19 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАИстражување: Неформалните собирачи е добро да бидат интегрирани во формален систем

Истражување: Неформалните собирачи е добро да бидат интегрирани во формален систем

Неформалните собирачи на отпад треба да се групираат во социјални групи и да даваат услуги на ЈКП

Интегрирањето на неформалните собирачи на амбалажен отпад во формален систем е нешто од што сите би имале корист. Самите неформални собирачи добиваат можност за стабилни и сигурни приходи на долг рок и здравствено осигурување, државата дополнителен прилив на приходи и намалување на сивата економија, додека општините почисти улица, и непостоење на грда слика од расфрлан отпад околу контејнерите.

Ова е заеднички заклучок од дебатата “Презентирање на наодите од истражувањето за состојбата со неформалните собирачи во РС. Македонија и можности за нивна интеграција во формалната економија”.

Според Филип Ивановски од Пакомак, компанија која ја поддржа реализацијата на ова истражување, групирањето на неформалните собирачи во социјални групи кои заедно и организирано ќе настапуваат каде би биле вработени, и тие социјални претпријатија ќе даваат услуги на општините, комуналните и јавните претпријатија е добро и реално решение. Нивната формализација има повеќе бенефити и од фискален аспект за државата бидејќи ќе бидат евидентрани нивните приходи и ќе бидат оданочени, додаде Ивановски.

Сиромаштијата, дискриминацијата, немањето формално образование и можност за вработување, како и потребата од дополнителен приход се главните причини да се биде неформален собирач на отпад. Приходите кои се остваруваат од оваа дејност се главниот мотив за оваа дејност, покажа истражувањето кое низ земјава го спроведе Иницијативата за социјални промени-ИнСок.

Самата дискусија се фокусираше на резултатите од истражувањето и на можностите за подобрување на условите на неформалните собирачи на отпад.

Околу 2500-3000 луѓе се неформални собирачи на амбалажен отпад, 84% од нив се Роми, на различна возраст, а најголем дел се околу 40 годишна возраст. Тоа се социјално загрозени категории, кои сиромаштијата ги принудува на таа дејсност. Една третина од нив покажа истражувањето дека сакаат да бидат дел од формалните институции, половина дека би сакале да с едел од ЈКП или во некои приватни компании, додека 30% изјавиле дека би продолжиле индивидуално. Доколку се формално пријавени би очекувале плати од 25-35000 денари и повеќе. Здравственото осигурување не е клучен фактор ниту мотиватор за формализирање на нивната работа.

Според министерот за локална самоуправа г. Ристо Пенов, тие се важен сегмент од јавната хигиена, и некои кои моментално многу ја нагрдуваат сликата за хигиената во општините, посебно околу контејнерите, и затоа е важно да се вклучат во системот.

Клучот е кога ниедно дете нема да оди на улица. Кога тие ќе се дообразуваат и ќе се знае нивниот статус. Поразителен е фактот дека само 5% од отпадот кој тие го собираат се рециклира, изјави Ана Каранфилова Мазневска, од Министерството за ќивотна средина и просторно планирање.

Истражувањето е од исклучителна важност за преземање на мерки и поддршка на неформалните собирачи на отпад. Нивната улога во превенцијата на загадувањето на животната средина е неоценлива, а потребно е да ги поддржиме и стимулираме за да продолжат со она што го прават, но како дел од организираниот систем на собирање.” – смета Енвер Хусејин, заменик министер за труд и социјална политика.

Со оваа панел дискусија, Пакомак го продолжува својот ангажман во поддршка на одржливото управување со амбалажните отпадоци и заштита на животната средина. Давајќи придонес во подобрувањето на условите на неформалните собирачи на отпад, нивна интеграција во системот на управување со отпад, промоција на алтернативни начини на соработка и нивна социјална инклузија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП