29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВолстрит бележи раст трет ден по ред

Волстрит бележи раст трет ден по ред

На Волстрит во четвртокот, берзанските индекси пораснаа трет ден по ред, бидејќи американскиот Конгрес постигна договор за привремено зголемување на државното задолжување, со што се избегна ризикот владата да не може да ги плати финансиските обврски.

Dow Jones порасна за 337 поени, или 0,98 проценти, на 34.754 поени, додека S&P 500 зајакна 0,83 проценти, на 4.399 поени, а индексот Nasdaq порасна 1,05 проценти, на 14.654 поени.

Растот на пазарот е благодарение на договорот меѓу демократските и републиканските пратеници во Конгресот за привремено зголемување на плафонот за задолжување на владата.

Тој плафон е поставен на 28,4 трилиони долари, а договорено е до декември да се зголеми за 480 милијарди долари.

Ова допрва треба да се изгласа во Конгресот, но според сите претпоставки, колапсот на федералните финансии досега беше избегнат.

„Пазарот порасна благодарение на малото поместување на Вашингтон кон рационално решение, што им овозможува на властите да ги платат сметките, да отпечатат некои чекови“, вели Ким Форест, директор на Боке Капитал Партнерс.

Инвеститорите вчера се фокусираа и на извештајот за невработеноста во САД. Бројот на првите барања за надоместоци за невработеност падна на 326.000 минатата недела, додека аналитичарите очекуваа пад на 345.000, што покажува дека состојбата на пазарот на трудот продолжува да се подобрува.

„Овие податоци ги поддржаа очекувањата дека вработувањето би можело значително да се зголеми во наредните месеци, што е добро за економијата“, вели Бред Нојман, извршен директор во компанијата Alger.

Но, како што се подобрува состојбата на пазарот на трудот и инфлацијата се зголемува на повисоки нивоа, се очекува дека Федералните резерви на САД наскоро ќе започнат со намалување на стимулациите за економијата.

Официјално, целосен извештај за вработувањето на САД во септември ќе биде објавен денес и ќе може да даде појасна слика за тоа кога ФЕД ќе почне да ги намалува монетарните стимулации.

Аналитичарите во анкетата на Dow Jones проценуваат дека бројот на вработени се зголемил за 500.000, откако пораснал за 235.000 еден месец претходно.

Акциите во рударскиот сектор вчера пораснаа најмногу, во просек 1,35 проценти, а акциите на технолошките гиганти како Епл, Мајкрософт, Алфабет и Тесла исто така значително пораснаа.

Овие компании имаат огромна пазарна капитализација, а со тоа и значајно учество во берзанските индекси.

И на европските берзи, цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот индекс FTSE зајакна 1,17 проценти, на 7.078 поени, додека франкфуртскиот DAX порасна за 1,85 проценти, на 15.250 поени, а парискиот CAC 1,65 проценти, на 6.600 поени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП