Министрите за енергетика на Европската унија не успеаја да се договорат за предлогот на Европската комисија за одредување на максималната цена на рускиот гас, објави по средбата европскиот комесар за енергетика Кадри Симсон.
Главното прашање е како да се ограничи цената на гасот, која сега е седум пати повисока од пред една година, што доведе до огромно зголемување на цената на струјата, пренесува Политико.
Европската комисија предложи да се разговара само за ограничување на цената на рускиот гас, но многу земји инсистираа тоа да се примени за целиот гас што се увезува во Европската унија.
Италијанскиот министер за еколошка транзиција Роберто Чинголани рече дека 15 земји побарале одлуката да се применува на целиот гас, три инсистирале само на рускиот гас, додека останатите осум се неутрални и предупреди дека таквата одлука може да има сериозни последици.
„Мислам дека воведувањето максимална цена за увезениот гас е многу тешко прашање од пазарна гледна точка“, изјави чешкиот министер за индустрија и трговија Јозеф Сикела, а со таа идеја не се согласуваат ниту Берлин и Амстердам.
Ако ја одредиме цената на гасот, „големи се шансите воопшто да го нема“, предупреди холандскиот државен секретар Ханс Вилбриф и додаде дека во тој случај може да се очекува гасот да оди на друг начин.
За дел од учесниците на состанокот не е прифатливо воведувањето максимална цена само за рускиот гас, а унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијатро изјави дека „би било апсурд“ што Унгарија не може да го прифати.
Симсон рече дека викендот и на почетокот на следната недела ќе продолжат разговорите со земјите кои се во голема мера зависни од рускиот гас за да се најдат алтернативи за нив и изрази очекување дека пакетот може многу брзо да се усогласи.
На прашањето што би можел да направи Брисел доколку Москва одговори на воведувањето максимална цена со целосно прекинување на испораката на гас во ЕУ, Симсон рече дека „никој не гарантира дека тоа ќе се случи“.
Тасс претходно објави дека Европската комисија предложила да се ограничи цената на рускиот гас на 520 евра за 1.000 кубни метри.



