Компанијата „Agios Pharmaceuticals“ објави дека го продава своето портфолио на лекови против рак на „Servier Pharmaceuticals LLC“ за 1.8 милијарди долари, пренесува „Bloomberg“. Ова ќе го зајакне фокусот на биотехнолошката компанија кон лекување на генетски болести.
Договорот опфаќа два лека за акутна миелоидна леукемија – „Tibsovo“ и „Idhifa“, кои „Agios“ ги комерцијализираше со „Bristol-Myers Squibb Co“. Продажбата се очекува да и донесе на „Agios“ оваа година околу 114 милиони долари и 130 милиони долари. Договорот исто така ги вклучува и онколошките и клиничките програми на „Agios“.
Продажбата претставува значајна стратешка промена за компанијата со седиште во Кембриџ, Масачусетс, која ја изгради својата репутација врз својата работа на лекување на разни видови на рак. Многу големи фармацевтски компании имаат голема корист од иновативните третмани за рак во последниве години, и како резултат на тоа, пазарот е пренатрупан.
Како што се зголемува овој притисок на конкуренцијата, акциите на „Agios“ годинава се намалени за 30,5%. Акциите пораснаа за 38% во 10 часот во Њујорк, што е нивниот најсилен пораст во повеќе од седум години.
Извршниот директор на „Agios“, Џеки Фаус, во едно интервју изјави дека работата на лекови против рак и генетски болести, вклучувајќи програми за финансирање и фокусирање на ресурси, е предизвик. „Малку е потешко за компанија од наша големина и размер да го стори тоа“, вели таа.
Претходно овој месец, компанијата ги објави резултатите од испитувањето во доцна фаза на нејзината терапија со митапиват за ретка генетска болест, дефицит на пируват киназа. Доколку е одобрена од регулаторите во САД и Европа, терапијата може да се примени од 2022-та година.
Компанијата ги испитува ефектите на митапиват врз таласемијата и спривидно-клеточната болест. Таа исто така започнала клиничко испитување во фаза 1 испитување за друг генетски фокусиран лек, „АG-946“, во третиот квартал.
По завршувањето на договорот, што се очекува во вториот квартал од 2021-ва година, компанијата планира да врати најмалку 1,2 милијарди долари на акционерите, идеално со откуп на акции, рече Фаус.
„Ова е важна одлука за нас. Ова ќе ни овозможи да создадеме најголема вредност за пациентите, за нашите вработени и за нашите акционери“, рече Фаус. Околу една третина од 570 вработени во „Agios“ се очекува да се преселат во „Servier“ по зделката.
„Goldman Sachs Group“ и „Morgan Stanley“ се финансиски советници на „Agios“, а „Wachtell“, „Lipton“, „Rosen & Katz“ се правни советници за договорот. Финансиски советник на Servier е „Lazard“, а „Baker McKenzie“ е правен советник.



