27 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИНационално помирување

Национално помирување

Дали имате чувство дека државатa ни отиде во бестрага? Апатија на сите страни, се помалце луѓе околу нас се насмеани од срце. Се пребројуваме кој остана а кој си замина, недостасуваат занаетчии, инжењери, доктори, ма недостауваат луѓе од сите профили и професии. Се повеќе плодна земја останува необработена, зеленчукот и другите производи по пазарите ем се скапи ем се од увоз.

И онаа “После дождот доаѓа сонце” веќе не важи, затоа што дождот предолго трае.

Мислам дека е идеално време нашите партиски лидери да седнат на една маса. Да ги закопаат своите суети длабоко под земја (или да си заминат од политиката) и да се договорат за некои начела и принципи кои ќе се почитуваат. Се надевам дека со време, овие начела и принципи ќе станат и дел од кодот на Македонецот.

Мое лично мислење е дека во државава немаме веќе квалитетни политичари туку само политиканти кои своите и теснопартиските интереси ги поистоветуваат со национални интереси. Па досте е веќе.

Треба сите да погледнеме кај нашите држави соседи па и сограѓани од други националности и да ги прифатиме позитивните практики и сето тоа да се преточи во еден документ кој нека гласи Национално помирување. Усвоените начела да бидат црвените линии на државата кои нема да се преминат заради никакви математики и борба за гласови во собрание, општински совети и каде ли не.

ПРИНЦИПИ И НАЧЕЛА

1. Македонецот на македонецот му е брат, а не душман и нацијата да биде над верата.

Го знаете вицот?

Што е еден македонец? – Комита.

Што се двајца македонци? – Комита и војвода.

Што се тројца македонци? – Комита, војвода и кодош.

Луѓе, доста со поделби, дали е некој православен, католик, муслиман или нешто друго, најважно е дака е Македонец. Не е важно дали е од запад или исток на државава, дали е од голем град или е од село. Дали е со левица или десница. Ова не значи дека не треба да се почитуваат другите ентитети и да нема рамноправност во држававa, но она што е наше треба и мора да се чува. 

Знаете, има едно село во крајниот западен дел од Македонија. Таму ако некој од надвор во селото сака да купи имот во селото или во атарот од селото, тогаш остантите, дел или сите селани се организираат, собираат пари и го купуваат имотот.

Да заклучам, ако самите не си се сакаме никој нема да не сака и почитува.

2. Владеење на правото.

Премногу енергија се губи на докажување на тоа дека другиот (другата партија) повеќе “украл” кога бил на власт. Ако е и тоа предуслов за напредија, нека се изгласа општа амнестија на предметите што се во тек, а се однесуваат на активни и бивши политичари (за предмети злоупотреба на службена должност или слично). Се виде годиниве дека ваквите предмети траат бесконечно долго, се разводнуваат, а и на крај казните се смешни. Па јавна тајна е дека ако украдеш 20 ќебапи ќе те осудат повеќе од тоа да украдеш милиони.

Значи, политиката да тргне раце од судството. Ако тоа значи ветинг, нека биде и тоа. Но новите судии да ги бира фелата, односно самите адвокати и судска администрација. И за тие свои избори да се свесни и да носат морална но и човечка одговорност. Не знам, може звучам премногу лаички или утопистички, но едно знам, се додека судската власт не стане трета власт нема да ни е добро.

3. Заштита на природата. Ако ја убиваш природата ја убиваш и државата.

Бог дарувал и реки и планини и езера и плодни рамници во Македонија. Да се запрашаме сите зошто мора тоа да се уништи. Зошто на плодни земјишта се поставуваат фотоволтаици, зошто се труеме со РЕК Битола и со други индустрии? Зошто пластични шишиња пливаат по нашите реки? Зошто има смет по нашите планини? Зошто да има непланска сеча на дрва и дрвокрадци? 

Треба да се најде системско решение за да се смени чипот во нашите глави за односот кон природата. Но воедно и драконски казни за прекршителите и уништувачите на природата. И казнувањето да биде без оглед кој го направил тоа, но најголема казна треба да биде презир, осуда и отфрлање од општеството на сите оние кои ја уништуваат природата.

4. Здравствената заштита да биде квалитетно и достапна за сите (а не да биде привилегија) 

За ова нема ништо да коментирам освен дека се ова што денес ни се случува во здравството е во најмала рака срамота. Ми вели еден пријател, ми проработе каменот во бубрегот и со страшни болки одам на ургентен но вртам паралелено на телефон и барам “човек”, знаеш, за да сум сигурен дека ќе имам добар преглед и нега. No comment.

Може да се зборува и за употреба на македонскиот јазик и кирилското писмо, за правата на Македонците во соседните земји и светот и друго. Верувам дека секој од вас што ќе го чита овој текст ќе се сети на уште неколку принципи и начела. И така треба. Критична мисла и критична маса сега се потребни повеќе од било кога. Сакам само да верувам дека и јас, моите деца и моите другари со семејствата имаме иднина и тоа подобра иднина во државава.

Не сакам да звучам како политичар и генерално ја избегнувам политиката како тема но искрено верувам во ова што го напишав и се надевам дека ќе се најдат мажи и жени јунаци македонски кои ќе подвлечат црта, ќе си подадат рака едни на други и да тргнеме, како држава, напред со големи чекори. Но да почнеме со мали чекори. 

За почеток да го зашиеме искинатото знаме на државата.

М-р Раде Чоловиќ

Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК

За англиска верзија кликнете ТУКА / For english version click HERE

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП