28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБогатите земји имаат резерва од 1 милијарда вакцини за Ковид-19

Богатите земји имаат резерва од 1 милијарда вакцини за Ковид-19

Најбогатите земји во светот имаат монополизирано повеќе од половина од сегашните и предвидените производни дози на вакцини за коронавирусoт, оставајќи ги земјите со низок и среден приход да се борат да обезбедат вакцини. Ова се наведува во извештајот на „ONE Campaign“, организација за борба против сиромаштијата, цитирана од онлајн публикацијата „EUObserver.com“.

Досега, десет земји добиле 75 проценти од сите вакцини против Ковид-19, додека 130 земји сè уште не добиле ниту една доза, се вели во извештајот.

Во својата анализа, „ONE Campaign“ посочува дека 27-те земји на ЕУ, Австралија, Канада, Јапонија, Велика Британија и САД веќе обезбедија вкупно повеќе од 3 милијарди дози одобрени вакцини – скоро 1 милијарда повеќе отколку што им требаат да ги вакцинираат сите нивни граѓани.

Прекумерно нарачаните дози само во богатите земји би биле доволни за вакцинирање на целата возрасна популација во Африка, се вели во документот.

Во меѓувреме, остатокот од светот успеа да купи само 2,5 милијарди дози вакцини за коронавирусот.

Само ЕУ обезбеди 2,6 милијарди дози од вакцините. Тоа ќе му овозможи на блокот да го вакцинира секој Европеец двапати, останувајќи им скоро 500 милиони дози, според „ONE Campaign“.

Извештајот се фокусира конкретно на договорите со петте водечки развивачи и производители на вакцини – „Pfizer“/„BioNTech“, „Moderna“, „AstraZeneca“, „Johnson & Johnson“ и „Novavax“.

Меѓутоа, се нагласува дека доколку се докажат други вакцини како ефикасни и безбедни, како што се оние од „Sanofi“ или „CureVac“, ЕУ ќе има дополнителни 1 милијарда вакцини за споделување.

Организацијата предупредува дека монополот според вакцините на богатите земји може да доведе до двојно повеќе смртни случаи од Ковид-19.

„Вирусот продолжува да се шири на друго место во светот, преминувајќи ги границите, мутирајќи и предизвикувајќи хаос врз заедниците и глобалната економија“, се вели во извештајот.

Доброволна солидарност

Минатиот месец, шефот на Светската здравствена организација (СЗО) рече дека светот е на работ на „катастрофален морален неуспех“ поради нерамномерната дистрибуција на вакцините против новиот коронавирус. СЗО препорачува сите земји да вакцинираат најмалку 20 проценти од нивната популација, што ги вклучува здравствените работници и најранливите, пред да започне масовната вакцинација.

Сепак, постигнувањето на оваа цел во 92 економии со ниски и средни примања е предмет на „COVAX“, програмата на Обединетите нации која има за цел да обезбеди 190 земји да имаат еднаков пристап до 2 милијарди вакцини до крајот на годината. На пример, Норвешка веќе започна да ги споделува дозите преку „COVAX“.

ЕУ исто така објави дека ќе сподели дози на вакцини со други земји преку „COVAX“, иако без јасен временски распоред.

„Можеби има ограничен број дози, досега чекаме испорачаните (дози) да станат постабилни воопшто. Можеби само во оваа фаза ќе имаме што да понудиме повеќе“, коментираше портпаролот на Комисијата.

Според стратегијата на ЕУ за вакцинирање, земјите-членки можат да споделуваат дози со посиромашните и соседните земји на доброволна основа. Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика САД и земјите-членки да дистрибуираат до пет проценти од сегашните резерви на вакцини на земјите во развој. Макрон рече дека германската канцеларка Ангела Меркел исто така се согласила дека споделувањето залихи на вакцини во ЕУ треба да биде заеднички напор.

ЕУ и нејзините земји-членки се еден од водечките играчи во „COVAX“ со над 2,2 милијарди евра. Соединетите држави ветија 3,2 милијарди евра за засилување на напорите за глобално вакцинирање.

Дипломатија на вакцини

Таканаречениот „национализам на вакцините“ или запленувањето на првите групи дози од богатите земји кои можат да плаќаат најмногу или најбрзо, предизвика натпревар за да се покаже геополитичко лидерство. Според Брендон Лок од „ONE Campaign“, „додека Русија и Кина веќе делат дози на вакцини за Ковид-19 со земји со пониски примања, ЕУ го губи тлото во трката за глобалениот пандемиски одговор“.

Индонезија, Филипини, Тајланд и Нигерија, меѓу другите, се подготвуваат да ја примат кинеската вакцина „Sinovac“, а руската „Спутник V“ веќе е одобрена за употреба во 26 земји, вклучувајќи ги Алжир, Аргентина, Ерменија, Белорусија, Боливија и Гвинеја.

Минатата недела претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен ја доведе во прашање вакцината „Спутник V“, прашувајќи зошто „Русија нуди милиони дози, додека не постигнува доволно напредок во вакцинирањето на сопствениот народ“. Москва одговори дека коментарите на фон дер Лајен може да значат „обид за политизирање на прашањето на неоправдан и … жален начин“ или несоодветно ниво на свесност за пријавените 92 проценти ефикасност на вакцината.

Одделна студија неодамна откри дека додека поголемиот дел од возрасната популација во богатите земји ќе биде вакцинирана до средината на 2022-ра година, околу 85 посиромашни земји можеби нема да имаат распространет пристап до вакцините најрано до 2023-та година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП