26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајголемиот ризик за светската економија за кој никој не говори

Најголемиот ризик за светската економија за кој никој не говори

Речиси 400 милиони луѓе во 45 градови во Кина се под делумно или целосно заклучување како дел од политиката на земјата за нулта-ковид.

Вкупно, тие придонесуваат со 40%, или 7,2 трилиони долари, за БДП-то на втората по големина економија во светот, покажуваат податоците на „Nomura Holdings“.

Аналитичарите предупредуваат дека инвеститорите не проценуваат правилно колку може да бидат сериозни последиците за светот од овие долгорочни мерки за изолација.

„Пазарите ширум светот можеби сè уште го потценуваат ефектот бидејќи голем дел од фокусот останува на конфликтот Русија-Украина, додека Федералните резерви на САД ги зголемуваат каматните стапки“, рече Лу Тинг, висок економист за Кина во „Nomura“ за „CNN Business“.

Најзагрижувачки е неопределеното заклучување во Шангај – град со 25 милиони жители и еден од главните центри за производство и извоз на Кина.

Карантините наметнати таму доведоа до недостиг на храна, неможност за пристап до медицинска нега, па дури и убивање на домашни миленици. Тие го напуштија и најголемото пристаниште во светот со недоволен персонал.

Работата на пристаништето во Шангај, низ кое помина повеќе од 20% од кинескиот товар во 2021-ва година, практично стагнира. Прехранбените производи во транспортните контејнери без пристап до опремата за ладење гнијат.

Товарот што пристигнува во моментов поминува во просек осум дена на пристанишните терминали пред да биде транспортиран на друго место, што е зголемување за 75% од почетокот на последните заклучувања. Намалено е времето за складирање на стоката за извоз, но тоа веројатно се должи на фактот што не се испраќаат нови контејнери од магацините до доковите.

Авиокомпаниите ги откажаа сите авионски превози до и од градот, а повеќе од 90% од камионите што опслужуваат увозни и извозни испораки во моментов не се во функција.

Шангај произведува 6% од извозот на Кина, според официјалните податоци за 2021-ва година, а затворените фабрики во и околу градот имаат дополнително влијание врз синџирите на снабдување.

Фабриките на „Sony“ и „Apple“ во и околу Шангај во моментов се затворени. „Quanta“, која произведува лаптопи и „MacBook“ за „Apple“, целосно престана да работи. Фабриката на компанијата сочинува околу 20% од производствениот капацитет на „Quanta“ за лаптопи, а се очекуваше компанијата да испорача 72 милиони единици во оваа година.

„Tesla“ ја затвори „Giga“ во Шангај, која произведуваше околу 2.000 електрични возила дневно.

Во петокот, кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија објави дека испратило работна група во Шангај за да работи на план за продолжување на производството во 666 клучни компании во блокираниот град.

Директорите на „Tesla“ се надеваат дека нивната фабрика ќе може да работи од денес, со што ќе заврши најдолгата пауза од нејзиното отворање во 2019-та година. Компанијата досега го загуби производството на повеќе од 50.000 автомобили.

„Ефектот врз Кина е огромен, а последователните ефекти врз глобалната економија се доста значајни“, изјави Мајкл Хирсон од „Eurasia Group“ за „CNN Business“. „Мислам дека сè уште имаме нестабилност и економски и социјални превирања во следните шест месеци или нешто повеќе“, додаде тој.

Продолженото нарушување на кинеското производство и транспорт може да помогне да се забрза иницијативата на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за намалување на зависноста на САД од кинеските производи и синџири на снабдување.

Сепак, оваа задача доаѓа со сериозни непосредни економски последици.

Извештајот објавен минатата недела од Светската трговска организација предупредува дека најлошото сценарио, кое вклучува одвојување на глобалните економии предизвикано од руската инвазија на Украина, може да го намали глобалниот БДП за 5% на долг рок.

Ова е малку веројатно со оглед на длабоките финансиски врски меѓу Кина и САД. Меѓусебните инвестиции на двете земји во акции и обврзници достигнаа 3,3 трилиони долари на крајот на 2020-та година, според „Rhodium Group“.

„Ова се сè уште многу испреплетени економии. Оваа интеграција не е нешто што лесно ќе се врати назад, бидејќи би било неверојатно скапо за САД и светската економија“, рече Хирсон.

Сепак, американските економски лидери велат дека одвојувањето е веќе во тек. Коосновачот на „Oaktree“, Хауард Маркс, кон крајот на март рече дека „нишалото се навалува кон локални извори“ и се оддалечува од глобализацијата. Претседателот на „Blackrock“, Лери Финк, го сподели истиот став во писмо до акционерите на компанијата.

„Руската инвазија на Украина стави крај на глобализацијата во последните три децении“, напиша тој.

Во говорот пред Атлантскиот совет минатата недела, американската министерка за финансии Џенет Јелен рече дека земјата внимателно ги следи политичките и економските врски на Кина со Русија.

„Отсега натаму, ќе биде сè потешко да се одделат економските прашања од пошироките размислувања за националниот интерес, вклучително и националната безбедност“, рече Јелен.

Во меѓувреме, третина од Кина е под карантин, а економијата на земјата се бори. Според кинескиот универзитет во Хонг Конг, неодамнешниот одговор на Кина на пандемијата веројатно ќе чини најмалку 46 милијарди американски долари изгубено економско производство месечно, или 3,1 отсто од БДП-то.

Аналитичарите повеќе не веруваат дека целта на Кина за економски раст од 5,5% во 2022-ра година, која е најамбициозна во последните децении, е реална. Светска банка ги ревидираше прогнозите за економски раст на 5%, но истакна дека доколку продолжат рестриктивните мерки, тој може да падне на 4%.

Економскиот товар доаѓа во време на политичка неизвесност. Кинескиот претседател Си Џинпинг оваа есен ќе се кандидира за трет мандат на чело на земјата, со што ќе ја наруши традицијата од најмногу два мандати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП