Европската унија го достигна предпандемиското ниво на бруто домашниот производ во третиот квартал од минатата година, но тоа не значи дека сите нејзини членки се опоравија од рецесијата во 2020 година.
Според зимските прогнози на Европската комисија, тоа ќе се случи до крајот на оваа година. По падот во 2020 година, минатата година ЕУ забележа раст на БДП од 5,3 отсто, а за оваа година Комисијата проценува раст од четири отсто, а потоа и забавување на 2,8 отсто во 2023 година.
Европската економија продолжува да се соочува со пречки, пред се во форма на нови бранови на пандемијата, тесни грла во синџирите на снабдување, пред се микрочипови и метали. Тука се и цените на енергенсите на исклучително високо ниво, кои ќе траат подолго од очекувањата на експертите на ЕК во есенските прогнози.
Високите цени на енергијата ја поттикнаа инфлацијата, која достигна 4,6 отсто во четвртиот квартал од 2021 година, а се очекува да достигне 4,8 отсто во првиот квартал од оваа година. И ќе остане над три проценти до третиот квартал од оваа година, а во 2023 година ќе се врати на два проценти, колку што ги таргетира Европската централна банка.
Највисок раст во ЕУ следната година се предвидува за Малта (шест отсто), Шпанија (5,6 отсто), Ирска (5,5 отсто) и Полска (пет отсто).
За земјите околу нас, прогнозите се нешто поскромни. Најдобар резултат се прогнозира за Хрватска со 4,8 отсто. Според проекцијата на ЕК, Романија треба да достигне 4,2 отсто, Словенија 3,8 отсто.