21 февруари, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнвеститорите со нетрпение го очекуваат олабавувањето на монетарната политика

Инвеститорите со нетрпение го очекуваат олабавувањето на монетарната политика

Податоците за пониска инфлација во САД и во еврозоната во октомври и ноември ги подгреаа надежите на инвеститорите дека централните банки наскоро би можеле да почнат да ги намалуваат каматните стапки, кои се на рекордно високи нивоа. Годишната инфлација во еврозоната падна на 2,4 отсто во ноември, додека цените во САД се зголемија за 3,2 отсто во октомври.

Референтната каматна стапка на Европската централна банка (ЕЦБ) е 4,5 отсто, што е највисока во последните 22 години, додека Федералните резерви на САД ги подигнаа своите стапки исто така на највисоко ниво во последните 22 години и тие се во опсег од 5,25 до 5 ,50 проценти. Каматите беа зголемени во текот на изминатата година и половина за да се спречи инфлацијата. Бидејќи постепено се приближува до целниот опсег од два отсто, пазарот со нетрпение чека намалување на каматните стапки.

Повисоките каматни стапки негативно влијаат на потрошувачите бидејќи поскапуваат хипотеките и каматите на кредитите. Паралелно со растот на каматните стапки се зголемуваат и трошоците за водење бизнис, а тоа се пренесува на потрошувачите, што во суштина значи зголемување на трошоците за живот. Намалувањето на каматните стапки произведува спротивни ефекти, имено економска експанзија.

Повеќето економисти анкетирани од Ројтерс очекуваат ЕЦБ да започне со намалување на каматните стапки во вториот квартал на следната година, што е порано отколку што мислеа до неодамна. Во својата прогноза тие го земаат предвид падот на инфлацијата, како и очекуваниот влез на економијата во плитка и кратка зимска рецесија.

Откако инфлацијата во еврозоната падна на 2,4 отсто минатиот месец, некои функционери на ЕЦБ објавија дека банката може да престане да размислува за понатамошни зголемувања на каматните стапки. Економистите очекуваат тековната година да заврши со сегашната вредност на каматната стапка по конечната одлука на седницата на ЕЦБ на 14 декември.

Земајќи ги овие коментари како знак на олеснување, инвеститорите се надеваат на барем едно намалување на стапката пред да се состане Управниот совет на ЕЦБ во јули. Тоа е промена во однос на очекувањата пред еден месец, кога повеќето економисти очекуваа стапките да останат на сегашното ниво најмалку до 2024 година. Управниот совет на ЕЦБ се состанува осум пати годишно, на секои шест недели.

Се чини дека ЕЦБ ќе биде првата централна банка што ќе ги намали каматните стапки, како што неодамна посочи гувернерот на француската централна банка, Франсоа Вилерој де Галхау. Тој рече дека може да се очекува дека циклусот на зголемување на стапката ќе заврши бидејќи напредокот во дезинфлацијата е „побрз од очекуваното“.

Кога станува збор за американската централна банка, според очекувањата на економистите анкетирани од Фајненшл тајмс, таа ќе го одложи намалувањето на каматните стапки најмалку до јули следната година и во помала мера отколку што очекуваат финансиските пазари, за не повеќе од половина процент. Повеќето економисти се согласуваат дека кампањата за зголемување на каматните стапки е завршена, а нивното намалување ќе започне дури во третиот квартал.

Претставниците на ФЕД, како и нивните колеги од другите централни банки во развиените економии, сега се соочуваат со прашањето колку долго да ги задржат високите каматни стапки за да ја ограничат побарувачката од домаќинствата и бизнисите или кога можат да ги намалат трошоците за задолжување.

Економистите велат дека американската економија сè уште има динамика, така што ФЕД веројатно нема потреба веднаш да ги намали каматните стапки. Во текот на изминатите пет месеци, американската економија додаде во просек 190.000 нови работни места. Повеќето економисти не мислат дека има големи шанси рецесијата да започне следната година, додека половина од нив очекуваат рецесија да започне во третиот квартал на 2025 година или подоцна.

Тие во голема мера се согласуваат дека ФЕД ќе почека додека не се стабилизира ниската инфлација и побарувачката за работна сила не се олади повеќе пред да размисли за намалување на стапката. За разлика од САД, кои забележаа раст на БДП од 5,2 отсто во третиот квартал, еврозоната забележа пад од 0,1 отсто, а ЕЦБ најверојатно ќе чека повторно да се засили економскиот раст пред да ги намали каматните стапки.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП