28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев не се согласува администрацијата да работи помалку

Заев не се согласува администрацијата да работи помалку

Премиерот Зоран Заев не го поддржува предлогот на Министерството за информатико општество администрацијата да работи четири наместо осум часа во петок. Според него, како народ треба да работиме повеќе, не помалку.

„Но како предизборно ветување на политичките партиципиенти во власта допрва се отвора дискусија за ова прашање. Верувам дека граѓаните ќе го кажат она што е реалност во државата, а тоа е дека ако сакаме швајцарски плати, треба да работиме повеќе од продуктивноста што сега ја имаме, и тоа сите, почнувајќи од себе, па секако до сите работници вработени во приватниот и во јавниот сектор. Вториот дел – ефикасноста на јавната администрација, е нешто што е сериозен фокус. Видовме дека системот функционира и со 38 % од лицата на работа за време на брановите на пандемијата. Системот функционира. Тоа кажува дека веќе постојните капацитети на администрацијата мора да бидат максимално искористени во таа полза и тоа треба да се слуша, тоа е очекувањето на граѓаните. Кога нешто е отворено на ЕНЕР-систем, несоодветно е премиерот да каже кои се очекувањата на граѓаните, туку тие да кажат кои се нивните очекувања. Ние како Влада ќе слушаме. Мојот впечаток е дека граѓаните очекуваат администрацијата што ја плаќаат да работи поефикасно“, рече Заев.

Тој објасни и дека во изминатите пет години се намалил бројот на административни работници.

„165 илјади беше администрацијата во 2016 година, сега е 132 илјади. Ги собравме податоците. Сакам да знаете сите дека најголем дел од администрацијата е во јавните државни или комунални општински претпријатија, без полицијата во униформа, здравствениот систем од доктори, медицински сестри, болничари и без армијата. Околу 15 илјади луѓе работат во министерствата како јавна администрација. Но, работат многу и во енергетските и железничките компании, во патишта, водовод, комуналните претпријатија“, додаде Заев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП