20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонската економија низ годините, арена за трка кон дното!

Македонската економија низ годините, арена за трка кон дното!

Македонската економија се соочува со огромни ризици и потреси низ годините, уште од самото осамостојување. Центарот за економски анализи подготви истражување во кое се опфатени посериозните потреси на економијата на Македонија. Во анализата е даден осврт на раѓањето на популизмот и клиентелизмот, а во исто време поголемиот дел од граѓанскиот сектор има слаб критички осврт врз креирањето на јавните политики на владите во земјава. Тоа дава заклучок според ЦЕА дека мислењата од страна на експертите и организациите не допирале до власта.

НЕГАТИВНИ ШОКОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА:

1992-1995 САНКЦИИ КОН Ф.Р. ЈУГОСЛАВИЈА 4,4 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

1994-1995 ЕМБАРГО НА ГРЦИЈА КОН МАКЕДОНИЈА 1,2 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

1999  КРИЗА КОСОВО 650 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

2001 БЕЗБЕДНОСНА СИТУАЦИЈА 700 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

ВКУПНИ НЕГАТИВНИ ЕФЕКТИ 6,95 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Уште од самиот старт на државата наместо властите да се фокусираат на создавање на некаква нова вредност и барање можност за развој на општествениот потенцијал тие решаваат да одат кон распределба на постоечките капацитети. Долгорочното планирање и создавањето услови за поквалитетен живот за граѓаните не се покажа дека е приоритет на политичките партии низ годините. Туку со меѓусебен договор помеѓу политичките елити доаѓа до нивно брзо богатење и добивање разни бенефити за нивните блиски соработници. Во анализата на ЦЕА стои дека посебен белег врз македонската економија останува од периодот на приватизацијата. Како резултат на тој транзициски период се наведува дека повеќе од 80 отсто од граѓаните се изјасниле дека не се задоволни, а нивната споредба е дека во 2006-та година економската состојба не е подобра од онаа која ја имале во 1989 година.

„Во Македонија БДП беше со најнизок пад од 9.1% во 1995 година, а го достигна нивото од 1990 година дури во 2008 година. Македонија го губи здивот во својата трансформација кон ефикасна пазарна економија некаде на средината на 90- те споредено со другите земји кои транзитираа од планска економија до ефикасна пазарна економија. Еден од најголемите проблеми беа нефер и неефикасната приватизација особено што генерално инсајдерските откупи на општествениот капитал немаа ниту знаење ниту мотивација да ги модернизираат стопанските субјекти и оперираа со супстандардни перформанси. Понатаму, не се отвори влез за странски инвестиции во 90-тите, а политичарите се натпреваруваа во импотентната дебата за анемичниот БДП раст со нефункционален пазар на работна сила“, стои во анализата на Центарот за економски анализи.

Што се однесува до прераспределбата на парите од буџетот на земјава низ годините може да се забележи дека најголем дел од колачот добива држаната администрација која пак наместо вистински сервис на граѓаните, се третира како гласачка машинерија која е само во корист на политичките партии кои се на власт. Дополнително во анализата стои и дека голем дел од буџетските средства владите вешто ги трошеле на клиентелизам, политичка корупција и поткуп.

„Неможејќи да создадат соодветен амбиент и темели за цврста политичка и економска подлога за иднината на државата естаблишментот и политичките елити го заокружија неуспехот со политиката за народот како ефтина работна сила некаде на крајот на првата декада од 21-от век. Граѓаните на Република Македонија станаа најевтин популарен комерцијален производ за домашните и странски капиталисти. Граѓанинот, покрај економската потценета вредност доби и политичка ефтина цена вулгаризирано во број на залепени плакати, аплаудирања на настани, добивање на сендвичи, полнење на автобуси, свесно и несвесно разнесување од еден крај на друг крај на земјата. Политичките елити, естаблишментот и нивните крони и клиенти пак, добија кој што сака па и тие си ја заокружија нивната лична агенда и лични интереси“, се наведува во извештајот.

Потоа следува период на  засилено темпо на задолжување на државата. Центарот за економски анализи наведува три канали на трошење на постигнатата ликвидност, и тоа јакнење на популизмот, финансирање на медиуми и митот како што велат за градежништвото да стане двигател на македонската економија преку проектот Скопје 2014. Во таквиот амбиент се забележува и намалување на приходите на државата, а тоа носи и сериозно загрозување на состојбата во пензискиот фонд. Дополнително мора да се напомене и процесот на агресивно субвенционирање на странските инвестиции, која во извештајот се нарекува “трка кон дното”. Тука мора да се напоменат и редовните зајакнувања на популистичките социјални трансфери пред сите избори. Но, таквата пракса доведе до тоа буџетите на државата секоја година да растат, а приходите да се намалуваат, а пак квалитетот на живот на граѓаните континуирано да се намалува.

„Во ваков социо-економски контекст кризата во која се наоѓа Македонија, многу тешко ќе се надмине, со оглед на тоа што менторите на политичките елити имаат консензус за водење на избори каде победникот добива сè. Задржан е консензусот за волумени на буџети кои се доволни за генерирање на нови клиенти и за задоволување на потребите на старите клиенти. Притоа, населението се фрагментира по етнички, класни и географски атрибути, како и по економска активност, додека државата се држи настрана од суштински ЕУ интеграции и вредности.“

Сега во време на пандемија од Ковид 19 мерките на Владата за спас на економијата и работните места според анализата се осудени на пропаст. Образложението за ова тврдење е дека парите кои се обезбедија преку задолжување, а се наменети за граѓаните и компаниите, не ги задоволија потребите на населението ниту пак поставија основа за поголема продуктивнот кај стопанството. Она што дополнително ги загрижува експертите во ЦЕА е тоа што актуелната власт подготвува терен за Јавно приватно партнерство за дел од државните капацитети кои не се ликвидни. Тој потег според нив може да биде многу профитабилен, но во земјава каде што има неефикасен јавен сектор, високо ниво од корупција и незнаење во делот на јавното-приватно партнерство имаат голем скептицизам.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП