24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПратениците уште еднаш докажаа дека не работат во интерес на граѓаните!

Пратениците уште еднаш докажаа дека не работат во интерес на граѓаните!

Лавина од реакции во јавноста и социјалните мрежи по вчерашните случувања во Собранието. Долгоочекуваниот петти сет мерки не се донесе поради политичко инаетење помеѓу пратениците на власта и опозицијата. Двете страни си имаат своја приказна и опрадување за политичкото однесување, но крајниот епилог е дека Законите за работниците и стопанството не беа донесени. Денар побара мислења и ставови од синдикати, бизнис здруженија, експерти и новинари кои со години ја следат работата на пратениците. Мислењето е идентичко кај сите, велат дека понижувачки е за театарот како културна институција да го споредуваат собранието и тоа што вчера се случуваше во него.

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски за Денар вели дека тоа вчера што се случи во македонскиот законодавен дом, не личеше ни на театар, бидејќи театарот е врвна културно – уметничка институција, туку на карикатурален циркус, и додава дека пратениците може да ги наречеме и кловнови, не народни избраници.

„Во ситуација кога целиот свет и Македонија се соочуваат со најголемата здравствена, економска, психoлошка па и биолошка криза во човештвото во изминатите 75 години, вие да го блокирате собранието и да не ги носите законите од 5-тиот т.н економски сет на мерки со кои ќе им се вбризга финансии на стопанствениците за да може да ги задржат своите вработени, а со тоа и своите бизниси е во најмала рака неодговорно. Можеме да констатираме дека е и недржавнички, антицивилизациски, па и велепредавство кон сопствениот народ. Особено што тие т.е ,,народни избраници” земаат околу 62.000 плата, дополнително од комисиите, и најмногу од фамозните патни трошоци со кои потоа си купуваат станови за себе и своите деца. Токму затоа беше и нервозната реакција на собранискиот спикер, кој видно вознемирен и крајно искрен им одржа лекција дека треба да си доаѓаат на РАБОТА, бидејќи тоа им е ним работа и дека 101 ,,далматинец” од сите идеолошко- политички бои и етнички припадности се пријавиле за највкусната „храна” за нив – патните трошоци.

Една од погласните активистки за правата на работниците, а особено во текстилната индустрија е Кристина Ампева, која и вчера на неколку пати го изрази своето незадоволство на нејзиниот Фејсбук профил од работата на народните избраници. Според неа тоа што вчера се случуваше во Собранието е школски пример за несериозност, ароганција и аздисаност како што вели таа. Мерките се секако задоцнети, мерките се за плати за февруари и за март а сега помина и половина од април. Но Ампева вели тоа не ги загрижува пратениците, тие на први земаа плата, тие не знаат како се живее од први до први.

  „Оние за кои треба да се носат закони, моментално немаат земено барем две плати, немаат здравствено, се лечат на приватно (оти нема само корона во нашата држава, туку и останати здравствени состојби и проблеми), добиваат откази, намалени плати и злоупотреби повторно и од нивните работодавачи, извршителите блокираат сметки, ЕВН исклучуваат струја, банките си ги бараат ратите од кредитите, па многу веројатно е револтот на народот да го видат наскоро. Тогаш нема да имаат ваква аздисана дебата. Можеби дури тогаш ќе разберат дека претераа. А особено ако има и карантин во Собрание како што најави Талат Џафери, па тоа ќе резултира со уште бар 15 дена неработење на Собранието, а со тоа и ново пролонгирање на оваа политичка, здравствена и економска криза, која очигледно е на грбот на оние кои ја гледаа синоќешната собраниска циркузијада – обичните смртници, невработени, работници од приватен сектор”.

За Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштијата, однесувањето на пратениците синоќа е вистинската слика за тоа колку е тешко да се постигне реален консензус и напредок од декларативни заложби кон демонстрирање на политичката волја да се решаваат проблемите.

 „За жал дури и политиките со кои се добиваат избори и кои се однесуваат на сите ранливи категории, и не препознаваат партиска, етничка, возрасна различност, не се поштедени од политиканство. Последнава година и кризата почна да ги анулира сите напори и исчекори кои беа направени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, вклучително намалување на сиромаштија и достоинственоста на работните места. Колку подолго остануваме без соодветна реакција и не ги стопираме понатамошните продлабочувања на проблемите, толку подолго ќе ги чувствуваме последиците и во суштина ќе бидат направени ненадоместливи штети. Нашите укажувања секогаш се однесуваат на тоа дека мерките не може да бидат соодветни ако не се инклузивни, навремени и лесно достапни до граѓаните. Па така и сега, не навлегувајќи во тоа дали петтиот пакет на антикризни мерки е најправилно димензиониран, апелот е да де се изгласа веднаш, за да го намали притисокот врз целните групи”, вели Дуковска.

Со своја реакција излегоа од Синдикатот за текстил, кожа и чевли од каде велат дека нечовечки е во услови на пандемија, Парламентот да си игра со судбината на илјадници работници кои чекаат плата. Апелот на синдикатот е народните избраници да престанат да си играат со судбината на работниците.

 „Нечовечки е во услови на пандемија, Парламентот да си игра со судбината на илјадници работници кои чекаат плата за февруари и март, а сега сме април. Народните пратеници испаднаа ненародни луѓе и не знам со каков образ ќе бараат поддршка на следните избори од работниците кои ги оставија без две плати и егзистенција”, истакнува Љупчо Радевски претседател на текстилниот синдикат.

Се огласи и претседателот на ССМ Дарко Димовски, кој вели дека преку државната помош треба да се спасат работните места до втората половина на годинава, кога според него се очекува и враќање на нарачките од странство.

„ССМ укажува дека  работниците не може да бидат на маргините за нечиј политички пазар, а пратениците од власта и опозицијата да не си играат со народот и работникот и да го донесат петтиот пакет мерки и со тоа да се зачуваат работните места и исплатат платите на работниците”, истакнува Претседателот на ССМ Дарко Димовски

Денар побара став и од Комората на сметководители, кои со нетрпение го чекаат носењето на петиот сет за да може да аплицираат за мерките. Александра Андреева од ова бизнис здружение за Денар вели дека  постапките на државните институции и народните избраници се класична злоупотреба на нивните функции на сметка на фирмите и граѓаните.

„Ставот на Комора на сметководители на Македонија е дека недозволиво е во ек на здравствено-економска криза која трае повеќе од една година да се случуваат скандали за ефтини дневно политички поени. На крајот сметката ја плаќаат микро и малите претпријатија, од кои илјадници веќе затворија и луѓето останаа на улица. Со најавениот карантин во Собранието и неизгласувањето на економските мерки од 5-тиот сет, ситуацијата која и онака е алармантна, истата дополнително ќе се влоши. Со ваквите политички калкулации на крај сметководителите треба да ја сработат и работата на институциите”, вели Андреева.

Како за крај на оваа статија го презентираме и мислењето на новинарката Јулијана Кимовска Николовска, која инаку е долгогодишен известувач од собраниските седници. Нејзиното искуство вели дека често пратениците имале непродуктивни дебати и расправи, но синоќешната дебата според неа е најверојатно надминување на сите претходни непотребни дебати, со образложение дека оваа имаше посебна тежина за граѓаните.

„Пратениците и од власта и од опозицијата избраа партиските игри и надмудрувања да ги стават пред интересите на граѓаните, па речиси три часа наместо аргументирана дебата слушавме меѓусебни обвинувања за тоа зошто нема доволно пратеници во салата за да се продолжи со расправата. Инсистирањето на претседателот на Собранието да се заврши со 32 седница пред да се премине на пакетот мерки наиде на отпор кај пратениците од ВМРО ДПМНЕ кои иако присутни во Собранието одбиваа да влезат во пленарната сала и да направат кворум за да се заврши седницата која што беше во тек. Впечатокот е дека и едните и другите заборавија дека нивните плати доаѓаат токму од граѓаните и тие се нивниот глас во законодавниот дом.“  

На синоќешната дебата во собранието пратениците имаа задача да го донесат Законот со кој треба да почне реализацијата на петтиот пакет мерки, поддршка за приватните компании и плати за работниците.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП