25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИСкандал во германска компанија, од банкарските сметки исчезнале 2 милијарди евра

Скандал во германска компанија, од банкарските сметки исчезнале 2 милијарди евра

Акциите на компанијата „Wirecard” денеска паднаа уште 50 отсто по вчерашната објава дека недостигаат 1,9 милијарда евра од сметките на компанијата.

Ревизорот на таа финансиско-технолошка група, која некогаш важеше за ѕвезда во германскиот технолошки сектор, објави дека од сметките на компанијата недостигаат 1,9 милијарда евра.

Хаотичната распродажба, која почна вчера со падот на вредноста на акциите од дури 60 проценти, ескалира денес затоа што двајцата најголеми инвеститори се заканија со тужби против „Wirecard” како резултат на сметководствениот скандал што го доведе во прашање опстанокот на оваа некогаш високорангирана компанија за платен промет, пишува „Фајненшл тајмс“.

Инвеститорот „Јунион инвестмент“, еден од 10-те најголеми акционери, се приклучи на фондот ДВС, кој се закани дека ќе ја тужи компанијата, која речиси две децении важеше за успешна германска приказна во технолошкиот сектор.

„Wirecard”, со седиште во предградието на Минхен, обработува десетици милијарди евра трансакции со кредитни и дебитни картички на годишно ниво.

Аферата избувна во четвртокот кога беше откриено дека 1,9 милијарда евра исчезнале од сметките во две азиски банки.

Ернст Јанг, долгогодишен ревизор на компанијата, рече дека има индиции оти овластено лице за банкарските сметки на „Wirecard” се обидело да го измами ревизорот и дека е можно да доставил лажни изводи за сметките.

Ревизорската компанија одби да го потпише ревизорскиот извештај за 2019 година поради исчезнувањето на парите, пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Банка на Филипините е една од двете азиски банки во кои „Wirecard” тврди дека депонирал пари, изјавила за британската агенција личност запознена со инцидентот.

„Не може да се исклучи дека „Wirecard” стана жртва на големa измамa“, рекол извршниот директор, Маркус Браун, во видеопорака.

Тој не кажа кој е осомничен за извршување на измамата, а БПИ и БДО, две филипински банки, ги негираа тврдењата дека тие имале каква било врска со германската компанија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП