
Германија планира до крајот на годината да усвои закон за основање на државен фонд кој ќе ги штити компаниите од странски преземања, соопштија владини извори, додавајќи дека во Берлин, тие сметаат дека повеќе не можат да остават сè на пазарот.
Министерот за економија, Питер Алтмајер, предложи формирање на таков фонд во февруари оваа година како дел од новата индустриска стратегија.
Во тој документ, како клучни индустриски сектори во следната деценија се издвоени челичната и алуминиумската индустрија, хемиската индустрија, производството и дизајнот на машини, оптиката, автомобилската и индустријата за медицинска опрема, зелената технологија, воената индустрија, воздушната индустрија и 3-D печатењето.
Меѓу компаниите чиј опстанок Алтмајер ги оцени како клучни за економијата како целина, ги издвои, Deutsche Bank, ThyssenKrupp, Siemens, како и големите германски производители на автомобили.
Владата работи на нацрт-законот, а фондот може да започне со работа од следната година, според извори на Ројтерс.
Предвидено е Националниот Инвестициски Фонд да соработува со приватниот сектор за купување сопственички удели во компании, со цел да се спречат несакани преземања, изјавиле двајца извори во владата кои сакале да останат анонимни.
„Германија досега избегнуваше да ги дефинира сопствените интереси, но тоа почна да се менува. Гледаме дека повеќе не можеме да седиме со скрстени раце и да оставиме сè на пазарот, што значи дека и е потребна поголема заштита на државата“, рече еден од изворите.
Со фондот би можела да управува државната развојна банка KfW, или ќе се формира сосема нова институција за управување со сопственичките акции, изјавил друг извор.
Инвестициите би биле ограничени на “посебни случаи”, а акциите би се купувале за ограничен временски период, објаснил претставник на Министерството за економија.
Таквите случаи, главно ќе бидат насочени кон заштита на клучната инфраструктура и би се засновале врз основа на проценка на владата, дека одреден инвеститор надвор од Европа претставува закана за националните интереси на Германија, изјави тој.
Сегашниот пресврт во Берлин е одговор на трансформацијата на Кина од клиент во конкурент. Дополнителни стимулации се заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за еднострани трговски санкции и повисоки царини, објавија владини извори.



