24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУгостителите на протест со здружени сили за спас на дејноста!

Угостителите на протест со здружени сили за спас на дејноста!

Угостителите утре излегуваат на масовен протест. Пред зградата на Министерството за финансии точно во 12 часот е закажан протестот на угостителскиот сектор кој поддршка ќе добие и од вработените во туристичката дејност, но и од останати сектори кои се сериозно финансиски погодени од оваа здравствено-економска криза. Сите со барања до властите за парична помош којa ќе им покрие дел од загубите. Ситуацијата со бројот на новозаразени никако да стивне, и тоа дополнително ја проблематизира работата.

Од Угостителската комора при Сојузот на стопански комори за Денар велат дека утре ќе протестираат сè до прифаќање на барањата за помош на секторот угостителство. Угостителите бараат неповратана помош за сите во секторот. Сметаат дека досегашната помош од државата сред пандемија не е доволна, и треба да се помогне на секој на кого му е потребно. Мартин Ангеловски, Претседател на Комората на угостители, вели дека не постои континуитет на економските мерки со цел задржување на работните места и опстојување на деловните субјекти. Загрижува фактот што повеќе ниту основната државна помош не е доволна за да можат да преживеат луѓето вработени во овој сектор. На добар дел од нив им се заканува губење на домовите и останатиот имот од страна на банките и извршителите, тврди Ангеловски.

Ова се барањата на угостителите:

„Еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година. Еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, и кои со месеци немаат никаква помош. Утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, се додека не дозволи Владата да работиме без рестрикции за нашиот сектор“, вели Мартин Ангеловски, Претседател на Комората на угостители.

Рамо до рамо на протестот ќе бидат и нивните колеги од категоризараните објекти за организирање на свадбени и останати семејни прослави. Тие веќе самостојно организираа неколку протести бидејќи државата не им дозволува да работат како останатите угостителски објекти бидејќи не се дозволени никаков тип на забави од отворен или затворен тип. Марија Синадиновска Арсовска од Заружението на категоризарани објекти за Денар вели дека мерката помош во исплата на плати и придонеси за нас е неопходно да биде континуирана, навремена и безусловна. По состанокот со Вицепремиерот за економски прашања каде се разговараше за финансиска неповратна помош, за креирање на соодветен протокол за отпочнување со работа и за финансиски инструменти кои би можеле да ги искористат угостителите објекти за одржување на својата ликвидност, и следејќи ја епидемиолошката состојба предходниот месец решивме дека протестот треба да го ставиме во мирување, вели Арсовска. Како економски оператори кои имаат забрана за вршење на дејност тие бараат да бидат посебна категорија на економски оператори во креирањето на пакетот мерки бидејќи нивната дејност како што велат не е намалена туку е забранета. Воедно побараа усвојување на протокол за организирани настани по примерот од земјите од соседството и финансиска поддршка во вид на грант за целиот период додека се под забрана за вршење на дејност. Ги образложивме детално сите наши барања бидејќи досегашната помош беше минимална и недоволна.

„Во моментов повторно излегуваме на протест, бидејќи  претходните барања не наидоа на слух од Владата. Бараме неповратна финансиска помош, за да можеме да останеме ликвидни, подршката во исплата на плати и придонеси да биде во континуитет и безусловна се до добивање на протоколот за работа, мораториум или репрограмирање на кредитите во комерцијалните банки за угостителските објекти кои работат организирани настани, и протокол за работа. Рестораните за организирани настани зад себе веќе имаат изгубено цела година економска дејност, на прагот сме на губење на втората година. За жал во апсолутни бројки неможеме да ја пресметаме загуба, но станува збор за дел од економските оператори во оваа дејност комплетно ги затворија своите објекти. Поголемиот дел од вработените ги изгубија работните места, а ликвидноста е крајно нарушена кај секој еден од нас. Останува да стравуваме за активирање на хипотеките во комерцијалните банки. Стравуваме за комплетно згаснување на нашата гранка како економска дејност“, вели Марија Синадиновска Арсовска.

И преставниците на игротеките ќе бидат дел од утрешниот протест пред Министерството за финансии. Тие се свесни колку е опасна оваа зараза. И без разлика што на детските родендени местото им е во игротеките, на толку висока бројка со заразени е нормално што никој не слави роденден во игротека. Затоа игротеките вели дека бараат финансиска поддршка се додека не се создадат услови за работа. Во спротивно оваа дејност со сигурност ќе ја снема.

„Само да не заборавиме, ние не бараме дозвола и протоколи. Тоа го имаме и го добивме. Ние имаме возачка дозвола да возиме, знаеме да возиме ама немаме автомобил. Ние бараме пари – грант се додека не се создадат услови за да може возачката да се користи, ме разбирате. Возачката ја добивме на 100 заразени на дневна основа на први октомври минатата година. Во рок од една недела сме сведоци дека бројот од 100 рипна на 1000 дневно и седми месец не се спушта“, вели Трајко Николовски од здружението на игротеки.

А солидарност на протестот ќе изразат и од туристичкиот сектор, односно претставниците на туристичките агенции. Тие веќе испратија и нови барања до Владата. Стравуваат за иднината на своите бизниси. Без итна финансиска помош ќе бидат принудени да стават клуч на врата, како што тоа веќе го сториле дел од нивните колеги во овој сектор. Падот на прометот кај сите туристички агенции надминува дури 80 отсто, тврдат туристичките работници.

„Потребна е  неповратна финансиска помош за секоја лиценцирана туристичка агенција, се со цел опстанок и ликвидност на компаниите. Бараме ваучерите кои ќе се доделуваат од владата од кампањата „Дома си е дома“ овој пат да не бидат скокнати туристичките агенции, туку да бидат задолжително искоритени преку туристички агенции“, изјави Ана Марија Алексова туристички работник.

Информациите пак кои доаѓаат од Илинденска број два се дека токму во вторник во идентично време кога ќе се одржува протестот во 12 часот владините министри на седница ќе подготвуваат нов, шести пакет, економски антикризни мерки. Оваа најава многу не ги охрабрува во угостителско – туристичкиот сектор судејќи по тоа колку се испроблематизира носењето на петтиот пакет на финансиска помош за компаниите и вработените. Допрва следува реализацијата на мерката, а повеќе од 170 илјади лица чекаат минимални плати за февруари и март. 

Инаку, угостителскиот сектор преживеа неколку кратно кратење на работното време, но на сила имаше и затворање на локалите на одредено време.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП