Секретаријатот на ЦЕФТА бара начин како да се отстрани таканареченото гео-блокирање во е-трговијата. Стотина претставници од регионот од владини институции, невладин и приватен сектор беа дел од онлајн конференција на која главната тема беше отстранувањето на неоправданите практики за гео-блокирање се со цел да се овозможат домашните купувачи да имаат поголем избор и да можат да нарачуваат онлајн од продавници од регионот, а домашните е-трговци да стигнат до поширока база на купувачи од регионот.
На конференцијата свое излагање имаше Претседателката на АЕТМ Нина Ангеловска која ги презентираше клучните сознанија од спроведената анализа во врска со практики за гео-блокирање во регионот. Податоците покажале дека дури 72.5% од е-продавниците во регионот не продаваат на купувачи надвор од нивниот домашен пазар односно имаат рестрикции базирани на локацијата на купувачот. Најголем дел или 64% од 160 анализирани е-продавници од овие рестрикции се поставени на е-продавниците во формата каде купувачот треба да внесе адреса за достава со што адресата според поштенски код не е прифатена ако е надвор од пазарот на продавачот. Најчестите предизвици со кои се соочуваат е-трговците кои продаваат на други пазари, а воедно и главните причини зошто над 70% од е-продавниците не продаваат на други пазари се царинските давачки и процедури, односно високите царински такси што купувачите треба да ги платат и сложените процедури додаваат административни потешкотии и неизвесност, проблемите со достава, односно високите трошоци за испорака ги прават производите неконкурентни, а локалните курирски служби немаат воспоставено партнерства и процеси за справување со испораки во другите пазари како и различните регулативи и процедури во секој пазар.
„Првиот чекор како и со сите проблематики е мапирање на моменталната состојба со цел носење на информирани одлуки за понатамошните чекори. Анализата на која работевме изминатите неколку месеци имаше за цел да дојде со сознанија за тоа колку е-трговците во ЦЕФТА регионот имаат практики за гео-блокирање, во која форма се појавуваат и кои се причините за таквите практики. Секако дека самите податоци и сознанија сами по себе не значат решавање на проблемите туку се појдовна основа за формирање на конкретни препораки/активности и преземање акција. ЦЕФТА Секретаријатот игра значајна улога во целиот процес, а покрај оваа анализа која преку мистери шопинг и интервјуа ја анализираше состојбата, паралелно друг тим работеше на правна анализа во врска со гео-блокирањето. Секако на крајот имплементацијата на мерките/активностите зависи од секоја земја, нивната свест, волја и капацитети.“ Вели за Денар Нина Ангеловска претседателка на АЕТМ.
Лани земјава претседаваше со ЦЕФТА, а воедно беше и прва година од спроведувањето на Акциониот план за заеднички регионален пазар. И покрај заложбата на претседателството на ЦЕФТА да ги поддржи активностите од Акциониот план и ги насочи своите напори кон промовирање на слободното движење на стоки и услуги во регионот, реализирањето на активностите од Акциониот план бара силна посветеност на целиот регион за да продолжи продлабочување на регионалната економска интеграција и доведување на компаниите од регионот поблиску до внатрешниот пазар на ЕУ. Гео-блокирањето се однесува на деловни практики каде што е-трговците наметнуваат ограничувања врз основа на географската локација на купувачот. Ова се однесува на ситуации кога купувачите не можат да купат стоки или услуги од трговци лоцирани на друг пазар поради причини поврзани со место на живеење или место на основање, па оттука се дискриминирани кога се обидуваат да пристапат до најдобрите понуди, цени или услови за продажба. Некои од практиките на гео-блокирање се користат за почитување на домашните закони, односно на услугите за коцкање или трговците со алкохол може да користат гео-блокирање за да го оневозможат пристапот на нивната страница до пазарите каде што тоа е забрането или каде што тие не можат законски да работат но и како резултат на ограничувањата за лиценцирање.
„Е-трговијата е комплексен феномен, а успешното менаџирање на е-трговија бара бројни вештини, напорна работа, исклучителен и квалификуван кадар и постојано учење и адаптирање. Од 44 интервјуирани е-продавници од ЦЕФТА регионот, околу 30% продаваат на други пазари, а над 90% од продажбите се од домашни купувачи. Предизвиците со кои се соочуваат при продажба на пазари надвор од домашниот се бројни и од различна природа. За да домашните е-продавници продаваат надвор потребно е да инвестираат многу енергија и ресурси, да воспостават процеси, а моменталните бариери со кои се соочуваат дополнително го обесхрабруваат ширењето на други пазари со е-трговија. Дел од компаниите кои се присутни на други пазари се решваат да го прават тоа со отворање на физички локации/магацини или партнерства со локални компании со што продажбата не ја прават користејќи ги бенефитите на е-трговијата. За да се охрабрат повеќе компании да продаваат на други пазари потребна е поволна бизнис клима која ќе им го олесни патот. Позитивно е што при интервјуата повеќето е-продваници изразија ентузијазам дека би биле заинтерсирани за продажба на други пазари и инвестирање во технологии и процеси доколку бариерите би биле отстранети.“ додава Ангеловска. Извештајот од анализата беше изработен од Асоцијција за е-троговија на Македонија како лидер на проектот во соработка со Српската Асоцијација за е-трговија. Анализата беше направена со “мистери шопинг” на репрезентативен примерок од 160 е-продавници од ЦЕФТА. Акциониот план за Заеднички Регионален Пазар 2021-2024 година на ЦЕФТА предвидува слободно движење на производи и услуги во ЦЕФТА регионот и доближување до веќе постоечкиот модел на т.н. Единствен пазар на ЕУ.
И.П.



