20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономијата научи да се прилагодува на брановите на Ковид-19

Економијата научи да се прилагодува на брановите на Ковид-19

Појавата на нов вид на коронавирус, за кој Светската здравствена организација вчера соопшти дека претставува „многу висок ризик“ на глобално ниво, ги поттикна стравувањата од економско закрепнување по двегодишната пандемија.

Стравувањата дека новиот вид на вирусот, омикрон, би можел да биде позаразен и поотпорен на вакцините, збришаа околу два трилиони (две илјади милијарди) долари на светските берзи, но пазарите некако се смирија вчера. Вредноста на акциите и цените на нафтата закрепнаа вчера по првичната паника, а според „Фајненшл тајмс“, економистите очекуваат дека светската економија „релативно лесно ќе помине“ низ нов бран на инфекција што на крајот би го предизвикал омикрон.

Британскиот весник наведува дека и покрај фактот што новиот вид на вирусот внесе несигурност во економските прогнози, клучната причина за релативно оптимистичките првични проценки, покрај кампањите за вакцинација, е и зголемената способност на економиите да се прилагодат за време на претходните ограничувања на Ковид-19.

Економистите велат дека новиот бран сигурно нема да помогне во намалувањето на инфлацијата, но голем број аналитичари кои ги објавија прогнозите вчера – без разлика дали се инвестициски банки или консултантски фирми – ја истакнаа неизвесноста околу можната способност на омикрон да се шири побрзо од делта и да е отпорен на вакцини, малкумина сметаат дека е неопходно да се променат сегашните економски проекции.

Пол Донован, главен економист во „UBS Global Welt Management“, рече дека туризмот и туристичката индустрија може да бидат тешко погодени на некои места, но дека тоа генерално е мал дел од севкупната економска активност.

„Варијантата на омикрон не е веројатно дека ќе го промени поширокиот економски наратив во оваа фаза“, додаде тој.

Холгер Шмидинг, главен економист во „Berenberg“ банка, рече: „Од бран до бран, економската штета е помала“.

Тој го истакна контрастот меѓу првиот и вториот бран на Ковид-19 во Европа. Додека првиот бран намали 15 отсто од економската активност на еврозоната во вториот квартал на 2020-та година, општото прилагодување на животот со вирусот доведе до пад од само 0,7 отсто на БДП-то во посериозниот втор бран на почетокот на 2021-ва година.

Покрај тоа, дури и ако сојот омикрон има поголема отпорност на сегашните вакцини, преовладува мислењето дека вакцинацијата сепак ќе помогне да се намали економското влијание.

Прифаќајќи дека постои огромна несигурност, економистите на „Goldman Sachs“ составија четири можни сценарија за претстојниот бран на омикрон, вклучувајќи го и она во кое е лажна тревога и дека новиот вид не е позаразен од делтата.

Во главното сценарио за последиците, се сугерира дека вирусот ќе нанесе помал економски удар во 2022-ра година, бидејќи влијанието на секое следно заклучување во минатото било послабо, пишува „ФТ“. Овие ограничувања значително ќе го намалат глобалниот раст во првиот квартал, додека не пристигнат новите вакцини и не донесат со себе силно закрепнување.

Во текот на годината, Ден Струвен, висок глобален економист во „Goldman Sachs“, рече дека глобалниот раст ќе падне од 4,6 отсто во 2022-ра година на 4,2 отсто. Сепак, соодветно зголемување ќе има во 2023-та година, кога закрепнувањето повторно ќе добие замав.

Според најсериозното негативно сценарио, сериозноста на болеста и имунитетот од хоспитализацијата се значително полоши отколку за видот делта. Сепак, Струвен додаде дека постои позитивно сценарио во кое сериозноста на инфекцијата е помала и глобалното закрепнување може да се „нормализира“.

„ФТ“ потсетува дека европските економисти во петокот рекоа дека новата неизвесност ќе биде „голем аларм“ за централните банки и дека „патот до закрепнување можеби нема да биде толку директен како што првично се мислеше“.

Шефот на Европската централна банка, Кристин Лагард, вчера се обиде да ги убеди инвеститорите дека еврозоната може да се справи со зголемувањето на бројот на заразени лица.

„Има јасна загриженост за економското закрепнување во 2022-ра година, но верувам дека научивме многу“, изјави таа.

„Сега го знаеме нашиот непријател и знаеме какви мерки да преземеме. Сите ние сме подобро опремени да одговориме на ризикот од петтиот бран или варијантата омикрон“, додава Лагард.

Вчера претседателот Џо Бајден се обиде да ги убеди Американците дека Соединетите Држави се подготвени да се соочат со нов вид на вирусот, ветувајќи дека ќе го забрзаат развојот на вакцините доколку е потребно.

„Овој вид е причина за загриженост, а не за паника“, рече Бајден пред Белата куќа по состанокот со неговиот Ковид-19 тим.

„Порано или подоцна, ќе регистрираме случаи на нов вид овде во Соединетите држави“, рече Бајден, додавајќи дека Белата куќа работи со фармацевтските компании „Фајзер“, „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“ за да развијат планови за поддршка.

Повеќе од 261 милион луѓе во над 210 земји се заразени со коронавирусот откако беа откриени првите случаи во Кина во декември 2019-та година, а според вчерашните податоци, починале 5.456.515 луѓе.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП