19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈавниот долг се намалува во процент од БДП, но во сума расте...

Јавниот долг се намалува во процент од БДП, но во сума расте – експертите велат инфлацијата го „јаде“ долгот

Јавниот долг во земјава се намалува во процент од БДП, но расте во сума на пари која ја должи државата. Иако власта се фали дека за тоа се заслужни владините министри, сепак експертите велат намалувањето на долгот како процент од БДП се должи на инфлацијата.

Според последните податоци на Министрството за финансии јавниот долг на земјава во првиот квартал од годинава, или заклучно со март, изнесува 57,1 процент од БДП. Но во сума тој е поголем за 35 милиони евра во однос на крајот на минатата година и сега изнесува 7 милијарди и 170 милиони евра. За министерот Бесими за намалувањето на долгот се заслужни неговите колеги во Владата.

„Имаме добра вест. Годината ја завршивме со 60,8% јавен долг што е пониско за 1% отколку што беа проекциите. На 31 март 2022 година јавниот долг е 57,1% од БДП. Тоа се 3,7 процентни поени пониско од тоа што беше во декември. Претворено во паи, тоа се 454 милиони евра дополнителен финснсиски простор за ова што следи во текот на годината. Исклучително одговорен пристап од сите колеги во владата”, рече Министерот за финансии Фатмир Бесими на Форумот 100 дена влада.

Но експертите со стручно објаснување зошто јавниот долг како процент од БДП се намалува. Велат високата инфлација која во март беше 8,8 проценти го изеде јавниот долг. Тоа не е случај само за нас, туку е позитивно за сите земји каде инфлацијата расте. Или пластичн,о инфлацијата ја намалува реалната вредност на парите – со исти пари може да се купи помалку. Истото се случува и со долгот – има ист износ на долг кој помалку вреди.

„Инфлацијата сепак има еден позитивен ефект, има една позитивна страна, а тоа е што ги јаде долговите. И поради тоа што сега има повисоки инфлации и оваа година и наредните години се очекува да има малку повисока инфлација отколку претходно тоа значи дека јавниот долг малку ќе се намали. И во услови на инфлација тоа им дава простор секогаш на државите да се задолжуваат малку повеќе, затоа што јавниот долг ќе се намали од страна на инфлацијата. Тоа е да кажеме една позитива во целава приказна што имаме инфлација и таа инфлација ќе го намали јавниот долг”, изјави Бранимир Јовановиќ од Виенскиот Институт за меѓународни економски студии.

Јовановиќ вели дека практично ние должиме исто пари номинално, односно уште должиме 7 милијарди евра како претходно, но тоа е помал процент од нашиот БДП зошто инфлацијата го зголемила номиналниот БДП поради повисоките цени.

„Инфлацијата ги зголемуива цените. Затоа го зголемува и номиналниот БДП, кој е збир помеѓу реалниот БДП и инфлацијата. Јавниот долг пак се мери како % од номиналниот БДП. Затоа кога инфлацијата расте, расте и номиналниот БДП, па затоа се намалува задолженоста. Или пластично,  ако јавниот долг е 7 милијарди евра, а номиналниот БДП е 10 милијарди –  значи дека задолженоста е 70%, но ако има инфлација од 10 %, номијналниот БДП ќе стане 11 милијарди евра, но задолженоста ќе се намали на 64 проценти од БДП“, вели Јовановиќ.

Министерството за финансии објави дека јавниот долг заклучно со март годинава е 57,1 процент од БДП. Или во сума должиме 7 милијарди 170 милиони евра, или 35 милиони евра повеќе од крајот на минатата година кога долгот беше 60,8 % од БДП или 7 милијарди и 135 милиони евра.

Министерот Бесими не откри дали е точна информацијата дека земјава ќе се задолжи со 900 милиони евра кај ММФ. Само кажа дека инструментот за кој се разговара во моментов со Фондот е за земјите со здрави економски политики.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП