Кинеската економија веројатно ќе ја надмине американската во 2028-ма или 2029-та година, затоа што азискиот гигант многу силно се извлекува од пандемијата на коронавирусот, според новата студија на Јапонскиот центар за економски истражувања (JCER).
Шестиот годишен извештај на непрофитната организација за среднорочни прогнози – објавен во четвртокот под наслов „Азија во коронавирусната катастрофа: Кои земји продолжуваат?“ – го разгледува влијанието на Ковид-19 врз петнаесет азиско-пацифички економии до 2035-та година.
Извештајот вклучува две главни сценарија: „основното“ или стандардното сценарио, во кое кризата е преоден настан како што е земјотресот и „отежнатото“ сценарио, кое ги уништува структурните трендови како што се глобализацијата, урбанизацијата и иновациите.
Во секој случај, брзиот успех на Кина во борбата против вирусот се очекува да и помогне да го превземе првото место од САД до крајот на оваа деценија.
„Поради влијанието на новиот коронавирус, многу земји се очекуваше да страдаат од длабоко негативните стапки на раст до 2020-та година. Но, иако инфекцијата со Ковид-19 се рашири во скоро секоја земја во светот, не се погодени сите во ист степен. Разликите што ги гледаме сега ќе имаат значително влијание врз економската големина на земјите по 15 години“, се забележува во извештајот.
Во 2020-та година, само Кина, Виетнам и Тајван се на пат да одржат позитивни стапки на раст од година во година. Стапката на Индија веројатно ќе биде негативна за повеќе од 10 проценти, додека на Филипините се очекува намалување од повеќе од 8 проценти. Хонг Конг, Тајланд, Канада, Малезија и Сингапур се соочуваат со намалување на бруто домашниот производ за повеќе од 6 проценти.
И покрај економското забавување на Кина во последниве години, поради демографските предизвици и намалувањето на инвестициите, се предвидува нејзината економија да продолжи да расте со приближно 3 проценти во 2035-та година. Во САД се гледа побавна продуктивност која го задржува растот на околу 1 процент во 2035-та година.
Стандардното сценарио на „JCER“ предвидува дека Кина ќе ја надмине Америка во 2029-та година. И до 2035-та година, економското ниво на Кина, вклучително и Хонг Конг, ќе достигне 41,8 трилиони американски долари – нешто под комбинираната скала на САД и Јапонија со 42,3 трилиони долари во тоа време.



