19 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБавната вакцинација во Европа ги загрижува инвеститорите

Бавната вакцинација во Европа ги загрижува инвеститорите

Проблемите на Европа со кампањата за вакцинација загрижија некои од најистакнатите инвеститори во светот, кои сметаат дека економскиот раст може да биде во сенка на бавното темпо на започнување деловни активности, пишува „Bloomberg“.

Иако акциите во регионот го водеа глобалниот тренд и се претставија подобро во услови на продажба во технолошкиот сектор во САД, продолжените блокади за контрола на пандемијата се закана за закрепнување на економијата. Експертите од „Bank of America“ и „BlackRock“ предупредуваат дека континуираното ширење на вирусот на континентот може да влијае на стратегиите за инвестирање.

„Европејците очајно треба да ја забрзаат вакцинацијата, ако сакаат да се ослободат од вирусот“, рече Сима Шах, од „Principal Global Investors“. „Бирократијата и збунетите пораки на владите му тежат на процесот“, додаде експертот.

„Principal“ претпочита американски акции од европските, повикувајќи се на стимулативниот пакет на претседателот Џо Бајден, кој се очекува да ја зајакне економијата. Европскиот фонд за обновување „бледнее во споредба“, додава Шах.

Политички расправии, шокови во снабдувањето и јавна несигурност ја оставија Европа заостаната во процесот на масовна вакцинација. Европската унија дала осум дози на 100 луѓе, во споредба со 33 за Велика Британија и 25 за САД, според „Bloomberg“. Доцнењето за отворање на економијата за еден или два месеци може да ја чини ЕУ меѓу 50 и 100 милијарди евра бруто домашен производ, според проценките на „Bloomberg Economics“.

„Под ризик да звучиме осудени на пропаст, за жал мора да повториме дека бавното темпо на вакцинирање продолжува да го загрозува закрепнувањето на еврозоната“, рече Питер Ванден Хојте, главен економист во „ING Belgium“ во Брисел.

Сепак, има одреден напредок. Во Германија, нивото на заразените постари од 80 години опадна за скоро 80% од крајот на декември, откако лекарите дадоа приоритет на вакцинирање на постарата популација. Благодарение на новите залихи и зголеменото производство, ЕУ може да биде во можност да вакцинира 75% од возрасната популација до крајот на август – околу два месеци порано од претходно очекуваното, според лондонската компанија за истражување „Airfinity Ltd“.

За инвеститорите, сепак, ова може да биде доцна. „Ова се критичните летни месеци“, рекоа претходно стратезите на „Bank of America“. „Губењето на втората туристичка сезона е ризик за ЕУ“, додадоа тие.

Банката очекува слабеење на еврото до 1,15 долари до крајот на годинава од сегашното ниво од 1,19 долари, наведувајќи го силното закрепнување во Соединетите држави. Земјата е во состојба побрзо да ги имунизира своите жители, а нејзината целокупна фискална поддршка е околу шест пати поголема од онаа на Европскиот фонд за обновување. Покрај тоа, потрошувачите од САД заштедиле повеќе пари за време на пандемијата, велат стратезите на „Bank of America“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП