем во фирмата. И ден денес, после скоро 20 години, имам судска пресуда во која мојот поранешен работодавач има обврска да ми ги исплати заостанатите 12 плати. Пари не видов ама и фирмата не постои ха, ха, ха.
Но не сум јас тема на оваа колумна, како мене е секој втор во државава. Сакам да кажам дека со години сите институции на системот: здравството, образованието, правда, системски и континуирано се деградираат. Па сега ненормалното е нормално. Всушност, го памети ли некој нормалното?
Ѓорѓе Балашевиќ пееше Доста је марама црних …., и јас ќе речам доста е. Денес се случило во Кочани, утре ќе се случи во Тетово, задутре во Струмица. До кога, прашувам?
Малце беше што погина девојчето од Радовиш кај Сити Мол па требаше да погине уште едно кај Универзална. А пазете, камери имаме на улиците во Скопје но нема јунак да ги пушти и да почнува да казнува.
Не ја знам точната бројка но знам дека меѓу погинатите има и малолетници. Уште пожално. Не сакам да не распалам по родителите, тие си ја знаат маката и болката. Но прстот ќе го вперам кон образованието. Денес образованието или школскиот систем го изгуби оној воспитен карактер и наставниците повеќе се администратори отколку лица со авторитет кај децата. Почитувани родители едно сватете, децата имаат права но имаат и обврски. И прашајте се некој пат дали можеби јас/ние правиме нешто грешно во воспитување на нашите деца. Тик Ток и интернетот не се заменски воспитувачи, туку се лоши воспитувачи.
Искрено се надевам дека ќе се најдат виновниците за настанов во Кочани. Искрено се надевам дека системот ќе почне да се корегира и конечно системот ќе биде над партијата, над нацијата, над братучедот, над сите нас. И дека тој систем ќе е праведен и правичен за сите нас.
Треба на сите да ни е јасно дека ако денес замижеме и дозволиме неправилности во било која сфера од животот, веќе вториот пат тоа ќе стане правило, а третиот пат ќе доведе до катастрофа, ваква каква што сега ни се случува или поголема.
Се чудиме што си одат, претежно младите луѓе, од државава. Јас се чудам и како остануваат. Некако имам чувство дека сите држави околу нас отидоа напред на секое поле, а ние тапкаме во место или се враќаме наназад. Се чудиме зошто ЕУ не не сака? Јас веќе не се чудам.
Како и што порано пишував, во нашава жална Македонија нема политичари туку политиканти кои не гледаат од својот нос подалеку. Господо и дами, ако не сте способни, замолете некоја напредна демократија да не земе за своја колонија на 199 години. А потоа да има референдум за независност.
Жална Македонија.

М-р Раде Чоловиќ
Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК