26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: пад на конкурентноста – платите растат побргу од продуктивноста

Анализа: пад на конкурентноста – платите растат побргу од продуктивноста

Платите растат многу побргу од продуктивноста. Со тоа македонските компании ја губат конкурентноста што на долг рок може сериозно да се одрази на економскиот раст. Дополнителен проблем за бизнисот може да биде и најавеното ново зголемување на минималецот.

По подолго време измерен раст на продуктивноста

Продуктивноста на македонските работници пораснала за 0.6% во првиот и за 0.7% во вториот квартал од 2018-та година во однос на соодветните периоди од 2017-та. Ова го покажуваат најновите анализи на Народната Банка објавени во кварталниот извештај.

„Секторски гледано, ова во најголема мера се објаснува со растот на продуктивноста во услужниот сектор и индустријата, но и со значителното забавување на падот на продуктивноста во секторот ‘земјоделство’“ се наведува во извештајот од Народната Банка.

Во текот на 2017-та имаше постојан пад на продуктивноста која во текот на годината падна за дури 2.1%.

Народната Банка продуктивноста ја пресметува по формулата сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени.

Така во 2017-та бројот на вработени порасна, а економијата стагнираше што резултираше со негативните бројки. Во 2018-та заедно со растот на вработеноста беше остварен и раст на економијата.

Но, не сите компании ја зголемиле својата продуктивност. Анкетата на Делегацијата на Германското стопанство во земјава покажала дека лани продуктивноста се зголемила кај само 40% од компаниите.

Просечната плата порасна за дури 8.1% за една година

Иако продуктивност порасна за околу половина процент, а просечната плата за цела 2018-та имаше фантастичен раст од дури 8.1%. Со ова значително се зголемија трошоците за компаниите.

„Повисокиот раст на платите во споредба со растот на продуктивноста придонесе за раст и на трошоците за труд по единица производ од 5.4%. Притоа, најголем дел од растот се објаснува со повисоките трошоци за труд по единица производ во индустријата, при истовремен поумерен придонес од услужниот сектор и од секторот ‘земјоделство’“ се наведува во извештајот од Народната Банка.

Токму на ова предупредуваат и бизнисмените, особено по најавите за дополнителен раст на минималната плата годинава.

„Ова е наметнување, на некој начин ова е директива. Ние добиваме директива за извршување, тоа ќе резултира со уште еден чекор до поголема урамниловка. Ние пазарите ги губиме, ние немаме доволна продуктивност“ објаснува Маријана Перковска, Кластер за текстил.

„Идејата на Владата од канцеларија, административно да предлага покачување на минималната плата е несериозна. Кога станува збор за покачување на минималната плата и животниот стандард не значи дека само со минималната плата треба да се зголемува животниот стандард“ вели Миле Бошков, Конфедерација на работодавачи.

Македонија на европското дно според продуктивноста

Македонија е на европското дно според продуктивноста на работниците. На речиси исто ниво е и Бугарија, а најдобро се рангирани Луксембург и Норвешка.

Според последните официјални податоци на Евростат кои се однесуваат на 2017-та година еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија.

Минимално подобро рангирана од Македонија е Бугарија со 43%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%. Најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Во податоците ги нема Србија, Босна, Албанија и Косово.

Каде е проблемот? Стара технологија и балкански менталитет!

Проблемот со слабата продуктивност е повеќеслоен. Бизнисмените велат дека тој е комбинација од повеќе фактори, но пред се е резултат на старата технологија и рачната работа.

„Конкретно во мојата бранша, текстилот, главен проблем е застарената технологија која се применува. Тука е разликата. Мора да се работи на воведување на нови технологии а за тоа ни се потребни пари. Има кредити со релативно ниски камати но роковите за враќање се прекратки. Потребни се сериозни мерки и државна стратегија за секторот“ вели сопственик на конфекција која вработува 150 луѓе во Штип.

Дел од бизнисмените посочуваат друг проблем – менталитетот. Според нив работниците тешко се прилагодувале на новиот капиталистички систем.

„Ние имавме трансформација на нашето стопанството од социјалистичко во капиталистичко и нашите вработени се уште имаат остатоци од тој систем и од тоа време“ вели сопственик на фабрика за производство на делови за земјоделски машини.

Дополнително влијание има и недоволната квалификација на работниците.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП