19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПостои ли навистина долг на кој не му расте камата?!

Постои ли навистина долг на кој не му расте камата?!

Законот за облигациони односи тотално ги збуни граѓаните и експертитe од областа на ова право. Народните избраници објавија дека во законодавниот дом се усвоени измени на закон со кои каматата на долгот нема во иднина да биде повисока од главниот долг. Но од како се обелодени дека новите правила нема да важат за комуналните сметки, а тоа се најчестите трошоци кои граѓаните ги плаќаат, а во добар дел и заостануваат со подмирување поради оправдани или неоправдани причини реакциите во јавноста беа жестоки. Експертите пак сметаат дека предвидените измени на Законот за облигационо право нема во голема мера да им го олесни животот на граѓаните кои имаат потешкотии во плаќањето на нивните долгови. Пратениците на актуелното мнозинство според информациите сега се решија да изработат нови измени и да го дополнат веќе надополнетиот Закон за облигациони односи од пред неколку дена. Новите измени треба да бидат испратени до собраниските служби на некоја од следните седници, и доколку има политичка волја експресно да ги усвојат, за на сила да стапат до први октомври како што првично предвидуваше законското решение.

Текстот на законот од СДСМ велат дека го подготвувале подолго време, и тоа со синдикатите и останати засегнати страни. Прво велат дека одлучиле да го пуштат да важи за договорните камати со цел да се отвори прашањето за како што велат долгогодишниот проблем на граѓаните и да се започне со решавање на истиот. Сега велат дека се работи и на законските казнени камати, но и да бидат вклучени и ослободени должниците за неплатен долг по правосилна судска одлука по определен рок.

„За ненавремено плаќање на сметките нормално дека се пресметува законската казнена камата, но кога износот на законската казнена ќе го достигне износот на долгот ќе престане да се пресметува исто како за договорната камата“, велат од СДСМ.

На ваквото играње “топло – ладно“ со законското решение кое е ветено од власта и со години го чекаат илјадници граѓани, жестоко реагираа активистите. Од Конфедерацијата на синдикални организации за Денар велат дека во организацијата се јавуваат по неколку стотини граѓани кои имаат проблеми со плаќање на сметките и не знаат за кои сметки ќе важи законот, а за кои сметки нема да важи.

„Зошто овој закон не важи ретроактивно. Граѓаните на овој начин нема да видат никакво фајде. Плус се уште има многу нејаснотии во законот. Се знае има институции, мора да ни каже некој за кои предмети важи. Граѓаните сега се доведени во ситуација, секој да плати адвокат и да ни го цитира законот“, велат од КСС.

Денар побара стручно мислење и од експертите. Според универзитетскиот професор по корпоративно право, Марко Андонов со последните дополнувања во Законот за облигационите односи со што законодавецот предвидува износот на стасаната, а неисплатена договорна камата кога ќе го достигне износот на главницата, да престане да тече, вели од исклучителна важност е да се спомене законската казнена камата исто така регулирана во Законот за облигационите односи. Професорот објаснува дека се работи за два вида на камати кои ги нормира посочениот закон. Па така, со актуелните измени и дополнувања на Законот за облигациони односи, законодавецот не го променува начинот на пресметка на законската казнена камата.

„Токму оваа камата нормирана во Законот за облигациони односи (а не договорната камата која беше предмет на измени и дополнувања) е „главна на сцената“ кога станува збор за обврските на граѓаните кои произлегуваат од ненавремено плаќање на сметките кои се однесуваат на комунални услуги, вода, струја, парно, телекомуникациски услуги и слично. За да биде појасно, треба да се спомене дека договорната камата е институт кој може да се предвиди при склучување на одредени облигациони договори, каде што договорните страни се согласни како една од клаузулите да биде вметнато и плаќање на ваков вид на камата поради постоење на одредени околности кои се предвидени во самиот договор. Од друга страна, кога станува за правните односи кои се создаваат помеѓу граѓаните/физичките лица од една страна и правните лица кои ги нудат по напред наведените услуги (вода, струја, парно итн.), таму воопшто не може да стане за постоење на договорна камата. Единствено апликативна е законската казнена камата во случај на задоцнување на плаќањето од страна на граѓаните. Така да, со овие измени и дополнувања, граѓаните сепак ќе немаат посебна причина за опуштање и помирен сон“, вели професорот Андонов.

