Цената на златото убедливо се смести во опсегот над 2.600 американски долари за троја унца, откако ја проби оваа психолошка бариера уште во септември. Со сегашна вредност од 2.663 долари за троја унца, ова претставува зголемување од речиси 40% во 12-те месеци од октомври минатата година.
Објаснувањето за овој раст главно лежи во зголемената побарувачка на трите главни пазари за злато – Кина, Индија и САД. Низ нив годишно поминуваат повеќе од 2.000 тони злато, а само кинескиот пазар пораснал за 984 тони.
„Ако Кина продолжи со ова темпо во иднина, азиската земја ќе престигне многу западни земји како Италија и Франција во однос на резервите на злато“, коментира Макс Баклајан, извршен директор на „Tavex“.
Кинеските власти го користат златото за да стават поинаков тип резерви во срцето на нивниот монетарен систем, за складирање особено големи вишоци од извозот на „светската фабрика“, но и за да се заштитат од геополитичката неизвесност и можните нови епизоди на забрзана инфлација.
Повеќето од земјите кои купуваат злато го сметаат за сигурна инвестиција со најмал ризик. Анализата на американскиот фонд „Invesco“ минатата година откри дека 96% од светските централни банки го гледаат благородниот метал како најбезбедна инвестиција. Две третини од анкетираните финансиски институции планираат да купат повеќе од тоа, велат од „Invesco“.
„Неодамнешната студија за однесувањето на штедачите покажа дека тие го ставаат златото на врвот на листата на инвестициски средства што штитат од инфлација“, истакна Баклајан.
Опишаниот тренд ќе продолжи се додека има сериозен интерес и побарувачка од Азија. Ако на пазарот се приклучат повеќе инвеститори и централни банки од Европа, тоа може само да го продолжи тековниот растечки период за благородниот метал, сметаат експертите.