25 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОБарди го „начна“, Нестор го „реши“ Лихтенштајн

Барди го „начна“, Нестор го „реши“ Лихтенштајн

Фудбалската репрезентација на Македонија е пред пласман во Ц лигата на Лигата на нации и место во плеј-офот со кое ќе се брка место на Европското првенство, откако триумфираше на гостувањето кај Лихтенштајн со 2:0 благодарение на фантастичниот гол од слободен удар на ѕвездата на Леванте, Енис Барди и потврдата во финишот на мечот на Илија Несторовски.

По пет натпревари, Македонија има освоено 12 поени со четири победи и еден пораз (од Ерменија на гости), три повеќе од Ерменците, кои се вратија од шокантното водство на Гибралтар да не дозволат нов шок и да победат со 2:6.

Мечот во Вадуц почна „цврсто“, откако домаќините целиот свој фокус го имаа префрлено на одбраната, играјќи „бункер“, кој нашите репрезентативци не успеаја да го „скршат“ сѐ до 53. минута, кога Сандро Визер направи фаул на работ на шестнаесетникот за што го доби својот втор жолт картон, а Барди не згреши од совршена позиција, уште еднаш покажувајќи дека е еден од најдобрите фудбалери на светот во изведување на слободни удари.

Во 90-тата минута, капитенот Пандев го проигра Александар Трајковски, кој го „повлече“ голманот и му додаде лесна топка на својот соиграч од Палермо, Илија Несторовски, кој ги постави конечните 2:0.

Мала „дамка“ на мечот фрли жолтиот картон на Горан Пандев во неговиот 99. меч во националниот дрес, што значи дека тој нема да може да игра во понеделник во мечот со Гибралтар, на кој ќе треба да се потврди првото место на четата на Игор Ангеловски. Проблеми има и за Стефан Спировски, кој помина само неколку минути на теренот како замена, пред да добие повреда на ногата по еден остар старт на противнички фудбалер.

ЛИГА Д, ГРУПА 4

Гибралтар – Ерменија 2:6

Лихтенштајн – Македонија 0:2

Табела: Македонија 12, Ерменија 9, Гибралтар 6, Лихтенштајн 4

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП