Во текот на првото полугодие од 2024 година, „Макпетрол“ АД Скопје оствари вкупен приход во износ од 14,38 милијарди денари, кој е поголем од минатогодишниот за 481,96 милиони денари, односно остварен е раст од 3,47%.
Во структурата на приходите, најголем удел со 98,68% имаат приходите од продажба, од кои 97,48% се остварени преку продажба на домашен пазар, а само 1,2% се остварени преку продажба на странски пазар, односно преку извоз на млазно гориво.
Растот на приходите, споредбено со минатата година, во најголем дел се должи на зголемените приходи на мало за 10,1%, а истите учествуваат со 90% во приходите од продажба. Главна причина за зголемувањето на приходите на мало е лидерската позиција на малопродажниот пазар на деривати каде се зголеми количествениот промет за 7%. Дополнително во согласност со стратегијата, а со цел задоволување на потребите на потрошувачите кои секогаш се во фокусот, Друштвото го прошири малопродажниот асортиман кој се нуди на бензинските станици, а прометот со истиот се зголеми за 17%. Наспроти нив приходите од големопродажниот сегмент бележат пад од 33,4% во најголем дел поради намалениот промет со млазно гориво и природен гас.
Вкупните расходи остварени во 2024 година се во висина од 13,9 милијарди денари што претставува зголемување во однос на минатата година за 337,3 милиони денари или за 2,49%. Растот во најголем дел се должи на зголемените расходи за набавна вредност на трговски стоки од 1,97%, поради зголемениот количествен промет со нафтени деривати во споредба со мината година.
Набавната вредност го следи трендот на приходите од продажба, што е неминовно со оглед дека истата во апсолутен износ е најголем дел од приходите од продажба, односно зафаќа околу 86% од истите.
Расходите за набавна вредност на трговски стоки, односно набавните цени, се расходи врз кои Друштвото има лимитирано влијание. Истото се должи на регулирањето6 на најголем дел од набавните цени на нафтените деривати. Доколку набавната цена на одреден дериват не е регулирана, истата зависи од комплетно екстерни глобални фактори и движења, како што се цените на нафтените деривати на светските берзи и курсот на денарот во однос на доларот.
Како резултат на остварените приходи и расходи, на крајот на периодот, Друштвото оствари позитивни финансиски резултати искажани преку добивка пред оданочување во износ од 483,36 милиони денари која е поголема за 42,71% од остварената добивка за минатата година кога изнесуваше 338,7 милиони денари.
Позитивен нето ефект се забележува од финансиските приходи и расходи на Друштвото поради одличната ликвидност, намалувањето на трошокот за камата и зголемувањето на приносот од вложувањата.
Вработените, кои се основната сила и движечката енергија на Друштвото, со својата посветеност се заслужни за континуираниот успех и за задржувањето на лидерската позиција на „Макпетрол“ АД. Друштвото постојано инвестира во развојот на своите вработени, како и во обезбедувањето безбедни и здрави услови за работа.
Истакнатиот труд и посветеност, исклучителната работна етика и силната тимска работа беа наградени со распределба во јуни 2024 година на вкупно 120 милиони денари од годишната добивка за 2023 година.
Дополнително во јули 2024 година Друштвото, по одлука на Управниот одбор, на вработените им исплати регрес за годишен одмор во нето-износ од 42.000 денари по вработен, за што вложи 89,8 милиони денари.
Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.