19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо интерес на здравјето на граѓаните Стопанската комора на Македонија бара стриктна...

Во интерес на здравјето на граѓаните Стопанската комора на Македонија бара стриктна примена на законите во врска со употребата на дезинфициенси на пазарот

Во оваа вонредна состојба, кога се води голема битка за здравјето и животите на граѓаните, мора да се преземат сите можни чекори за нивна заштита. Заради тоа, мора да се обезбеди стриктна примена на законските одредби во врска со продажбата на биоцидни производи на пазарот (дезинфициенси за раце, за површини и за подови). Ова е особено важно во постојните услови на нивно енормно користење.

Според регулативата, секој добавувач за да стави дезинфициенси во промет треба да поседува дозвола, односно решение, за ставање во промет на биоцидни производи, издадена од Министерството за здравство. За да се знае точно кој производ е одобрен, надлежните институции треба во најкус можен рок да ги ажурираат информациите на соодветната интернет-страница (www.hemikalii.gov.mk) со објавување само на важечките решенија од Министерството за здравство.
Истовремено, треба да се известат сите учесници во синџирот на дистрибуција, но и сите државни институции, за тоа кои биоцидни производи, односнo дезинфициенси смее да ги има во продавница или смеат директно да се набавуваат, за притоа корисниците да не бидат доведени во заблуда.
Тогаш ќе се олесни и работата на инспекциските служби за спречување на ставање во промет на дезинфициенси за кои не е издадено одобрение од Министерството за здравство.

Значи, Стопанската комора на Македонија во суштина инсистира на стриктна примена на Законот за хемикалии, Законот за трговија и Законот за индустриска сопственост. Само така ќе се избегнат сите ризици и какви било несакани ефекти врз здравјето на населението поврзани со употребата на дезинфициенси.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП