23 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОРекордна победа на Ливерпул на Олд Трафорд, хет-трик на Салах

Рекордна победа на Ливерпул на Олд Трафорд, хет-трик на Салах

Во најголемото англиско фудбалско дерби, Ливерпул го декласираше Манчестер Јунајтед со 5-0 на „Олд Трафорд“, остварувајќи рекордна победа на „Театарот на соништата“.

Најголемата победа на „Олд Трафорд“ досега „црвените“ ја остварија во март 2009 година, кога победија со 4-1. Вечерва по 50 минути игра беа 5-0, а од 61. минута имаше повеќе играчи, но тие „застанаа на топката“.

Последен пат Јунајтед загуби дома 0-5 пред 66 години од Манчестер Сити.

„Црвените“ постигнаа четири гола во првото полувреме и веќе испишаа историја. Имено, никогаш во историјата Јунајтед на негов терен во првото полувреме не примил четири гола.

Јунак на натпреварот беше одличниот египетски напаѓач Мохамед Салах кој постигна три гола (38, 45 , 50), а запиша и асистенција за водство од 1-0.

Ливерпул фуриозно влезе во натпреварот и гостите поведоа во петтата минута со голот на Наби Кеита, а во 13. минута веќе беше 2-0 откако погоди Диого Јота.

Потоа следеше „шоуто на Салах“ и египетскиот напаѓач постигна три гола по ред, станувајќи првиот играч што постигнал „хет -трик“ на „Олд Трафорд“ по „вистинскиот“ Роналдо во дресот на Реал Мадрид во 2003 година.

Очајната вечер на „црвените ѓаволи“ ја заокружи Пол Погба, кој заработи црвен картон во 61. минута, а во финишот на првото полувреме Кристијано Роналдо ги загуби нервите заработувајќи жолт картон за неспортски потег.

Со овој резултат, Ливерпул ја продолжи серијата без пораз во 19 првенствени натпревари, забележувајќи ја четвртата победа со шест нерешени и само еден пораз во последните 11 првенствени натпревари против Јунајтед.

Во претходниот натпревар, Вест Хем го победи Тотенхем со 1-0, а голот за одлука го постигна Михаил Антонио во 72. минута.

На табелата води Челзи со 22 бода, Ливерпул е втор со бод помалку, додека Манчестер Сити е третопласиран со 20 бодови.

Вест Хем скокна на четвртото место во англискиот шампионат со 17 бодови, додека Јунајтед е на седмото место со 14 бодови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП