24 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОДали конечно „залеџе“ и „вратница“ ќе ги слушнеме како офсајд и статива...

Дали конечно „залеџе“ и „вратница“ ќе ги слушнеме како офсајд и статива во македонскиот етер?!

Со години македонската јавност особено онаа која е љубител на спортот заборави што значи да се гледа на телевизија еден натпревар со коментар на македонски јазик. Српски коментатори, хрватски коментатори или коментатори од други странски држави се радуваат и ги коментираат успесите или поразите на нашите македонски екипи па дури и на државните репрезентации. Денар побара одговори од фелата, од спортските новинари – која е причината, дали само финансиска или постои и нешто друго. Зошто познатите спортски куќи Спорт клуб и Арена спорт немаат претставништво во Македонија. Во меѓувреме од Владата решија да покренат иницијатива и дел од спортските содржини од овие телевизии кои емитуваат исклучиво спортски настани за гледачите од земјава да бидат со коментар на македонски јазик.

Според Бранко Илиевски еден од најпознатите македонски спортски новинари овие два спортски ТВ регионални канали, немаат никаква законска обврска, или обврска со одлука на Влада да емитуваат преноси со коментар на македонски јазик. Тој вели дека и операторите не мораат да обезбедат коментатори на македонски јазик, бидејќи согласно законот, можат слободно да реемитуваат спортски и не само спортски канали со сигнал кој доаѓа од ЕУ, а тоа според него значи дека ние како држава сами промовираме странски јазик и тоа со закон. Илиевски вели дека досега имало две сериозни инцијативи да се донесат во Македонија барем една од двете телевизии кои од Македонија ќе ги пренесуваат престижните спортски настани од светот. Секако во таа телевизија би работеле македонски новинари и останати технички лица.  Една иницијатива била пред 3-4 години  кога до Владата група на спортски новинари, од постарата генерација на Зоран Михајлов и Атанас Костовски со група од „поновата“ генерација која сега е со просек од околу 50 и повеќе години достави барање за регулирање на овој сегмент од етерот. Состанок бил одржан и со тогашниот Министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој љубезно разговараше, со нас, беше присутен и тогашниот советник за спорт на Премиерот Зоран Заев а сегашен претседател на МОК, но до конретно решение не се дојде. Потоа од секцијата на спортски новинари при ЗНМ имаше втор сериозен обид за регулирање, но повторно без успех, изговорот, односно одговорот беше, таков е Законот.

„Во Македонија има квалитетни новинари-коментатори, за жал, оваа новинарска фела е во „изумирање“, нови „гласови“ нема поради тоа што домашните ТВ станици се немоќни на пазарот за откуп на ТВ права да им конкурираат на регионалните канали, мал исклучок е МТВ, но и тие се мачат на пазарот поради високите цени но и поради ограничениот интерес за откуп на ТВ права. Доколку се регулира оваа сфера од етерот, секако дека ќе се создадат нови имиња, нови коментатори, кога нема каде да се работи, нема ни простор за прогрес, згора на се, влијанието од Хрватска и Србиија е големо.“

Засега Илиевски вели дека нема интерес од самите телевизии Спорт клуб и Арена спорт да влезат на македонскиот пазар. Од оваа гледна точка тој вели дека така само би се изложувале на трошок, вработувања, техничка опрема и слично кога тоа никој од нив не го бара. Згора на се, земаат голем дел од колачот наречен маркетинг од Македонија.

Еден од клучните проблеми според спортскиот новинар Дамјан Николовски е недостиг на прецизна законска регулатива, поради што најмногу профитираат странските спортски ТВ куќи. Очигледно според Николовски е дека државата нема намера премногу да се посветува на ваквите и слични проблеми со заштита на македонскиот јазик, а со тоа и едукацијата на младите преку телевизиските преноси на елитниот спорт. Според информациите од фелата, засега не можат конкретно да тврдат дека можеби некој свесно ја кочи работата, во Македонија да нема коментатор на македонски јазик кога се следи спортски натпревар на телевизиите Спорт клуб или Арена спорт.

„Не можеме да потврдиме дека конректно едно лице го блокира процесот за разгледување и реагирање по однос на нашите барања и апели. Има повеќе институции кои се задолжени за оваа проблематика, но барем до сега, нема конкретна реакција или покана за средба и дебата по која би се нашло некакво решение. Јас работев на оваа тема во повеќе наврати, организирав и ТВ дебати, но и покрај тоа не се изнајде брзо или било какво решение. Колку што јас знам, нема посериозен интерес од Спорт Клуб или Арена, пред се затоа што и двете телевизии имаат многу реклами од македонски компании, па оттука зошто би инвестирале во Македонија, кога и вака добро заработуваат од нашите брендови преку маркетинг кампањите кои се емитуваат кај нив.“  

Само пред неколку дена Владата на седница ја разгледа и усвои информацијата за овозможување содржина и емитување на македонски/албански јазик на Спорт Клуб и Арена Спорт кои се регистрирани во нашата држава. Во следните три месеци АЕК има обврска да најде начин спортските натпревари да бидат со коментатор на македонски јазик. 

„Владата ѝ препорача на Агенцијата за електронски комуникации, како надлежно тело, да формира работна група со релевантни институции и да пристапи кон изнаоѓање начин за спроведување на заклучокот за регулирање на јазичното покривање со официјален јазик на спортските канали кои се реемитуваат на територијата на Северна Македонија преку јавни комуникациски мрежи и да ја извести Владата во рок од 3 месеци за оваа можност“, велат од Владата.

Николовски е повеќе загрижен за ситуацијата во која се наоѓа професијата која тој решил да ја работи. Според него, спортското коментаторство во Македонија е професија која од година во година се повеќе тоне. 

„Ако јас сум најмладиот спортски коментатор во Македонија, а веќе сум во третата деценија од животот, се станува јасно. Професијата ни е се помалку ценета, публиката се повеќе се навикнува на српско-хрватски коментатори, а во целата приказна најмногу страдаат помладите ТВ гледачи, кои сакале или не се под влијание на странските јазици. Македонија сака спорт, а нема спортска телевизија, каде секој би сакал да се рекламира, за жал, ова во моментов е суровата реалност. Со еден таков проект, ќе се отворат позиции за младите генерации, кои гледајќи што се случува во пракса, се помалку имаат желба за оваа професија“, додава Николовски.

И додека Владата реши како ќе најде начин граѓаните од Македонија да следат спортски натпревари на македонски јазик, пред нас е Европското првенство во фудбал каде македонската репрезентација ќе го има своето деби на големите собири. За среќа државната МРТВ ќе врши директни преноси од ова првенство во живо што може да биде пример дека во иднина така ќе ги следиме и останатите елитни фудбалски, кошаркарски, ракометни и останати натпревари со коменататори на македонски јазик.

И. П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП