Андре Риу, холандскиот крал на валцерот и човекот кој овозможи класичната музика да е достапна за сите, заедно со својот оркестар „Јохан Штраус“, на 27 ноември ноември повторно ќе настапи во Скопје во С.Ц. „Борис Трајковски“ како дел од својата светска турнеја, најави „Пасворд“ продукција.
„Јас и мојот оркестар сме многу радосни за повторното гостување во Скопје во склоп на нашата светска турнеја”, вели Андре Риу.
„Концертот во 2019 беше навистина емотивен и незаборавен, а прекрасната публика нè пречека со огромен ентузијазам. Со нашето враќање во ноември ја прославуваме љубовта, животот и секако, музиката“, додава тој.
Андре Риу верува дека класичната музика е создадена за сечие уживање, па преку својата умешност, на забавен начин, ја приближува до сите возрасти. Токму поради таа причина, Андре е еден од најдобрите изведувачи на нашето време.
Неговите настапи се многу повеќе од само музика – раскошни фустани, романтични светла и пространи платна зад оркестарот, заедно со бројни интернационални солисти и сето тоа зачинето со добар хумор. Таму е дозволено да се смее, плаче, игра, танцува… перфектен спој за одлична забава.
Билетите ќе бидат достапни во продажба од среда, 11 март, од 10 часот на www.andrerieu.com , mktickets.mk и на www.karti.com.mk.