28 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИМисла на неделата – А можевме (можеме) ......

Мисла на неделата – А можевме (можеме) ……

Одaмна гледав еден југословенски воен филм. Коле Ангеловски одигра брилијантна роља во истиот филм. Не се сеќавам како беше насловот, но приказната беше отприлика ваква.

Дејствието се случуваше за време на втората светска војна, поточно во усташки концентрационен логор. Затвореници беа политички дејци, но и обични правдољубиви граѓани. Покрај сите мачења и неправди, еден од затворениците, ќе го наречеме Станко, како покрупен од другите беше поставен од страна на усташите за редар и економ. За да се додвори на усташите, Станко со црвената редарска лента на десната рака и дрвен пендрек, безмислосно ги малтретираше па и тепаше другите затвореници. Нормално, ќотекот и неправдата од “ближниот свој” боли многу повеќе, па затоа другите затвореници се договорија на најкрупниот меѓу нив (ќе го наречеме Данко) да му даваат дел од своето јадење. Воедно го тераа и да вежба па така засилен да го истепа Станко. И така сиротите го хранеа Данко, го вежбаа и се радуваа на мислата како Станко ќе јаде ќотек. Данко зајакнуваше, а Станко пак стануваше се полош и полош. Арно ама, еден ден Станко влегува во спалната кај другите затвореници без црвената лента на десната рака и без пендрекот. Згрешил нешто пустинскиот, крадел од залихите и што ли е важно освен дека веќе не е редар. Затворениците осилени започнуваат да му претат и да му се закануваат “Само да дојде Данко, ќе го видиш Бога.”  И влегува Данко, но сега тој ја има црвената лента на десната рака и го држи пендрекот, ги гледа од високо сите и им вели дека сега тој е главен.

И што се случи? Затворениците продолжија и понатака да двојат од својата храна за да му ја даваат сега на Станко и да го тераат да вежба за да ги брани од Данко.

Ви го пишувам ова затоа што мене некако ми е ова многу познато, како тоа да го преживувам во овие дваесет и седум, осум години. Што мислите вие?

Друго нешто. Кога студирав, беа почетоците на демократијата во Македонија, почеток на плуразлизмот, ние млади, осоколени, ќе го менуваме светот. Како врв на демократијата меѓу студентите беа изборите за органите на студентската организација, како по факултетите така и на ниво на универзитетот. Имавме и избори и за советот на станари по студентските домови. Она што беше од тоа време е дека главните политички партии се обидуваа и успеваа да имаат влијание и врз овие совети, организации и слично. Како директен учесник тогаш не сфаќав што се случува, но од оваа перспектива, катастрофа. Студентите кои треба да се алтернатива во државата беа манипулирани и купувани со место во студентски дом, во организациите и со ветувања за идни директорски места (некои навистина потоа станаа директори и пратеници, министри ….). Што зборува за ова наше општество? Како студент и јас бев дел од студентските протести и маршеви против Тетовскиот Универзитет (во 90-тите години) и колку и да сме биле во право или не, имаше движење и студентски барања. Жалосно е што поминаа повеќе од 17 години до новите студентски движења и протести по факултетите. Каде се студентите кои студираа измеѓу? За жал, најмногу од нив се иселија од државава.

Трето, низ годините на секоја невладина организација која се формираше, на секој експерт, на секоја критика на власта се формираше нова НВО, се наоѓаше нов експерт кој ја бранеше власта. Дојде партијата да биде најголемата препорака и најголем адут за вработување и напредување во кариерата. Е драги мои, излеговме од комунизмот за да паднеме во уште поголема стапица.

И сега имаме општество какво што имаме, незаинтересирана и апатична младина, брзи и лажни вести на сите страни. Знаете ли што е полошо од сиромаштијата во џебот? Тоа е сиромаштијата во умот. Таков човек или народ најлесно можеш да го манипулираш.

Искрено се надевам дека конечно, повторно ќе има критична маса која ќе иницира промена на општественото мислење и на однесување во целина. Имавме референдум за името, зошто да нема референдум и за ДУП-ови и за закони и за се што ќе влијае на квалиетот на животот. Да не дозволеиме да ги казнуваме политичарите само на избори. Политичари, тргнете ги рацете од младите, невладиниот сектор и од бизнисот.

И да, доста живееме како во филмот дека некој друг дека треба да дојде да не спаси. Истото се однесува и на бизнисот и на тоа дека треба да се охрабрат многу луѓе и да решат да започнат свои бизниси. За пример, САД како најразвиена економија се земја со најголем број отворени нови фирми по глава на жител во светот.

Сакам да верувам дека најлошото е зад нас. Искрено верувам дека скорото влегување во НАТО само ќе ја подобри економската, социјалната и правната состојба во државата. Со тоа ќе има и повеќе можности за сите нас млади, помлади и постари.

Исто така, сите треба да го прифатиме процесот на доживотно учење. Денес има можности за надградби на знаењата и усвојување на нови технологии, преку разни курсеви, обуки, интернет тренинзи и слично. Ги поздравувам и банките кои под плаштот на проактивноста и грижата за корисници вршат обуки, но и вмрежување на своите клиенти.

Мене ме учеа дека срамота е да се краде и лаже но нема работа од која треба да се срамиме. Еве на пример веќе сериозно почнува да се чуствува недостаток на занаетчии (молери, електричари, плочкари …), па не се чудете ако наскоро започнам да се рекламирам во Денар.мк и да нудам такви услуги.

М Скот Пек, американски психијатар го дефинира животот како пирамида на чиј врв е успехот, а на дното неуспехот. Човек треба да се стреми, да има желба, да оди нагоре, но дека мрзата, а јас ќе додадам и стравот од неуспех, не влечат надоле.

Да бидеме сите похрабри, да веруваме во себе и да не дозволиме да ни го перат мозокот. Да не дозволиме Станко и Данко и понатака да не манипулираат и заплашуваат или одењето во странство не ни бега на сите.

М-р Раде Чоловиќ

Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК

За англиска верзија кликнете ТУКА / For english version click HERE

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП