28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовата Влада сериозно да се посвети на економијата!

Новата Влада сериозно да се посвети на економијата!

Економската програма на Владата за овој мандат експертите ја оценуваат како поструктурирана и поробусна во споредба со минатите три години. Сега за разлика од претходниот мандат испланирани се активности кои треба да ги елиминираат проблемите кои се јавуваа и се провлекуваа, а за кои беа упатувани серија критики од експертската јавност. Бизнисмените сметаат дека Владата мора што поскоро да го објави четвртиот сет на мерки. Дополнително бараат да се намалат или да се укинат низа давачки кои сега го оптоваруваат функционирањето на компаниите.

Еден од главните проблеми кои новата Влада мора да ги реши е подреализацијата на капиталните расходи, велат експертите. Според Благица Петрески од Finance Think, преценети се ветувањата по однос на растот на минималната но и проекцијата за просечната плата. Првично вели Петрески, ветувањата беа дека платите ќе растат до 40 отсто, а потоа најавите беа корегирани и сега се со движења од 20 до 40 отсто, а во некои сектори од 20 до 30 отсто зголемувања на плати.

„Сепак во периодот што претстои постојат низа предизвици. Прво, санирање на штетите и барање брз модел за ревитализација на економијата во пост-ковид периодот, вклучително идентификување на потенцијалите и двигателите на растот. Второ, ниската продуктивност и конкурентност остануваат горлив проблем, кој го кочи развојот. Трето, адресирањето на сивата економија директно ќе влијае на зголемувањето на даночната основа од една страна, и зголемување на мотивацијата кај редовните плаќачи од друга страна. Оттука, растот на економијата од 4% до крај на мандатот на Владата е реалистична, но зависи и во која мера ќе се адресираат предизвиците што претстојат,“ вели за Денар Благица Петрески од Finance Think.

Од Сојузот на стопански комори пак за Денар велат дека економскиот тим на Владата како приоритет треба да донесе мерки за спас и одржување на економијата, со оглед на тоа што кризата трае во континуитет веќе шест месеци. Претседателката на ССК Данела Арсовска вели дека сите проекции на Владата треба да се базираат на реалните потреби на претпријатијата. На тој начин бизнисмените би можеле да очекуваат опоравување, а дури потоа и одреден раст и развој на економијата.

„Состојбата во која се наоѓаат претпријатијата е незавидна, имајќи  предвид дека последната помош која што ја имаа за зачувување на работните места заврши заклучно со месец јуни. Согласно анализите на Сојузот, неопходен е интервентнен нов пакет на економски мерки со кој ќе се подобри ликвидноста на претпријатијата и ќе им се даде финансиски стимул за да може да ја пребродат кризата. Во овој период кога стопанството ја чека фазата на опоравување неопходно е да се елиминираат сите непредвидени трошоци како скриените неданочни такси, давачки и надоместоци воведени од централната и локалната власт, независните агенции и регулаторните тела. Парафискалните давачки претпријатијата кои согласно регистарот на ССК ги има повеќе од 145 може итно да се скратат за да им се олесни работењето на претпријатијата во следниот период“, вели Данела Арсовска од ССК.

Сојузот на стопански комори од Владата дополнително побара и намалување на ДДВ. На тој начин од ова бизнис здружение очекуваат полесно функционирање на претпријатијата од повеќе сектори. Но секако потребни ќе бидат и дополнителни мерки бидејќи информациите од терен покажуваат дека има компании кои не можат да ги подмират основните режиски трошоци.

Инаку, премиерот Зоран Заев веќе оствари средба со најголемите стопански комори во земјава. Тој придружуван од својот економски тим во Владата најави стабилност и предвидливост во следниот период и нови мерки за стопанството и за граѓаните бидејќи тврди дека нема во следните четири години да има предвремени парламентарни избори. Потврди дека последниве шест месеци се проблематични за стопанството кое остана без 30 илјади вработени и сега ќе се прават напори како тие луѓе да дојдат до ново работно место.

„Испраќаме порака за доминантен фокус на Владата на економијата, економскиот стандард на нашиот народ, севкупен економски раст и развој затоа што нивото на кое сме дојдени навистина е „напеналено“, а пред нас е неповторлив период кој мораме да го искористиме. Испративме порака за предвидливост во периодот кој претстои, ќе има е стабилен период без предвремени избори, четиригодишен, многу значаен за домашната економија која ќе може да прави планови за свој динамичен раст и развој и да ја има предвидливоста за кои било идни инвестициски или кои било активности на бизнис секторот“, истакна Заев на првиот работен ден на новата Влада.

Во следните четири години бизнис заедницата смета дека во преден план Владата треба да ги стави борбата против ковид-кризата, но да се посвети подетално на изградбата и рехабилитацијата на патиштата. Потребно е и поефикасно менаџирање со државната каса, посериозна борба против корупцијата, искоренување на сивата економија и задржување на младите во земјава.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП