1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРегионални разлики – има причина зошто сите доаѓаат во Скопје

Регионални разлики – има причина зошто сите доаѓаат во Скопје

Скопје не е само политичкиот туку и економскиот центар на Македонија. Најголем дел од активностите се концентрирани во главниот град каде се даваат и највисоките плати но се постигнува и најголемата продуктивност. Со ребалансот на буџетот кој е во собраниска процедура се зголемуваат парите предвидени за рамномерен регионален развој.

Најбогато во Скопје, најсиромашно во Кратово и Крива Паланка

Жителите на главниот град се единствените кои имаат плати над државниот просек. Така во Скопскиот регион просечната нето плата во 2017-та била 26.790 денари, во Полошкиот 21.809, во Пелагонискиот 21.196, во Југозападниот 20.361, во Вардарскиот 18.213, во Југоисточниот 18.293, во Североисточниот 17.749 и во Источниот 17.653 денар. За овој период просекот на ниво на цела земја бил 22.928 денари.

Платите се одраз и на продуктивноста, скопјани имаат највисок Бруто – домашен производ по глава на жител (386.876 денари). Следуваат Југоисточниот регион (315.717), Вардарскиот (291.516), Пелагонискиот (260.855), Источниот (253.656), Југозападниот (212.913), Североисточниот (164.161) и Полошкиот (121.824). Просекот на ниво на цела држава бил 269.996 денари по глава на жител.

Најниска стапка на невработеност има Југоисточниот регион (12.0%). Следуваат Источниот (12.9%), Пелагонискиот (16.3%), Вардарскиот (20.1%), Скопскиот (22.5%), Полошкиот (29.0%), Југозападниот (30.5%) и Североисточниот (35.7%). Податоците се однесуваат на 2017-та година кога стапката на ниво на Република Македонија изнесувала 22.4%.

Третина фирми во скопскиот регион

Статистиката покажува дека една третина од сите компании се регистрирани во главниот град. Според ДЗС, во скопскиот регион има 26.947 фирми, следи полошки со 8.118, пелагониски со 8.064, па југозападен со 7.238, источен со 5.615, вардарски со 5.383, а на последно место е североисточниот регион со нешто над 4.084 регистрирани компании.

Во Скопје има и најмногу продавници и маркети (над 4 илјади), следат Полог (над 2.700) и Пелагонија (речиси 2.600). Најмалку продавници има во Вардарскиот и Источниот регион (по нешто под 1.600).

Во Скопје најмногу продавници има во Центар (речиси 1.000), следат Карпош и Аеродром (по нешто помалку од 500). Најмалку има во Сарај (нешто над 50).

Секој трет Македонец живее во Скопје

Ако се земат предвид сите податоци лесно може да се заклучи зошто многумина среќата си ја бараат во главниот град – скопскиот регион има најмногу жители и нивниот број постојано се зголемува а во речиси сите останати делови од Македонија се намалува.

Така, скопскиот регион има 626.071 жители. Следуваат Полошкиот со 321.199, Пелагонискиот со 229.491, Југозападниот со 219.702, Источниот со 175.939, Североисточниот со 176.214, Југоисточниот со 173.476 и Вардарскиот со 152.410 жители.

Ова се последните податоци со кои располага Државниот завод за статистика (ДЗС) и се однесуваат на состојбата на 30.06.2017 кога според процените во Македонија имало вкупни 2.074.502 жители.

Во однос на 2016-та вкупниот број на жители на Македонија е зголемен за околу 2 илјади. Во скопскиот регион има зголемување од 4 илјади, во полошкиот од 1 илјада, а во останатите има благо намалување.

Стратегија има, имплементација нема

Македонија има стратегија односно програма и посебен орган кој ја спроведува – Бирото за рамномерен регионален развој кое финансира проекти во посиромашните општини. Според официјалната интернет страница, целите на институцијата се рамномерен и одржлив развој на целата територија на Македонија, намалување на разликите меѓу планските региони и подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани. Колку е успешно нивното достигнување покажуваат статистичките податоци.

Со ребалансот на буџетот се додаваат пари за рамномерен регионален развој – од првично планираните 5 милиони и 340 илјади евра на 6 милиони и 587 илјади.

„Од вкупно планираните средства за рамномерен регионален развој 70% се наменети за реализација на проекти за развој на планските региони, 20% за развој на подрачјата со специфични развојни потреби и 10% за развој на селата, со цел реализација на проекти за развивање на современа и модерна инфраструктура во планските региони и поттикнување на економскиот раст во истите“ стои во предлог – ребалансот на буџетот.

Со ребалансот се префрлаат повеќе пари и на општините што дополнително би требало да го поттикне локалниот економски раст. 50 милиони евра од државната каса треба да завршат за сервисирање на долговите на единиците на локалната самоуправа.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП