Европската унија ја заврши годината со одредено олеснување бидејќи растот на цените беше умерен, но трошоците за живот останаа високи.
Индексот на потрошувачките цени за 19-те земји кои го користат еврото порасна во декември за 9,2 отсто во однос на претходната година, што е најбавно темпо од август, објави денеска статистичката агенција на Европската унија Евростат.
Тоа беше втор последователен пад на инфлацијата од јуни 2021 година. Во ноември стапката падна на 10,1 отсто, од рекордните 10,6 отсто во претходниот месец.
Домаќинствата и бизнисите ширум Европа се оптоварени со растот на цените на енергијата од февруари, кога Русија ја започна својата војна во Украина, која ги загрози пазарите на нафта и природен гас и беше главен двигател на инфлацијата.
Најновите податоци покажуваат дека енергетската криза засега можеби се намалува: растот на цените на енергијата е забавен на 25,7 отсто на годишна основа, што е намалување од 34,9 отсто во ноември и 41,5 во октомври.
Цените на природниот гас паднаа од историски највисоки нивоа минатото лето, бидејќи ЕУ во голема мера ги наполни складиштата за зимата со гас од други земји, додека потоплото зимско време ги намали стравувањата од недостиг за време на грејната сезона.
Цените на храната, другиот главен двигател на европската инфлација, беа прилично стабилни. Цените на храната, алкохолните пијалоци и тутунот во декември пораснале со годишна стапка од 13,8 отсто, што е нешто повисоко од претходниот месец.
Инфлацијата, исто така, беше влошена од тесните грла во понудата на суровини и компоненти во услови на закрепнување на глобалната побарувачка на потрошувачите по завршувањето на ограничувањата поради пандемијата „Ковид-19“.
„Веројатно е дека врвот на инфлацијата сега е зад нас, но многу поважно за економијата и креаторите на политиката е дали инфлацијата структурно ќе се врати на претходно планираните два проценти од сега“, рече Берт Колијн, висок економист од еврозоната во ИНГ банка.
Таканаречената базична инфлација, која ја исклучува промената на трошоците за храна и енергија, се зголеми од пет отсто во ноември на 5,2 отсто минатиот месец, бидејќи цените и на услугите и на стоките како облека, апарати, автомобили и компјутери пораснаа. Колијн и другите економисти рекоа дека тоа значи дека претставниците на Европската централна банка веројатно дополнително ќе ги зголемат каматните стапки за да ја вратат инфлацијата на целта од два проценти.
Зголемените трошоци за енергија и храна се заканија со рецесија и го поттикнаа немирот на работниците, бидејќи платите не го држат чекорот со растечките цени. Низ цела Европа, вработените во метрото, болничките работници, машиновозачите, поштенските работници и контролорите на летање стапија во штрајк, заканувајќи се со политички превирања.
Во знак дека цените на енергијата остануваат загриженост за политичките лидери, францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот ги повика добавувачите на енергија повторно да преговараат за, како што ги нарече, „навредливи договори“ со малите бизниси за да се осигураат дека зголемувањата на цените се „разумни“.
На традиционалната церемонија на сечењето на тортата Богојавление во претседателската палата, Макрон разговараше со пекарите и нагласи дека цените на енергијата и храната се испреплетени.
„Како и вие, мене ми се гади од луѓето кои премногу профитираат од кризата“, рече тој.
Оваа година, француската влада го ограничи зголемувањето на цените на природниот гас и електричната енергија на 15 проценти за потрошувачите и многу малите компании кои не трошат многу енергија. Но, со ова не се опфатени релативно поголемите потрошувачи на енергија, како што се пекарниците, па на некои такви бизниси им се заканува затворање бидејќи не можат да си ги платат сметките.
Додека владите понудија олеснување за високите сметки за енергија, централните банки се борат против инфлацијата со зголемување на каматните стапки.
Минатиот месец, Европската централна банка ја зголеми својата референтна стапка за половина поен, малку забавувајќи го рекордното темпо на зголемувања на каматните стапки, но ветувајќи нови зголемувања што доаѓаат. Тоа го направија и централните банки во САД, Велика Британија и на други места.
„Економијата на еврозоната во најдобар случај стагнира, а постојано силната базична инфлација значи дека ЕЦБ ќе се чувствува должна да продолжи да затегнува уште некое време“, рече Ендрју Канингам, главен европски економист во Капитал економикс.