19 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПрофитот на „Wells Fargo“ ги засени прогнозите по зголемената побарувачка за кредити

Профитот на „Wells Fargo“ ги засени прогнозите по зголемената побарувачка за кредити

Финансискиот извештај на „Wells Fargo & Co“ ги надмина прогнозите за заработката на аналитичарите за четвртиот квартал, бидејќи закрепнувањето на економскиот раст на САД поттикна повеќе клиенти да позајмуваат и банката одржува цврста контрола врз трошењето.

Заработката на банката се зголеми за 86% на 5,8 милијарди долари или 1,38 долари по акција, според извештајот објавен во петокот. За силниот раст придонесе добивката од 943 милиони долари од продажбата на корпоративниот труст на банката и на единиците за управување со средства.

Севкупно, основната дејност остана силна, при што кредитирањето на годишно ниво е зголемено за 1% во однос на претходната година и 4% од претходниот квартал.

„Промените што ги направивме во компанијата и тековните изгледи за силен економски раст не прават оптимисти за нашето позиционирање додека влегуваме во 2022-ра година“, рече во изјавата Чарли Шарф, извршен директор на банката.

Растот на кредитирањето во втората половина од годината, кој достигна 5% со отстранувањето на владините стимулативни програми, беше особено силен во кредитирањето на автомобилскиот сектор, соопшти банката.

Некаматните расходи, пак, се намалија за 11 отсто на 13,2 милијарди долари, поттикнати од пониските трошоци за персоналот, како и од помалите загуби при реструктуирање и работење. 2021-ва година генерално беше година на агресивни кратења на банкарските трошоци.

Говорејќи за медиумите, главниот финансиски директор на „Wells Fargo“, Мајк Сантомасимо, рече дека банката има за цел натамошно намалување на трошоците за 3,3 милијарди долари во 2022-ра година.

Намалувањето на трошоците е камен-темелник на планот на Шарф, кој настојува да заштеди 10 милијарди долари годишно на долг рок.

Четвртата по големина американска банка го привлече вниманието на регулаторите во 2016-та година кога избувна скандал со нејзините продажни практики и плати милијарди долари казни.

Покрај тоа, „Wells Fargo“ работи со лимит на средства од 1,95 трилиони долари наметнати на банката од страна на Федералните резерви во 2018-та година, што ја ограничи нејзината способност да ги зголеми приходите од камати преку подобрување на растот на заемите и депозитите.

Проценките на „Refinitiv“ беа за заработка од 1,25 долари по акција, освен некои елементи, во споредба со просечните очекувања на аналитичарите од 1,13 долари.

Вкупниот приход се зголеми за 13% на 20,9 милијарди долари, што исто така ги надмина проценките од 18,9 милијарди долари.

„Wells Fargo“, исто така, објави намалување на загубите од пандемијата за 875 милиони американски долари што не се остварија.

Сепак, нето приходите од камати се намалија за 1%, а просечниот заем падна за 3% во текот на кварталот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП