29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовиот удар врз бизнисот засега недоволен за државна помош за стопанството!?

Новиот удар врз бизнисот засега недоволен за државна помош за стопанството!?

Новиот бран на корона вирусот донесе и нов удар врз домашната економија. Рестриктивните мерки на Владата ги намалија приходите на дел од бизнисите и сега стопанственициите бараат или олабавување на мерките или пак нова државна помош. Властите пак велат дека засега не се размислува на нов пакет на финансиска помош за компаниите. Доколку се процени дека дел од стопанските дејности се погодени од овој нов бран на вирусот, ќе реагираат и државата ќе им ги покрие штетите. Најпогодени според реакциите се од туристичко-угостителскиот сектор, трговските центри, како и спортските обложувалници и објектите специјализирани за игри на среќа.

Новите мерки ги испразни трговските центри низ земјава а со тоа им се намали и прометот на трговците за над 60 отсто. Зголемениот број на новозаразени од корона вирусот ги предомислува граѓаните редовно да одат на шопинг во моловите поради опасноста од полесно пренесување на заразата во затворени простории. Дополнително, властите бараат секој оној кој има намера да посети трговски центар при влез мора да покаже сертификат дека е вакциниран, или пак доказ за прележан Ковид 19, но не постар од 45 дена.

„Со новите мерки веќе има намалување на прометите и посетеноста на сите продавници вклучувајќи ги и супермаркетите кои се наоѓаат во склоп на трговските центри поради неможност на потрошувачите да влезат во моловите, со тоа што повторно се соочуваме со економски пад. Уште од почетокот на пандемијата, трговските центри секогаш беа голема поддршка во борбата против КОВИД-19. И кога немаше рестрикции за невакцинираните посетители, во некои периоди, бројот на заболени беше дури под пет лица. Иако, трговските центри и дуќаните претрпеа големи загуби во последната 1,5 година од почетокот на пандемијата и се уште не се закрепнати, сите безбедносни протоколи максимално беа спроведувани.“ – велат од трговските центри.

Трговците сега стравуваат дека ќе влезат во нова економска криза. Бараат олабавување на мерките со образложение дека граѓаните кои редовно ги посетувале трговските центри ги почитувале  превентивните мерки, пред се со носење маски, држење дистанца, редовна дезинфекција на рацете. Но и редарските служби или обезбедувањето во дуќаните дозволувале влез на одреден број на граѓани, се со цел да не се создава метеж во продавниците.

Угостителско – туристичкиот сектор по сите проценки и метематики е најпогоден од оваа здравствено-економска криза. И од овој бран на новозаболени нема да остане имун бидејќи за да се седне во кафе бар или ресторан потребно е да се покаже сертификат за вакцинација или да се има доказ за  пртележан вирус не постар од 45 дена. Угостителите мораат и да го ограничат бројот на гости и тоа до 30 отсто од вкупниот капацитет. Угостителите се жалат дека мерките за заштита од вирусот не кореспондираат со нивните основни барања, и плус тие велат дека мерките се нејасни, а со тоа и неприменливи. Дополнително, во угостителски објект не може да се организира свадба, роденден, крштевка или друга семејна веселба.

„Како пример се посочува дека може во затворениот дел капацитетот да биде полн 30%, но не може да има било каква прослава, иако има точни протоколи за број на гости, дистанца и се останато, што е сосема нелогично. Категоризираните објекти за настани остануваат и понатаму затворени, со што се остава простор повторно прославите да се пренесат на приватни локации без контрола. Повторно се доведуваме до состојба во која ќе биде неопходна нова финансиска помош, а за од почетокот на октомври кога веќе нема да може да се работи на отворено ќе треба да има нови протоколи за работа во затворен простор.“ – велат од угостителската комора.

Истите правила важат и за влез во обложувалниците. Бизнисмените од овој сектор веќе се во пресметка на штетите кои ги носи овој четврти бран, односно рестриктивните мерки за заштита од вирусот. Од Асоцијацијата на спортски обложувалници велат дека работата е преполовена, и доколку продолжи оваа мерка да биде на сила ќе бидат во незавидна позиција која им налага да затворат дел од уплатните места и да испратат дел од вработените на принуден одмор. Но, стопанствениците од оваа дејност ги предупредуваат властите дека тоа ќе значи и помалку приходи во буџетот на Македонија кои редовно се уплаќани од нивна страна.

„Спортските обложувалници беа првите целосно затворени субјекти дури два месеци, во периодот од март до мај 2020 година. По отворањето, обложувалниците продолжија да работат по најстроги протоколи, иако во објектите на спортските обложувалници практично и да нема задржување. Работата се одвива преку шалтерски систем со минимално задржување на играчите, а дека мерките и протоколите се почитуваат во целост го потврдува и фактот дека ниту еден објект не е санкциониран за непочитување на истите. Со оглед на лошите финансиски резултати од работењето кои ги бележат членките, а предизвикани од новите ковид мерки, земајќи ги предвид претходно наведените факти, бараме Владата и Комисијата за заразни болести да направат итна промена на мерките за спортските обложувалници, односно тие да бидат изземени од објектите во кои при влез задолжително треба да се поседува и прикаже сертификат за вакцинација или тест за прележан ковид во последните 45 дена.“ – велат од Асоцијацијата на спортски оложувалници.

Од Асоцијацијата бараат итно носење на мерки за нова помош како би им се излегло во пресред на спортските обложувалници, но како што велат и на сите останати дејности кои се соочуваат со нарушена ликвидност. Во спротивно велат во прашање се доведува одржливост на бизнисот и зачувување на работните места.

Но ваквите поплаки и стравувања на бизнос секторот не предизвика големо внимание кај властите. Иако првично од Владата најавуваа дека ќе им се помогне на компаниите доколку се утврди дека се сериозно погодени од овој четврти бран од корона вирусот. Последно, Вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи соопшти дека владата не планира да воведе нови економски мерки за помош на стопанството, не доколку ситуацијата не се проблематизира дополнително. Тој додаде дека се водат разговори на оваа тема со стопанските комори, но засега само се прават анализи.

„Здравјето на граѓаните пред сѐ. Ако треба да се прави компромис меѓу мерка за угостители и здравјето на граѓаните и борбата за заштита на граѓаните, здравјето на граѓаните е прес сѐ. Секој еден изгубен денар ќе се надокнади, кога тоа навистина е потребно и за тоа ќе седнеме и ќе разговараме.Секако сметамд ека во овој момент навистина сите треба да сме спремни нешто да оставиме наспроти борбата што нѐ чека сите, а тоа е енормното зголемување на бројот на заразени о дкорона вирусот и борбата за живот којшто секојдневно нѝ е многу поважен од сѐ друго.“ изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Инаку, веќе на сила е и мерката за влез и излез од земјава, при што се потребни сертификат за вакцинација, доказ за прележан Ковид 19 не постар од 45 дена или негативен ПЦР тест. На оваа мерка реакција има од туристичкиот сектор кој побара се дозволи влез во државата со антиген тест, и да има можност за лабораториски тестирања на граничните премини, како  и да може да се влезе во државата со решение за домашна изолација кое ќе биде прекинато во рок од 24 часа со приложен негативен тест. Но од владата информираа дека нема да има можност за тестирање на самите граници. А за останатите барања туристичките работници останаа без одговор.  А владата во координација со Комисијата за заразни болести ги иззема од овие мерки невакцинираните транспортери на товарни моторни возила кои сега немаат обврска да прават ПЦР тест за влез и излез во Македонија.

И.П.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП