29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономијата во слободен пад

Економијата во слободен пад

Растот на  БДП од само 0,2% за првиот квартал во 2020 година е очекуван заради забавувањето на стопанската активност кое почна со прогласувањето на пандемијата од КОВИД – 19 на почетокот на месец март 2020 година, вели за Денар Универзитетскиот професор Зоран Ивановски. Според професорот, тоа значи дека и покрај остварениот раст во првите два месеци од 2020 година ударот на кризата делуваше ретроградно и влијаеше на “скромниот“ раст за првото тромесечие. Намалувањето на индустријата од -5,1% e пред се резултат на затворањето на крупните индустриски капацитети кои се претежно во странска сопственост во слободните ТИРЗ зони, меѓутоа и на намалените и откажани порачки, како резултат на забавената стопанска активност на нашите традиционални извозни пазари.

„На ова се надоврзува и падот на трговијата, транспортот и угостителството, сектори кои се и најмногу погодени од пандемијата. Мораме да потенцираме дека повеќето направени предвидувања за движењето на БДП во 2020 година од страна на релевантни меѓународни институции, како и НБРСМ, сугерираат негативни стапки на раст на БДП, што со овие остварени движења, само се потврдуваат“, вели Ивановски.

Со свое видување околу нивото на Бруто домашниот производ излезе и институтот за економски анализи Finance Think од каде велат дека ударот од кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот Ковид-19 врз економијата започна во втората половина од март 2020, што предизвика БДП во целото тримесечие да се зголеми само за 0.2%. И од институтот ги потенцираат намалената производна страна во индустријата, затегнатата глобална трговија, намалениот транспорт и затворениот угостителски сектор. Што се однесува до расходната страна ефектот од индуцираната контракција и отежнатото движење е видлив кај падовите на извозот и увозот, -5.4% и -3.2%, соодветно, како и кај значителното забавување на растот кај инвестициите и потрошувачката.

„Во моментот, Finance Think ја задржува проекцијата за падот на БДП во 2020 на -3.8%, како и во вториот квартал од 2020 на -12.7%. Но, двете проекции се под особено изразени негативни ризици, во целост детерминирани од времетраењето на индуцираната контракција и отежнетото движење предизвикани од Ковид-19. Особено, овие проекции се изградени врз претпоставката за значајно олабавување на рестрикциите кон крајот на мај 2020, што може да не се случи во услови на втор пик од пандемијата во истиот период“, велат од институтот Finance Think.

Инаку, за поголемиот дел од експертите беше очекувано економијата во првиот квартал да оди и во негатива. Но податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека БДП во првите три месеци од годинава е на ниво од 0,2 отсто. Во првиот квартал од годинава е забележан раст на домашната потрошувачка од 2,7 отсто, но регистриран е пад на извозот од над седум отсто. Намалување има и кај увозната страна од близу пет отсто. Последната проекција на властите се дека економијата на крајот на годинава ќе се намали за 3,4 отсто. Пред кризата од Илинденска предвидуваа раст на економијата за годинава од 3,8 отсто. Лани годината заврши со раст на БДП од 3,6 отсто.

Дополнително уште неколку економски параметри покажуваат дека состојбата не е добра. Освен намалувањето на трговската размена на земјава со странство, се зголемуваат и трошоците за живот на граѓаните. Во меѓувреме во последниве три месеци работното место го загубиле над 15 илјади работници во Македонија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП