Централната банка на САД ја зголеми основната каматна стапка за 75 базни поени, во обид да ја смири инфлацијата во земјата, а референтната каматна стапка сега изнесува 2,25 до 2,50 отсто.
Одлуката е донесена откако инфлацијата се искачи на 9,1 отсто, што е највисока годишна стапка во повеќе од 40 години и ги покажува силните напори на Централната банка да го забави растот на цените во повеќе сектори. Покачувањето на каматната стапка подразбира зголемување на износот на кредитите за куќи и автомобили, како и понеповолни кредити за компаниите, пренесува АП.
Федералните резерви ја донесоа одлуката дури и кога економијата почна да забавува, зголемувајќи го ризикот дека зголемувањата на каматните стапки може да предизвикаат рецесија подоцна оваа година или во 2023 година, за чија состојба има фрустрирачки измешани сигнали.
Како што се приближуваат конгресните избори во ноември, американското незадоволство предизвика драстично опаѓање на рејтингот на претседателот Џо Бајден и зголемена е можноста демократите да ја загубат контролата врз двата дома на Конгресот.
Одлуката на Федералните резерви да ги зголеми каматните стапки значително го погоди пазарот на домување, кој е особено чувствителен на промените на каматните стапки. Просечната фиксна стапка за 30-годишен станбен заем е речиси двојно зголемена во текот на изминатата година на 5,5 отсто, а продажбата на станови е значително намалена, пренесува Гласот на Америка.
Централната банка, сепак, пресметува дека може да го забави растот доволно за да ја ограничи инфлацијата, но не доволно за да предизвика рецесија, ризик за кој многу економисти стравуваат дека може да заврши лошо.