„До крајот на годината инфлацијата ќе се движи околу сегашните нивоа. Потоа, во втората половина на 2025-та година, ќе почне да се забавува до целното ниво“, изјави за новинарите претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.
Финансиската институција ги исполни прогнозите на економистите за намалување од 25 базични поени, што доведе до намалување на депозитната стапка на 3,75% од рекордните 4% постигнати во септември минатата година.
Со одлуката, каматната стапка на главните операции за рефинансирање и каматните стапки на маргиналните кредити и на депозитите ќе се спуштат на 4,25%, 4,50% и 3,75%, соодветно, со важност од 12-ти јуни 2024-та година.
„Одборот ќе продолжи да има пристап базиран на податоци и состанок по состанок за одредување на соодветното ниво и времетраење на ограничувањата. ЕЦБ не се обврзува однапред на одредена траекторија на каматни стапки“, се вели во соопштението на банката по состанокот.
Лагард посочи дека таа и нејзините колеги очекуваат економијата на еврозоната да продолжи да закрепнува, со закрепнување поддржано од зголемувањето на реалните приходи.
„Студиите укажуваат на раст на работните места во блиска иднина“, додаде таа.
Шефот на ЕЦБ повтори дека следните чекори ќе зависат од дојдовните податоци, при што растот на платите во валутната унија игра клучна улога во монетарната политика на банката.
Со намалувањето на трошоците за задолжување во еврозоната за прв пат од септември 2019-та година, ЕЦБ го означи официјалниот крај на циклусот на рекордно брзиот раст што започна по пандемијата Ковид-19, кога инфлацијата во валутната унија нагло се забрза.
Инфлацијата во еврозоната се приближи до целта на ЕЦБ од 2% во последниве месеци, иако забрза повеќе од очекуваното во мај и останува тврдоглаво во секторот во кој доминираат услугите. Економијата на блокот закрепнува побрзо од очекуваното, а пазарот на трудот останува затегнат, предизвикувајќи неизвесност колку пати ЕЦБ ќе ги намали стапките оваа година.
Сѐ уште не е јасно какво ќе биде движењето на каматите. Инвеститорите и аналитичарите очекуваат помалку од 50 базични поени на намалувања оваа година, што значи два потези надолу и помалку од 50% шанси за трето. На почетокот на годината прогнозите беа многу пооптимистички.
Претпазливоста на централните банкари главно се должи на неочекувано тврдоглавата инфлација, а во четвртокот ЕЦБ дури и ја зголеми прогнозата за нејзините претстојни вредности. Централните банкари сега очекуваат просечната инфлација во еврозоната да биде 2,5% во 2024-та година, 2,2% во 2025-та година и 1,9% во 2026-та година.
Економскиот раст во валутниот блок се предвидува да се забрза до 0,9% во 2024-та година, 1,4% во 2025-та година и 1,6% во 2026-та година.
Многу експерти се уште очекуваат три кратења – во јуни, септември и декември. Но, повнимателните централни банкари стравуваат дека намалувањето на трошоците за задолжување на неколку последователни состаноци може да ги наведе пазарите да ја земат таа стапка како основна линија. Дополнително, тие можеби се помалку уверени од некои нивни колеги дека политиката на ЕЦБ навистина може да се разликува од онаа на Федералните резерви на САД, која најверојатно ќе остане во режим на задржување на високи камати уште некое време.