18 јануари, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ носи одлука? „Ова е грешка“

ЕУ носи одлука? „Ова е грешка“

Инфлацијата во еврозоната повторно расте, полека, но стабилно. Европската централна банка шпекулира за причините и најверојатно повторно ќе ги намали каматните стапки. Критичарите веруваат дека ова е грешка.

Празничното расположение е и во Европската централна банка (ЕЦБ): импресивна елка, сјајна и блескава, стои пред евро-кулата во Франкфурт на брегот на Мајна, како и секоја година. Во време кога економијата е во лоша состојба, а небото сиво и мрачно, раскошните божиќни светилки даваат барем трошка надеж.

Но, оваа година не беше постигнато многу повеќе од тој сјај. Иако ЕЦБ успеа да ја држи инфлацијата под контрола до одреден степен, цените генерално пораснаа за повеќе од два отсто, што е повеќе отколку што ЕЦБ сакаше да го ограничи зголемувањето на цените. Од есента, трендот повторно се движи во нагорна линија и се очекува да продолжи и во новата година.

„Бесното чудовиште инфлацијата“ сè уште не е победено, изјави еднаш претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард. ЕЦБ постигна многу, вели таа, но „сè уште не сме го скршиле целосно р’бетот“ на инфлацијата, додаде Лагард, нагласувајќи: „Сепак, ние сме на вистинскиот пат“.

Базичната инфлација останува висока

Прогнозите, сепак, се прилично обесхрабрувачки. По краткорочниот пад на стапката на инфлација во септември на 1,7 отсто, цените во еврозоната повторно растат – достигнувајќи раст од 2,4 отсто во ноември. Уште повисоки стапки се очекуваат за декември и јануари, особено кога станува збор за храната.

Цените на услугите се речиси постојано превисоки и се движат околу четири проценти. Туроператорите, осигурителните компании и многу претприемачи прават се за да го одржат растот на цените во секторот висок, што им носи дополнителен профит.

Таканаречената базична инфлација, која вообичаено не ги зема предвид цените на енергијата и храната бидејќи се предмет на флуктуации, останува на 2,7 проценти. Некои производи како телевизори, машини за перење и блендери станаа поевтини – но кој купува такви производи секој ден? Севкупно, борбата против инфлацијата останува незадоволителна.

Деглобализацијата ја поттикнува инфлацијата

Анализите покажуваат дека некои мерки немаат толку голем ефект како што може да се очекува. На пример, овогодинешното прилично големо зголемување на платите низ Европа донекаде ја зголеми потрошувачката, но не доволно. Пандемијата на коронавирус, војната во Украина и мрачните економски изгледи се толку длабоко вкоренети во главите на луѓето што тие претпочитаат да штедат наместо да трошат. И тоа е причината за стагнација на економијата.

Ова ја загрижува Европската централна банка бидејќи укажува дека другите фактори очигледно имаат поголемо влијание врз инфлацијата од класичните. Деглобализацијата се покажува како моќен двигател на инфлацијата, повеќе отколку што се мислеше. Трендот на заштита од несакана конкуренција преку царини и затворање на границите е многу скап.

Проблемите во синџирите на снабдување придонесуваат и за повисоки трошоци. Превозот околу Р’тот Добра Надеж во Африка, наместо преку Суецкиот канал, вклучува најмалку една третина подолго патување. Ова значително ги зголемува трошоците и ја поттикнува инфлацијата.

Три наместо десет проценти инфлација?

Покрај тоа, ЕЦБ го потцени влијанието на другите фактори врз инфлацијата. Една неодамнешна студија на Германскиот институт за економски истражувања (DIW) во Берлин, чиј шеф Марсел Фрашер, инаку познат како пријателски настроен кон ЕЦБ, дава лоши оценки на монетарната политика на Европската централна банка. Студијата заклучува: ЕЦБ не само што не успеа да го спречи силниот бран на инфлација кој достигна врв од 10,6 отсто во октомври 2022 година, туку дури и го предизвика.

Доколку ЕЦБ ги зголемеше каматните стапки побрзо и поодлучно, инфлацијата ќе беше само три отсто, се наведува во студијата. ЕЦБ, наводно, погрешно го проценила влијанието на цените на енергијата врз инфлацијата. Наместо да тврди дека монетарната политика и онака нема влијание врз секторот, ЕЦБ можеше да ја намали побарувачката за суровини и да ја зголеми вредноста на еврото со побрзо зголемување на каматните стапки, смета DIW. Тие оценуваат и дека тоа би го поевтинило увозот на енергија, кој речиси исклучиво се плаќа во долари и би го намалил инфлаторниот притисок.

Многу економисти се сомневаат дека натамошните намалувања на клучните каматни стапки се навистина ефективни. Главниот економист на Комерцбанк, Јерг Кремер, пред претходниот состанок на ЕЦБ рече: „Европската централна банка не треба да ги намалува каматните стапки премногу брзо“.

Каматните стапки не треба да се менуваат.

Сепак, со оглед на слабата економија, во последните недели често се шпекулира дека Европската централна банка ќе ги намали каматните стапки за дополнителни половина процентен поен – со цел да ја стимулира забавената економија. Сега се чини поверојатно намалување од 0,25 проценти.

Сепак, овој потег не е без контроверзии, со оглед на тврдоглавата инфлација – особено затоа што големото прашање е дали намалувањето на каматните стапки навистина ќе влијае на економскиот раст. Бидејќи пониските каматни стапки тешко дека ќе ги поттикнат претприемачите да направат нови инвестиции. Тие, всушност, уште повеќе ги мачат други проблеми: лоша инфраструктура, високи даноци и непотребна бирократија.

Затоа многу експерти сметаат дека одлучната борба против инфлацијата е многу поважна. Тоа би ја вратило довербата кај граѓаните на еврозоната, што би резултирало со зголемени трошоци. А поголемата побарувачка автоматски би ја заживеала економијата.

Заклучокот е дека Европската централна банка всушност не треба да прави ништо, туку едноставно да ги држи каматните стапки непроменети.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП