29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКој градоначалник лани најтранспарентно, а кој таинствено ги трошел парите на граѓаните?!

Кој градоначалник лани најтранспарентно, а кој таинствено ги трошел парите на граѓаните?!

Фискалната транспарентност на локалните самоуправи се подобрува но потребна е поголема отвореност на општините кон граѓаните. Ова е првичната оценка на Центарот на економски анализи добиена од истражувањето за отчетноста и трошењето на јавните пари од страна на локалните власти.  Истражувањето покажало дека две општини во земјава се максимално транспарентни, а тоа се Берово и Велес, кои го земаа приматот од Скопје и Прилеп. Најголем пад во транспарентноста е забележана кај општина Чучер Сандево. Според експертите недостатокот или половичните информации за трошењето на јавните средства од страна на единиците на локална самоуправа во Македонија е “кочница” за постоење на отчетност во едно демократско општество. Ниската свест од потребата за поголема транспарентност на трошењето на јавните средства допринесува до неефикасна алокација на средствата што пак е во интерес на граѓаните и задоволување на нивните потреби.

Анализата е направена за фискалната 2020-2021 година, а според наодите Берово и Велес ги имаат освоено максималните 16 поени за транспарентност во трошењето на јавните финансии. Во однос на минатата година, двете општини имаат подобрување, односно Велес за еден а Берово за два поена. Прилеп и град Скопје кои на ланското рангирање беа најтранспарентни сега се во минус од два поена и годинава имаа освоено 14. Првата петорка на општини кои најтранспарентно работеле со народните пари е општина Аеродром со освоени 14 поени, еден повеќе од лани. Потоа следуваат општините Битола, Демир Хисар, Илинден, Делчево, Зрновци, Кочани, Богданци, Кратово и Чашка, кои се помеѓу потранспарентните локални самоуправи.

„Најголем пад на индексот на буџетска транспарентност за фискалната 2020-2021 година има општина Чучер Сандево чијшто индекс е намален за 9 индексни поени во споредба со претходната година. Од друга страна, општините Ново Село и Теарце забележуваат највисок пораст на индексот на буџетска транспарентност за 7 индексни поени во фискалната 2020-2021 година. Генерално, буџетската транспарентност значително е подобрена кај руралните општини. И оваа година, покрај Статутот на општините, Завршната сметка и Усвоениот буџет се најдостапни буџетски документи кај општините, на нивните веб страници“, стои во истражувањето на Центарот за економски анализи.

На долната страна на рангирањето за трансперентноста на локалните самоуправи ос страна на Центарот за економски анализи се наоѓаат Дебар, Лозово, Старо Нагоричане, Чаир, Арачиново, Крушево и сите овие се со шест освоени бодови. Струга и Дојран имаат освоено четири бода за својата транспарентност од можни 16, Чучер Сандево и Гази Баба по три, Тетово, Студеничани и Сарај по два поени, со само еден поен е општина Ранковце, и најлошо рангирано без ниту еден поен транспарентност се Росоман и Зелениково.

Наодите од истражувањето дополнително откриваат дека Годишниот извештај за работењето на општината и тоа Годишниот извештај за 2020 е достапен кај 59 општини наспроти Годишниот извештај за 2019 кој беше достапен кај 50 општини. Што се однесува до планските региони, подобрување на буџетската транспарентност за фискалната 2019-2020 година имаше во сите региони освен во Југоисточниот, но тоа се промени во фискалната 2020-2021 година каде се забележува подобрување кај Југоисточниот, Североисточниот, Полошкиот и Источниот регион.

Експертите од ЦЕА констатирале и дека во анализираниот период 51% од општините спровеле форум наспроти 35% во фискалната 2019-2020 на кој биле вклучени граѓаните. Општините најчесто спроведуваат форуми за дефинирање на приоритети во буџетите за следната година, односно спроведуваат буџетски форуми за граѓаните. Од друга страна, мал е бројот на општините кои имаат пракса покрај буџетските форуми да спроведуваат и форуми за локален економски развој  на кои граѓаните имаат можност да ги искажат идеите и ставовите поврзани со економијата на локално ниво. Најголем број од општините кои спроведуваат форуми за вклучување на граѓаните се од Југоисточен регион или поточно тоа го сториле  80% од тој дел на Македонија. Од Скопскиот регион 56% и од Пелагонискиот регион 56%.

„Мал број на општини организираат јавни расправи по основ на Завршна сметка и сметаат дека седницата на која се изгласува Завршната сметка е форма на која граѓаните може да присуствуваат но, не и да искажуваат ставови и мислења. 7 општини организираат јавна расправа за Завршните сметки а само кај една општина има присуство на граѓани“, стои во истражувањето.

Недостатокот или половичните информации за трошењето на јавните средства од страна на единиците на локална самоуправа во Македонија е “кочница” за постоење на отчетност во едно демократско општество. Ниската свест од потребата за поголема транспарентност на трошењето на јавните средства допринесува до неефикасна алокација на средствата што не е во интерес на граѓаните. Според ММФ, фискалната транспарентност во јавните финансии е главен елемент на доброто владино управување кое понатаму води кон макроекономска и фискална стабилност и е детерминанта за повисоки стапки на економски раст. Фискалната транспарентност може да служи и за рано идентификување на потенцијални ризици по фискалните резултати што пак води кон рано предупредување и соодветна фискална реакција при променети економски претпоставки. Понатаму, фискалната транспарентност овозможува отчетност кон граѓаните-даночни обврзници, а и овозможува подобра кредитоспособност кон меѓународниот пазар на капитал.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП