29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖивотот на граѓаните се поскап - Владата тврди и со новиот еколошки...

Животот на граѓаните се поскап – Владата тврди и со новиот еколошки данок цените нема да растат

Животот на граѓаните од месец во месец поскапува – а Владата е категорична дека ниту новиот еколошки данок нема да ја подгрее инфлацијата. Трошоците за живот на граѓаните во мај се повисоки за 3 проценти во однос на истиот месец од минатата година, а цените на мало отишле нагоре за 3,9 проценти, во однос на истиот период лани, објави Државниот завод за статистика.

Но овие бројки не ја загрижуваат Владата. Тврди дека и новата еколошка такса која планира да ја воведе од 1 јули од 4,13 денари за литар нафта и бензини, нема да ја подгреат инфлацијата. И со реблансот на буџетот е проектирано инфлацијата годинава да се задржи на 2,1 процент. Од Народната банка пак ја ревидираа. Откако првично проектираа дека ќе биде 1,5 проценти, сега прогнозираат дека годинава ќе изнесува 2,2 проценти. За „Денар“ велат ја следат состојбата, но за сега таа е во рамките на проекциите.

„Остварената годишна стапка на инфлација од 3% во мај, како и просечната годишна стапка во периодот април-мај од 2,9% засега е во линија со очекувањата при последниот циклус макроекономски проекции на Народната банка, согласно кои се очекува умерена стапка на инфлација од 2,2% оваа година. Забрзувањето на инфлацијата во април и мај речиси во целост е движено од цените на енергијата (односно горивата), што исто така е во линија со очекувањата, при релативно стабилен придонес од останатите компоненти (прехранбената и базичната). Следствено, остварувањата кај инфлацијата засега се во рамки на проектираните движења“, изјавија за „Денар“ од Народната банка.

Велат пораст на инфлацијата има кај сите земји од регионот, главно од растот на цените на светските берзи.

„Нагорни придвижувања на инфлацијата се присутни кај сите земји од регионот и заедничко за сите е што тоа е движено од глобални фактори, односно од промените на цените на примарните производи на светските берзи, коишто се оценува дека се од привремен карактер. Можното прелевање и врз останатите цени се оценува како ограничено, и затоа засега не се очекува продолжен период на растечка инфлација. Всушност, веќе во 2022 година се очекува генерално стабилизирање кај сите увозни цени. Проекциите за инфлацијата на среден рок и за нас и во просек за сите земји од ЦИЈИЕ засега се движат некаде околу 2%.“, велат од Народната банка.

Но сепак од Централната банка потенцираат дека постои неизвесноста со движењето на увезените цени во периодот што следува.

„Неизвесност поврзана со движењето на увезените цени во следниот период секако постои, но затоа Народната банка постојано ги следи промените кај овие цени и факторите кои ги придвижуваат, со цел оцена на потенцијалните ефекти и ризици. Следниот циклус макроекономски проекции, според редовната динамика, Народната банка ќе го спроведе во текот на октомври, но секако, во меѓувреме, редовно се следат тековните состојби и истите на редовна месечна основа се комуницираат со пошироката јавност.“, велат оттаму.

И Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, потврди дека неизвесноста е особено нагласена.

„Во однос на очекуваните движења на увозните цени, последните ревизии се во нагорна насока. Неизвесноста во однос на движењето на светските цени на примарните производи во следниот период е особено нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со пандемијата и изгледите за справување со неа“,  стои во соопштението.

Владата пак е категорична дека ниту новата давачка од 4,13 денари за литар нафта и бензини, нема да ја подгреат инфлацијата. Рече и дека секоја поплака на ова поле не држи вода,

„И со 3,5 те денари имаме најниска цена на нафтата во регионот, а платите не ни се најниски во регионот. Политиките ги димензионираме соодветно, така што 3,5-те денари нема да предизвикаат акцелерација на покачувањето на цените. Ги гледате проекциите, од 1,5 до два отсто е корекцијата на инфлацијата, тоа е навистина незначително, а растот на четири отсто на просечната плата и на осум проценти на минималната плата ќе создава поголем економски стандард и помали трошоци на живеење“, рече премиерот Заев.

Синдикатот веќе реагираше. Синдикалната кошничка станува се поскапа. Велат со ова темпо до крајот на годината три минимални плати ќе бидат малку таа да се наполни. Синдикалната кошничка за мај е зголемена за 180 денари и изнесува 34.156 денари. Само за последните два месеци таа е зголемена за повеќе од 400 денари.

„Доколку продолжи со вакво темпо на зголемување во просек од 200 денари месечно до крајот на годинава нема да бидат доволни ни три минимални плати за покривање на основните потреби на едно четиричлено семејно домаќинство“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Дека животот на граѓаните станува се поскап, потврди Државниот завод за статистика. Индексот на трошоците на животот во мај 2021 година, во однос на мај лани бележи зголемување од 3 проценти, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3.9 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.

Пораст на индексите на трошоците на животот има кај свежиот зеленчук и овошје, маслото, газираните пијалоци, месото, како и течните горива, медицинските услуги, обувките и информатичката опрема, додека намалување има кај шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, гасот за домаќинствата, моторните возила, велосипедите и книгите.

Раст на цените на храна има и глобално. Па така последниот извештај на Организиацијата за храна на ООН говори дека во мај цените на храната во светот се зголемени за 27 проценти, што е рекорден раст забележан во последните десет години. Како причини за зголемување на цените се прекините во производството заради пандемијата, сушата и зголемената побарувачка која ги намали резервите на производите.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП