16 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со проф. д-р Драгољуб Арсовски, претседател на Управен одбор на ТТК...

Интервју со проф. д-р Драгољуб Арсовски, претседател на Управен одбор на ТТК Банка АД Скопје – „Ефикасни и достапни и во услови на здравствена криза“

Влегуваме во “второ полувреме” од пандемијата Ковид -19. Ретко која од компаниите во текот на оваа здравствено-економска криза не е финансиски погодена. Дел од компаниите покажаа намалени или негативни финансиски резултати, некои беа приморани да го намалат бројот на вработените, а има и правни субјекти кои го затворија својот бизнис. Но, банкарскиот систем и натаму е здрав и стабилен. Банките добро се справуваат со шоковите коишто ги предизвикува состојбата со коронавирусот.

Како банкарскиот сектор се справува со кризата предизвикана од пандемијата, кои се главните предизвици, какви се очекувањата во иднина, разговаравме со проф. д-р Драгољуб Арсовски, претседател на Управниот одбор на ТТК Банка.

Денар: Еден од поголемите предизвици на банките е и справувањето со гужвите пред експозитурите. Како ТТК Банка се справува за олеснување на работата со клиентите?

Да бидам искрен, предизвиците што произлегоа од појавата на пандемијата од корoнавирусот со кој се соочува светската економија, па и нашиот бизнис, се навистина големи – по својот опфат, разновидни – по нивниот карактер, непредвидливи – по нивната појава и недоволно мерливи – по нивниот интензитет. Ова нѐ става во позиција на секојдневна, постојана и интензивна мобилност, со цел нивно навремено пресретнување, откривање, осознавање, анализирање, мерење и управување.  Долгорочната цел е елиминирање или во најмала мера ублажување на сите видови  ризици што ги следат овие предизвици во секојдневното работење, од материјален, финансиски и човечки карактер.

Во овој контекст, една од нашите активности е и намалување на гужвите пред експозитурите и на тој начин сакаме да придонесеме за безбедно банкарско работење, пред сѐ водејќи сметка за здравјето на нашите клиенти и вработени и модерно и ефикасно банкарско работење од аспект на брзината и квалитетот на извршената банкарска услуга.

Уште од пред неколку години, во нашата стратегија за развојот на модерното банкарство, започнавме со процесот на градење и обезбедување модерна, квалитетна и навремена комуникација, а во овие вонредни услови само ги забрзавме тие процеси и безбедно и ефикасно излеговме пресрет на финансиските потреби на корисниците и овозможуваме континуирана и квалитетна банкарска услуга преку дигиталните канали со низа поволности.

Имено, ТТК Банка веќе со години успешно ги афирмира платформите за електронско и мобилно банкарство без трошоци за активирање и користење и го одржува позитивниот тренд на раст на бројот на корисници и бројот на реализирани налози.

Во текот на првите месеци од кризата овозможивме и бесплатно плаќање кон сметки во други банки преку електронското и мобилното банкарство за физичките лица.

Во функција на олеснување на пристап до производите и услугите, континуирано од март овозможуваме организирана предвремена исплата на пензии и социјална помош, во повеќе денови, преку навремено информирање за нив.

Воведовме бесплатен пристап до апликацијата е-трејдер за електронско тргување на хартии од вредност за клиентите на Банката.

Банката ја засили реализацијата на платежни картички со цел корисниците да имаат во секое време достапни средства за плаќање во трговската мрежа како и можност за подигнување на средствата од банкомат.

Понудивме можност за електронско изјаснување по однос на понудите за одложено плаќање за физички и правни лица, без потреба за физичко присуство на корисниците.

Во овие вонредни околности Банката овозможува широка достапност и функционалност на деловната мрежа. Со цел овозможување подостапни услуги без физичко присуство на одредени пофреквентни локации овозможена е и услугата за уплата на готовина на банкомат за физичките и правни лица, преку користење на VISA платежните картички.

Разбирам дека за помладите генерации кои растат во дигитално општество и ги практикуваат дигиталните алатки, овие канали на дистрибуција што ги нуди ТТК Банка се подостапни во споредба со повозрасните клиенти, но дигиталната и финансиската писменост притисната од околностите во кои се наоѓаме сѐ повеќе се зголемува, па оттука и користењето на овие поволности.

Ова се разбира е обратно пропорционално со практикувањето на класичните начини на дистрибуција на банкарски производи, па очекуваме или можеме да кажеме дека не е далеку времето кога во Банка ќе се оди само кога е тоа неопходно и дека комитентите ќе можат да ја завршат секоја услуга од далечина и без гужва на шалтерите.

Денар: Кои се главните предизвици за Банката? Каква е ликвидноста и каква е состојбата со депозитите?

TTK Банка одржува солидна ликвидносна позиција. Средствата со кои секојдневно располага Банката се сосема доволни и динамизирани во согласност со редовните, но и понекогаш вонредните потреби на своите клиенти.

Стапката на дневна ликвидност, подолг временски период наназад (неколку години), е стабилна и во континуитет се одржува на ниво кое е околу 52-55% од вкупните депозити на населението и околу 35-40% од вкупните депозити на комитентите на Банката.

Ваквата стабилна и солидна ликвидна позиција претставува основен фактор што ни овозможува и во вакви специфични услови на работење да излеземе во пресрет на потребите на своите клиенти, преку понудата на поповолни услови при реструктурирање на кредитите, вклучително и можноста за одложување на нивната наплата за определен временски период.

Понудата на промотивни депозити во денари и девизи за физички лица, понудата на атрактивни фиксни каматни стапки за орочени депозити како и активното управување со пасивните каматни стапки придонесоа за одржување стабилна депозитна база, а пак годишниот раст на депозитите од секторот домаќинства, кој на годишно ниво изнесува 2,5%, само ја потврдува нивната доверба кон нас и кон политиките што ги спроведуваме.  

Денар: Иако Народната Банка препорачуваше и сѐ уште стои до тоа да не се исплаќа дивиденда, сепак ТТК Банка  исплати речиси 100 милиони денари на акционерите. Дали Банката има солидна капитална основа и дали ова беше правилен потег имајќи предвид дека ТТК Банка  е речиси целосно во сопственост на домашни акционерии со самото тоа придонесе за внес на дополнителен свеж капитал во економијата?

Препораката на Народната Банка ја разбравме исклучиво како високо професионална и стручна реакција на монетарната власт во сложени услови на стопанисување, во функција на заштита на капиталната основа на банките, на превенирање на евентуалниот одлив на капитал од нашата држава надвор од нејзините граници и на канализирање или насочување на реализацијата на позитивните ефекти од работењето на банките со цел истите да придонесат за стабилноста на македонската економија.

Одлуката за распределба на дивидендата на ТТК Банка, којашто беше донесена на Собранието на акционери на Банката, ги имаше предвид сите причини заради кои беше издадена препораката на Народната Банка и беше во целосна согласност со нив. Имено, капиталната основа на Банката е на високо ниво како резултат на повеќегодишното долгорочно позитивно работење и се одржува на стабилна и солидна основа. Банката континуирано успешно ги реализира сите зацртани стратешки развојни и деловни активности во изминатиот период што резултира со одржување долгорочна стабилност и подготвеност за апсорпција на ризиците. Издадените две долгорочни корпоративни обврзници во износ од по 1,5 милиони евра или вкупно 3 милиони евра и континуираното издвојување на дел од добивката во резерви овозможуваат солидна капитална основа и гаранција за успешно соочување со очекуваните евентуални негативни движења и последици врз стопанството коишто ќе ги предизвика кризата на светската пандемија со вирусот Covid-19. Исплатата на дивидендата исто така значеше и подобрување на ликвидноста на 1.813 физички и 131 домашни правни лица, како и данокот кон Буџетот.

Дополнително, во услови на справување со опасноста од ширењето на пандемијата, а поддржувајќи ги препораките и мерките на Владата, ТТК Банка изврши предвремено плаќање на вкупните месечни аконтативни обврски за данок на добивка за 2020 година во износ од 10.460.780 денари. Со ваквата одлука, во рамките на своето потврдено општествено одговорно делување, ТТК Банка ликвидносно го помогна буџетот во насока на зголемување на капацитетот за непречено функционирање на виталните општествени процеси и поефикасна реализација на мерките и активностите за борбата против ширењето на вирусот и заштитата на здравјето на граѓаните.

Денар: Стабилниот денар е клучно сидро на макроекономските политики. Стапката на инфлација се очекува да остане ниска, девизните резерви останаа на високо ниво. Дали монетарната политика кај нас и понатаму ќе биде релаксирана?

Монетарната политика игра многу важна улога во оваа здравствена криза. Таа,  влијае на поттикнување и одржување поволни услови за финансирање со цел да го олесни должничкиот товар на сите субјекти, а најмногу на оние кои се директно погодени од кризата.

Креаторите на монетарната политика добро знаат дека во вакви кризни економски моменти, примената на модел на релаксирана монетарна политика, во тесна координација со мерките на фискалната политика и другите економски и супервизорски мерки, е многу важна за стабилизација на монетарната и на финансиската ситуација, стимулирање на економскиот раст и зачувување на поволната среднорочна перспектива на земјата и постигнување на најповолна макроекономска политика. Затоа вистинските ефекти од монетарните мерки врз економското закрепнување на македонското стопанство може да се очекуваат дури откако пандемијата ќе биде ставена под контрола.

Трендот на ниски каматни стапки се очекува да продолжи и во првата половина на идната година кога истите треба да овозможат кредитна поддршка со флексибилни и поволни услови, зачувување на продуктивниот капацитет на економијата и пазарното функционирање.

Останува да се следи влијанието на заканата на пандемијата на трендовите на кредитирање и ликвидност.

Денар: Над 80 проценти од компаниите пријавиле значителни финансиски загуби. Пандемијата продолжува да прави „пустош“ врз стопанството. Дали ТТК Банка ги следи внатрешните економски индикатори и новонастанатите случувањата со пандемијата и како планира да се приспособи на нив?

Искрено, не можам да го потврдам податокот за загубите и оцената од првиот дел од вашето прашање, бидејќи не располагам со него, а и не сум сретнал релевантна квантификација од некој надлежен орган кој ја има таа можност да го пресмета, согледа, истражи и презентира овој важен податок за нашите компании на јавноста. Сега засега е познат само податокот за бројот на лицата кои во овие услови останаа или остануваат без работа како последица на кризата. Меѓутоа, се ближи крајот на годината кога ќе се сумираат сите финансиски показатели од работењето и се надевам дека тогаш надлежните органи ќе излезат со прецизни показатели што ќе можат да ги пресметаат врз основа на годишните сметки кои компаниите ќе ги презентираат.

Тоа што како релевантни податоци во овој момент можеме да ги следиме се резултатите за финансиското работење на банкарскиот систем и на дел од котираните компании на Македонската берза коишто во согласност со законските прописи се должни редовно и на квартална основа да се презентираат.

Од нив може да се види дека банкарскиот сектор, заклучно со третиот квартал од 2020 година, остварува зголемена финансиска добивка во однос на истиот период минатата година и покрај предизвиците што ги донесе пандемијата.  Сите показатели преку кои се следи профитабилноста и ефикасноста на банкарскиот сектор и натаму се одржуваат на соодветно ниво, што влева голема доверба кај сите нас и нуди сигурност дека оваа стабилност на банкарскиот систем ќе преставува цврста основа на која ќе се наслони ревитализацијата и обновата на македонската економија по завршувањето на пандемиската криза.

ТТК Банка исто така, заклучно со 30.9.2020 година, постигна забележителни резултати. Со своето редовно оперативно работење, успеа да генерира позитивен нето-оперативен приход во износ 65,5 милиони денари. Тука посебно сакам да нагласам дека овој позитивен финансиски резултат е далеку подобар од оној што го предвидовме со ревидираниот финансиски план на почетокот на здравствената криза во март оваа година и е со зајакнат квалитет бидејќи е резултат најмногу на ефектите од редовните приходи на Банката, со што ја потврдува одржливоста на деловниот модел и успешното управување на Банката со сите нејзини деловни аспекти.

Ние и понатаму будно секојдневно ги следиме сите макроекономски параметри и внатрешните економски индикатори и го приспособуваме нашето работење на новонастанатите состојби и ние сме свесни дека целата неизвесност со времетраењето и интензитетот на корона кризата ќе создава притисок врз одржувањето на профитабилноста на банките и во текот на наредниот период.

Денар: Дали по надминување на кризата, главен предизвик ќе биде како да се регулираат големиот број на кредити кои до сега беа со одложена отплата и да се избегне креирањето на раст на нефункционалните кредити?

Морам да кажам дека Банката успева да одржува висок квалитет на кредитното портфолио преку градење стабилни и трајни односи со корисниците. Досега ефикасно управуваме со кредитниот ризик и имаме ефикасна организирана функција на наплата.

Како и целиот банкарски систем и ние во два наврати излеговме во пресрет на нашите кредитокорисници, правни и физички лица, во поглед на одобрување и регулирање на одложениот период на наплата со цел да се ублажат негативните ефекти од кризата во која работиме.

Факт е дека второто одложување на обврските се примени кај значително помал број на корисници кои имаа реална и неопходна потреба од тоа и ги исполнуваа критериумите што беа претходно утврдени па така можеме да кажеме дека од месец октомври имаме поголем број кредити коишто се веќе во редовна отплата.

Управувањето со кредитниот ризик од друга страна подразбира и континуирано преземање активности кои значат засилен мониторинг на работењето на корисниците со повисок кредитен ризик што резултира со подобрување на наплатата на редовните и побарувањата во доцнење. Имаме релативно ниска стапка на ненаплатливи кредити којашто е резултат токму на овој мониторинг и на ефикасна навремена соработка со проблематичните кредитокорисници.  

Оваа политика на управување со кредитниот ризик подолг период наназад активно е поддржана и од политиката на мерки и активности на процесот на впаричување на преземените средства преку нивна продажба во најкраток можен рок.

Сето ова теоретски кажано можеме едноставно квантитативно да го изразиме преку показателот за учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансиските субјекти, кој кај Банката, на 30 октомври, изнесува 1,1 проценти, што претставува историски минимум и е на  пониско ниво во споредба со показателот како на ниво на банкарскиот систем, така и на ниво на групата мали банки каде припаѓа ТТК Банка.

Денар: Какви се Вашите очекувања на долг рок?

Во 2021 година ТТК Банка ќе продолжи да дејствува проактивно фокусирајќи се кон стабилно и профитабилно оперативно работење врз основа на реални и предвидливи очекувања. Во наредниот период се очекува постепено забрзување на кредитната активност, паралелно со севкупното закрепнување на економската активност и зголемената побарувачка за кредити.

Очекуваме солидната стапка на раст на кредитирањето да продолжи и наредната година. Потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе биде основа на деловната стратегија, при што и натаму депозитите од секторот население остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства.

Нашата цел е да ја одржуваме и унапредуваме конкурентноста на понудата на нашите производи и услуги, преку континуирано приспособување и подобрување на условите на производите во согласност со потребите на корисниците и пазарните услови. Континуираното иновирање и развојот на дигиталното банкарство, подобрувањето на квалитетот на услугата и искуството на корисниците останува императив со фокус на унапредување на продуктивноста.

Со оглед на окружувањето и релативно ниските каматни стапки, контролата на трошоците и квалитетот на пласманите и понатаму ќе бидат од клучна важност. Одржувањето ниска стапка на ненаплатливи кредити како еден од поизразените трендови ќе се остварува и во иднина преку ефикасното дејствување, продажбата на ненаплатливите кредити, подобрата наплата и очекувањата за економска стабилизација.

Користејќи транспарентни и етички операции, Банката ќе продолжи да ги промовира и да ги спроведува своите вредности: доверба, традиција, ентузијазам, искуство и знаење, тимски дух и професионализам.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП