Цените на нафтата пораснаа на светските берзи минатата недела, осми пат по ред, како резултат на тензиите меѓу САД и Русија околу Украина и проценките за раст на побарувачката оваа година кои се на рекордни нивоа.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 1,25 отсто, на 94,44 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 0,85 отсто на 93,10 долари.
Новите високи цени на нафтата од крајот на 2014 година во голема мера се резултат на скокот на цените од 3 отсто во петокот, откако Белата куќа соопшти дека Русија сега има доволно војници за да спроведе голема воена операција врз Украина, и може да уследи напад секој ден. Сите Американци треба да ја напуштат Украина во рок од 24 до 48 часа.
Ова предизвика страв кај трговците од прекините во снабдувањето со енергија на Европа од Русија. „Сите сакаат да обезбедат доволно нафта… ако има инвазија и знаете дека доаѓаат санкции против Русија, може да резултира со прекини во снабдувањето со гас и нафта“, рече во петокот Ендрју Липоу, претседател на Lipow Oil Associates.
Поддршка за цените, исто така, беше обезбеден ден претходно од Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), која ја зголеми проценката на побарувачката на нафта за 800.000 барели дневно оваа година и сега очекува да порасне за 3,2 милиони барели дневно до рекордни 100,6 милиони барели дневно.
Проценката на ИЕА за недоволното снабдување уследи по предупредувањето на ОПЕК дека глобалната побарувачка на нафта може да порасне уште посилно оваа година, со оглед на силното закрепнување на економиите од кризата со корона.
Сепак, ИЕА исто така соопшти дека Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати би можеле да ги смират нестабилните пазари со поголемо производство.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници произведоа 900.000 барели дневно помалку од планираното во јануари, соопшти ИЕА, при што Саудиска Арабија и ОАЕ имаат најголем капацитет за производство и би можеле да го намалат притисокот врз резервите.
Намалените глобални резерви на нафта се еден од факторите кои ги зголемуваат цените кон 100 долари, поттикнувајќи ја глобалната инфлација, соопшти ИЕА.
Иако растат осум недели по ред, растечките цени на нафтата се забавуваат во последните недели бидејќи економскиот раст би можел да забави во иднина.
Имено, бидејќи инфлацијата во САД достигна 7,5 отсто, што е највисоко ниво во последните 40 години, американската централна банка набрзо ќе ги зголеми клучните каматни стапки и тоа поагресивно од очекуваното.
А тоа би можело да го забави растот на најголемата светска економија, а со тоа и побарувачката на нафта. „Податоците за инфлацијата во САД веројатно ќе го зголемат притисокот врз ФЕД да ги зголеми каматните стапки поагресивно. Ваквите проценки донекаде ги ограничија нафтените пазари “, рече Ворен Патерсон од ING.
По поскапувањето за повеќе од 50 отсто минатата година, цената на нафтата скокна за повеќе од 20 отсто од почетокот на оваа година.
Некои аналитичари сметаат дека поради зајакнувањето на побарувачката, и недоволната понуда, цената на барелот наскоро ќе достигне ниво од 100 долари.
Други, пак, сметаат дека нагорниот тренд на цените наскоро би можел да се запре.