Првичните информации од Комората на извршители беа дека првично онака како што беше скроен текстот на законот ќе направи проблеми во работењето на банкарскиот сектор.

Ставот пак на професорот Андонов во однос на работата на банките по ова прашање е дека ова ограничување на износот на каматата до износот на главницата, направено со законските измени и дополнувања, се однесува исклучиво на договорната камата.

„Законодавецот, во овој случај нормирал општа одредба која може да се имплементира во сите должничко-доверителски односи, доколку нејзината примена е договорена. Секако истата би можела да биде апликативна и во договорите за банкарски кредити кои граѓаните ги склучуваат со банките, и тоа е така во праксата речиси без исклучок. Во правно – економскиот промет е малку веројатно дека оваа одредба всушност ќе заштити некој должник од плаќање на поголем износ на договорна камата од главниот долг. Ова првенствено поради фактот што на неисплатените, а доспеани обврски секако тече задолжителна казнена камата согласно Законот за облигационите односи, која што веќе ја елаборирав. Друга околност, која треба да се земе во предвид е кога должникот доцни со плаќањето, доверителите вообичаено поведуваат постапка за присилна наплата на своето побарување. Овде се мисли пред се на договорите за кредит, каде банките во случај на неплаќање на неколку последователни кредитни обврски (рати), го пресметуваат севкупното побарување доспеано во целост. Во ваков случај, во пракса е малку веројатно доспеаната, а неисплатена договорна камата да продолжи да тече до износот на главницата“, додава Андонов.

 Од Македонската банкараска асоцијација накратко ни одговорија дека ќе работат како и секогаш, според законите во државата.

„Банките членки на Македонската банкарска асоцијација секогаш работат во согласност со законите и позитивните законски прописи. По измените на Законот за облигациони односи, банките секако ќе го усогласат целокупното свое работење со новата законска регулатива“, велат од Македонската банкарска асоцијација.

Од Комората на извршители околу измените на Законот за облигациони односи велат дека обврска на законодавецот е да носи закони и други правни акти, а пак обврска на извршителите е да ги почитуваат и применуваат законите. Секоја законска одредба која се носи и е во интерес на граѓаните и велат дека ја поздравуват и ќе ја применуваат во навната работа.

„Оваа одредба нема да има големо влијание врз извршувањето од причина што во извршните исправи кои се предмет на нашата работа во најголем број случаеви, да не речам скоро 100 % законската казнена камата е утврдена во постапка пред суд или нотар и е утврдена согласно член 266а  став 1 и 2  од ЗОО која што стапка е далеку помала одколку стапката на договорната камата која пак е пропишана во член 388 од ЗОО каде стапката на договорната камата се определува договорно но не повисоко од стапката на ЗКК утврдена во членот 266а на ЗОО зголемена најмногу за 50 проценти.“ велат од Комората на извршители.

Не така одамна во јавноста, и на социјални мрежи се појавуваа случаи кои покажуваа како граѓани кои за минимален долг од неколку денари добиваа сметки за наплата високи од повеќе илјади денари.

Експертите сепак го отвораат прашањето,  дали со ваквите измени и дополнувања на законот навистина им се олеснува и подобрува целокупната состојба на граѓаните кои имаат ненамирени долгови по разни основи. Се чини дека и покрај добрите намери на законодавецот односно на државата, ќе биде неопходно да се направи уште еден сет на законски измени во предметната насока кои ќе бидат на некој начин надополнување на актуелниве, и кои во крајна инстанца навистина ќе доведат до постигнување на реални и посакувани ефекти кај граѓаните.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП